Ташко Ширилов. „Тимотеј и Лидија“ ПРВА ГЛАВА Денес, во утринските часови... луѓето ќе имаат можност да посматраат еден редок природен феномен - тотално затемнување на сонцето... Најцелосно затемнувањето ќе се гледа од Скопје... во осум часот и четириесет и пет минути... („Нова Македонија“, 15.02.1961) Уште во зорнини, додека муграта ги белеше стаклата на прозорците, и старо и младо и машко и женско беше излегло на улица. Имаше тука и денгубници, акрепи и збирштина од зејгори. Сите имаа најдено втас да се вооружат со парче зачадено стакло очекувајќи ја доживелицата на столетието. Тие се врвчеа во настројба да изберат колку што е можно подобро место под сонцето за да можат со угодност да го посматраат неговото тотално затемнување: зашто треба, колку што е можно подобро, да се види тоа сонце кога ќе почне да се вовлекува во своето небесно дувло и кога ќе заприлега на тркалезна гламна меѓу жарчињата од ѕвезди. Во февруари е можна вистинска дрча или витлавица, но овој ден, овој ведар ден со своето провирно небо е божествена благодат. Каков запал! Нека биде еднаш и сонцето страдалник. И нека настане морија во неговата неприкосновена посебност. Часкум и тоа нека ги сети своите зраци како морници од небото кон земјата. Каков натлак од мургавина ќе има наскоро врз нашето сакано сонце! Низ зачаденото стакло што го држиме в рака и тебе, сонце, ќе те видиме еднаш во нашата општост. Да го видиме еднаш, о сонце, и твојот очајнички проблесок. Се знае дека ќе ти треба жеголач за да си го разбуричкаш својот одмален пламен. Повлечи се од пред нашите очи и стави ја својата заврница. Денес ти ќе бидеш залажачка за големо и мало. За првпат ќе бидеш тацна на нашиот поглед, на нашиот љубопитен взор. Сета оваа развражана збирштина сега е под тебе. Дали твоето затемнување претставува некое знамение? Да ја видиме сега твојата бедна мешунка без јатката на твојот сјај. О сонце, о ти, светлино навиткана во клопче, наскоро ќе бидеш за поруга зашто наближува твојата поразија. Каква ли е таа сила што сега ќе го препрчали сонцето за да си играат ѕвездите прескакулица со него? Сите се вазнуваат кон височините; децата се војваат, се врволкаат жените, ѕурат мажите. И сè се жерави по улиците. На сите им е воздигнат погледот. Се лелее множеството врз плочниците. Наскоро ќе изботее сонцето. Низ зачадените стакла сите очи се овргалени угоре. Придојдените забрзано, со запалени весници, ги чадат своите парчиња стакло за да си го олеснат гледањето во тоталното затемнување на сонцето. Сонцето ќе се замрачи толку многу што човек ќе помисли дека дувнал силен ветар и ја доизгасил светлината на денот. Луѓето гледаа во сонцето како во некој златен часовник што извесно време ќе престане да работи и ќе му исчезнат стрелките. Кога ќе го снема сонцето, навчас ќе жугне црното семе на темницата и окото ќе гледа нешто што не видело никогаш. Сме те гледале, о сонце, да заоѓаш таму, на запад, долу на хоризонтот, и сме свикнале вечерум и ти да отпочинуваш откако ќе поминеш низ кладата на залезот која остава рана на небото од која блика крв што се разлева дури и по покривите, но не сме очекувале да те снема денски горе, среде ведрото небо. О сонце, тебе ти се урива чаламот дури и еден зрак ако ти се одземе од блескавата круна, и ти не си веќе тоа што си било, а камоли сега кога ќе ти скипне во целост светлината. О сонце, кога небото уште во мугрите бидувало прекривано со темни црни облаци, се случувало ти да изгрееш дури на запад, пред заоѓање, но тоа не нè тревожело. Секогаш сме имале разбирање за тоа. Кои сме ние за да можеме тебе да ти наоѓаме рачки и мрдалки. Но сега, кога ќе настапи твоето затемнување, и некое сонце-џуџе од педа и чепур да се појави горе, без никој збор, и со право, ќе се чувствува како господар на небото. Наскоро, сонце, ќе бидеш блокирано и твојот диск ќе заприлега на пустина. И ти, сонце, еднаш сред бел ден ќе можеш како крт да се зариеш во ведрото сино небо и да се прикриеш од погледите наши. Ти ќе ја сопреш светлината и ние извесно време ќе го продолжиме во темнина нашето постоење. Да беше лето, што ли ќе правеа окаените сончогледи со своите илјадници зеници втренчени во тебе? Некое време ќе бидеш само ехо на сопствената светлина. Дури и залезот со своите црвени образи би светел повеќе од тебе, иако тој свети строго определено, како за своја душа. А ти отсекогаш си било единственото нешто кое ако сакаме подобро да го видиме треба да ги подзамижиме очите, зашто кој би се осмелил со ширум отворени очи да погледне во тебе? Па дури и кога ќе потонеш во мрак, сепак низ зачадено стакло во тебе ќе гледаме со поголема пригода без да ни биде погледот примижан. Ти, сонце наше, секогаш си блескало кога небото е ведро, без оглед на тоа дали се наоѓаш во својата летна или во својата зимска резиденција. Секогаш си се покажувало со едно исто лице, макар што со врвењето на векот сме сфатиле дека зимно време небото како да е малку подизместено од бандажот на хоризонтот, па ти си некако сместено понасевер, така што од твоите зраци тогаш цути само снегот. Зиме твојата светлина, која ги нема своите помпи, е само играчка во ситните дланки на сматниот ден што е повеќе осветлуван од неонската светлота на снегот отколку од твојата светлина која небаре се обезбедува од евтини конзерви. Но кога нашиот мижурлав поглед се протега по белото платно на снегот, во кое како во едро на лаѓа напира и свржи северецот што знае луто да фрасне со студенилото како со шиблинка, и кога ние зиморливи ѕемнеме и се тресеме од студ, ох колку многу сакаме тогаш да ти погледнеме право в лице. О сонце, ти си свето и никогаш си немало потреба да ја докажуваш својата светост, а досега никој нигде не успеал да блескоти со твојот сјај. И затоа секогаш те превознесуваме: О сонце, ти што ги причестуваш прозорците на нашите домови со злаќена утринска светлина од сребрените потири на муграта, биди благословено, а нашите прозорци и порти за навек ќе бидат свртени кон твоето појавување О ти, сонце огревно, пред порти огреано, о ти, сонце разлевно, зад прозорци разлеано О сонце, ти што, кога силно блескотиш, умееш да ги соединиш клепките на очите наши поубаво отколку што тоа го прави сонот О сонце, о ти, светлино светска, што се раѓаш во крвјето на зората, а згаснуваш со пожарот на залезот О сонце, ти што ги китиш со болскави молскавици брановите на океаните во нашите души кои подоцна се претвораат во громови при допирот со шилестите карпи што го двојат сонот од јавето О сонце, ти светлозрачна пчелина пито, блескав букету од светлина, о ти небесно око што блескаш и со зеницата и со трепките, дејгиди небесна маргаритке, дај ни светлина, уште светлина, но не до заслепување. Во плипотот луѓе и еден грчав кратковид човек со очила држеше в рака зачадено парче стакло и се поткреваше на врвот од прстите, што му ѕиркаа од искинатите чевли обуени набосо, подготвен да го посматра настанот на столетието. Меѓу сета таа збирштина од луѓе, во тој вријавец, се движеше и Тимотеј, премногу убав и без мера тажен, но во рацете не држеше ниту весник ниту зачадено стакло. Тој се пробиваше возмутен низ џганот и беше на големо чудо што, ете, сите тие врагосоветни, умотемни и верогубни луѓе, звани и незвани, до еден, ах! сите тие влечигори и мракобесници чиниш некако со радост го очекуваа затемнувањето на сонцето. Кога ја измина долгата тесна асфалтирана уличка, Тимотеј сврте лево и навлезе во нему толку добро познатата калдрмисана улица што исто така беше преплавена од леснаци и поводливи луѓе подготвени да го гледаат тоталното затемнување на сонцето. Еден младич, возејки велосипед, се пробиваше бавно низ накупчените луѓе и ја свиреше на уста мелодијата О соле мио. О сонце мое. ВТОРА ГЛАВА О сонце мое, на Тимотеј со овие зборови му се обраќаше Лидија уште утредента откога како со денес, но пред една година, тој и таа првпат се сретнаа во преполнетиот градски автобус. Скопските автобуси секогаш се преполни, особено кога многумина излегуваат од дома за в град или кога луѓето се враќаат од градот вкуќи во која било градска населба. Тимотеј влезе во црвениот автобус во кој одвај се дишеше од големата турканица карактеристична секогаш во неделен ден кога луѓето се враќаа од некој решавачки натпревар одржан на градскиот стадион или од некоја приредба организирана во некоја од поголемите сали во градот. Бранот од начичкани патници дофрли кон Тимотеј една девојка што се најде речиси во неговата прегратка зашто тој не можеше да ги држи рацете долу или горе туку мораше да ги обвие околу телото на девојката која беше свртена со лице кон него, и тој само така можеше некако да се држи во таа тисканица, во задниот дел на автобусот. Тимотеј многупати се возел со автобусите, во турканици и во најголеми мешаници, но никогаш не беше се сретнал очи в очи со толку убава девојка, како оваа што пред малку му ја навеа случајот. Тој бездруго поцрвене кога ѝ погледна во зениците кои беа во толкава близота до него што можеше дури и да се огледува во нив. Девојката беше принудена со едната рака да се држи за неговиот ракав, а со другата, ставена помеѓу нејзиното и неговото тело, безуспешно се трудеше да го спречи притискањето на своите дојки во градите на младичот спроти неа. Постои тоа вљубување на прв поглед, ама нивниот прв поглед беше толку одблизу, толку овде, до него, до неговите очи, толку овде, до неа, до нејзините зеници. Во таа тисканица тој со својата снага ја допираше речиси по целото тело, и тие како да беа во забранета љубовна прегратка што него толку многу го опсени. Ја допираше, а таа беше повистинска од допирот. Тимотеј особено се возбудуваше кога со своите колена ѝ ги допираше бедрата. Низ нејзината коса, падната делумно на лицето, како низ облаци се наѕираше небото на нејзините сини очи. Таа на моменти ја подотвораше устата од која прозборуваше тишината. Тимотеј забележа дека глеѓта на нејзините заби е како јатката на младите бадеми. Колку бела би можела да биде насмевката на оваа девојка, си мислеше Тимотеј чекајќи таа наново да ги подотвори усните. Неговиот озарен поглед, вперен во неа, само отвораше и отвораше. Тимотеј со прстите нежно ја допираше нејзината облека што ја имаше топлината на нејзиното тело. Девојката беше толку убава што не можеше да биде некоја друга туку токму таа, иако Тимотеј ја гледаше првпат. Нејзиното лице со светлоносна ведрина за Тимотеј беше сон што се овистинил, иако ни на сон не му се сонило да сретне една толку убава девојка, да ја сретне само за да ја види, иако често мечтаел за тоа, а таква кипра, ете, во моментов, речиси му се наоѓа во прегратката. Во тој вител од натискани луѓе двајцата беа носени ту надесно ту налево, но постојано беа притиснати еден во друг, и тоа притискање изгледа им беше аровно и нему и нејзе, зашто телата им се допираа на повеќе места и, кога не би биле свртени со лице еден кон друг, тие допирања не би играле никаква улога, но вака и двајцата беа свесни за нив, зашто им предизвикуваа некаква таинствена телесна наслада, особено допирите на колената при нивното поместување, поради кои и на двајцата им минуваа сладосни покосници по снагата. Целото лице на девојката се смееше од среќа, но таа строго внимаваше насмевката од лицето да не ѝ се симне на усните каде што се забележува најмногу. Тој и таа беа толку блиску еден до друг, речиси лице в лице. Погледот што Тимотеј го упатуваше кон лицето на девојката се претвораше во вистински бакнеж и тој во мислите непрестајно ја бакнуваше по убавото лице, по вратот, по челото, по косата без да може таа да го спречи. Кога таа ги подотвораше трепките и за миг погледнуваше во неговото лице, нејзиниот поглед веднаш се заштитуваше со врапито затворање на клепалките што ѝ служеа како ќепенци на очите. Двајцата беа толку притиснати еден во друг што на Тимотеј му се чинеше дека во градите има две срца: своето и нејзиното. И двете чукаа диво и премногу радосно од тој неочекуван допир на нивните тела. Тој назорум ја набљудуваше одблизу. Неговиот поглед ги затвораше нејзините очи. Кога таа ги склопуваше склепалиците, нејзините трепки, тие црни јадри трепаници, изгледаа како девствени шуми. Таа знаеше во одредени мигови да ги отвори очите сино, небаре откриваше ведро небо. И двајцата, лични и прелични, беа возбудени и истовремено чувствуваа безмерна среќа што се наоѓаа во првиот ден на својата љубов. Откако автобусот застана на неколку станици, патниците се разретчијадија и младичот и девојката мораа, со големо заемно спотаено жалење, да ги раздвојат своите тела што беа припиени едно во друго. На една од следните станици девојката слезе, но остана на тротоарот и, сè додека автобусот стоеше, таа гледаше вземи. Но кога автобусот тргна, таа ги дигна очите и погледна низ стаклото право во Тимотеј, и незабележливо но видливо само за нив двајцата, му се насмевна со таква насмевка со која сакаше да му стави до знаење дека со тешко срце ја прифаќа разделбата. Нејзината насмевка Тимотеј ја почувствува како прв цут на пролетта што беше на самиот праг. ТРЕТА ГЛАВА Тимотеј чувствуваше дека утредента, во истото време, пак ќе ја сретне убавата девојка да чека автобус. Поинаку и не може да биде, си мислеше тој следниот ден додека брзаше натаму. Некако беше убеден дека неговиот натамошен живот би бил заглупен кога поради каква било причина веќе не би ја сретнал таа девојка. Наближи до станицата и ја виде. Намерно дошла облечена во истите алишта, а ќе ја познаев во илјада, па дури да беше и маскирана, си рече Тимотеј. Штом стигна, ја погледна право в очи, а таа го пречека храбро неговиот поглед така што Тимотеј мораше да погледне настрана, потоа вчасот пак во нејзините очи, па навчас некаде долу, па горе, наоколу, но не во неа. Таа како да имаше магија во очите, некаква сила што привлекува и замелушува. Над нив прелета ниско еден мал авион што зад себе влечеше некаква реклама. Сите што чекаа автобус, а ги имаше премногу, погледнаа угоре, само Тимотеј гледаше во девојката, а и таа не пројави интерес да гледа нагоре, туку гледаше во него. Таа се вљуби во мене како што се вљубив јас во неа! со задоволство заклучи тој и не му се фаќаше вера за она што си го мислеше и што си го велеше со умот. Тимотеј се стрелушеше да не пристигне таму некој младич, да ѝ пријде и да се ракува со неа, а таа да му се насмевне радосна од неговото пристигање. Тоа би било нешто многу неповолно за него. И се случи она од што најмногу страхуваше. ¥ пријде еден надмен самовљубен младич многу блиску за да забележи таа дека е џиџан, и ја праша колку е часот. Девојката го погледна благонаклоно и му се поднасмевна, но само толку, и со раката му покажа да погледне нагоре, кон големиот часовник на Домот на армијата, за да му стави до знаење дека сфатила оти не го интересира часот туку се врти на деветта страна и целта му е само така одоколу да почне разговор со неа. И навчас таа се подистави, а наметливиот младич не се осмели и понатаму да важничи и да ѝ додева, туку нога пред нога си замина. Постапи онака како што би ја посоветувал јас, помисли Тимотеј и беше презадоволен. Таа пак се врати на истото место за да може да ги пречекува неговите погледи. По извесно време на станицата пристигна автобусот од истата линија како претходниот ден, а овој пат во него имаше зачудувачки мал број патници. Тимотеј виде како девојката почна да се приближува до вратата и се качи, а се качија горедолу и сите патници од таа линија, освен него. Кога автобусот тргна, на Тимотеј му се стегна срцето и се чудеше и се прекучудеше и в ум не му влегуваше како можеше да направи таква неумност. Само господ знае што очекуваше Тимотеј од својата постапка. Иако беше многу омацурен поради сето тоа, толку многу сакаше да ѝ го види лицето на девојката во мигот кога ќе забележи дека тој не се качил и не е меѓу патниците. Некаква чудна сила беше го забрала да постапи така, а кога автобусот тргна, премногу се растажи од помислата дека можеби никогаш веќе нема да ја сретне ако девојката е дојдена некаде од прекусвет и ако денес си отпатува. Зошто спојме да постапи така? На човек понекогаш умот му иде отпосле. Најде сили со поглед да го испрати автобусот кој сопре како по чудо, иако одвај имаше изминато педесетина метри. Тимотеј се затокми да се стрча, да го стигне автобусот, ама ако таа го гледа однатре и ако тој не стигне да се качи, ќе се најде во незгода, едноставно ќе биде смешен. Да затоа не се ни помрдна од местото. Една врата на автобусот се отвори. Што се случува? Автобусите ретко застануваат така, сред улица, освен ако им пукне гума. И се случи вистинско чудо. Од отворената врата слезе таа, а потоа автобусот тргна веднаш. Таа стапи на тротоарот и почна да се враќа накај станицата. Тимотеј не можеше да верува. Најверојатно, кога таа видела дека тој не се качил, го замолила возачот да застане, а тој не можел тукутака да одбие една толку убава девојка и застанал таа да слезе. Девојката се приближуваше, а колената ѝ изгледаа како два волшебни рида, две збрдни места на нејзиното тело, наснежувани од снежецот што го сипеше долниот раб на нејзиниот бел фустан што се наѕираше од под краткото црно палто кога таа чекореше, и затоа некако им цутеше погледот на сите што ја гледаа. Тимотеј беше сосем збунет и во главата веќе немаше план како да постапува отсега натаму. Има ли во животот нешто поубаво од ваквиот миг, се разбира, ако е сето тоа вистина, ако тоа не му се причинува само така. Таа од вчера е постојано во неговите мисли, пред неговите очи, но не толку убедливо и реално како сега за да биде ова само мечта. Таа пристигна на станицата, каде што се имаа насобрано патници и од други линии, и застана блиску до Тимотеј. За момент стоеја еден споредум друг без никакво движење како да се на фотографија. По миг-два таа уште повеќе му се подоближи, и со кренати веѓи гледаше право во неговите очи како да сакаше да му рече: Јас сум овде. Тимотеј не можеше да го пресретне нејзиниот галежен поглед, па наведна очи. Таа стоеше до него и го гледаше со умилност. Тоа не можеше да трае долго. Тој ја погледна исто така право в очи и почна да ѝ се приближува. Кога неговото лице се најде пред нејзиното, тој ги стави дланките на нејзините вжештени образи, потоа нежно ѝ го поткрена лицето кое уште повеќе ѝ се проведри, и сосем одблизу, како вчера во автобусот, ја гледаше в очи. Колку убави очи! нејзините за него, а неговите за неа. Потоа ја помилува кратко по бујната коса, ги спушти рацете на нејзините рамена и ја привлече кон себе. Таа за миг се подистави од него, а потоа силно влезе во неговата прегратка. Кој од присутните ја виде таа сцена, долго време ќе има што да паметува. Беа впиени со телата еден во друг како во преполниот градски автобус. Долго се прегрнуваа и се бакнуваа како да беа на театарска сцена, зашто сите што чекаа автобус, а и другите од околу-наоколу, гледаа во нив без да можат да им се изнагледаат и во подробности ги следеа нивните движења. И двајцата истовремено ги забележаа надокрај многубројните љубопитници, и тогаш девојката го фати Тимотеј за рака и го поведе со себе. Многу од насобраните луѓе што чекаа автобус, а и од другите, со жалостење ја прифатија разделбата со тие убави млади луѓе што се оддалечуваа држејќи се за рака. Едночудо очи долго време ги следеа сè додека не стигнаа до аголот на улицата. Кога свртеа по соседната улица, подзастанаа, а девојката му рече на Тимотеј: „Се викам Лидија. На светов освен тебе имам уште мајка и татко!“ Тој рече: "А јас имам само мајка и помлада сестра. Но јас нема да ти го кажам своето име!“ Таа рече: „Јас ќе те убијам и дим да ме нема, а утре ќе прочитам во весниците како се викаш!“ Тој рече: „Значи, сега е најдобро да бегам!“ Таа рече: „Од мене нема бегање!“ И двајцата се насмеаја гротум. Беа безмерно среќни дека конечно беа заедно, зашто на двајцата, иако беа млади, им се чинеше дека долго, долго се барале еден со друг во животот. На станицата каде што стоеја првин и каде што се прегрнуваа, а потоа и на тротоарот по кој одеа до аголот на улицата, сега се чувствуваше нивната отсутност што на никој не му беше по рака да ја надомести. Онаму каде што сите чекаа автобус имаше и други младичи и девојки: едни се држеа за раце, други се прегрнуваа, некои и се бацуваа. Но на окото што ги согледа нив двајцата пред малку, тешко ќе му биде надоместена глетката понапрежна: кога тие беа таму, тој и таа. Ги нема тие нејзини бисерни заби, ја нема таа нејзина престегната става, го нема тоа нивно младешко треперење, небаре тоа беа најубавите и најголемите љубовници во овој град, па дури и на оваа планета, а никој не можеше ни да претпостави дека првпат се сретнаа вчера. Кога на станицата тој ги стави рацете на нејзините образи и кога таа речиси втрча во неговата прегратка, тоа не беше нешто непристојно, какво што би било однесувањето на некоја лесна мома ситна коска во сосем исти околности. Таа во еден момент му ги бакнуваше и рацете, а сето тоа прилегаше на некаков обред, како в црква на ден Велигден или на некоја слична церемонија. На нивната прегратка некако сите ѝ се разрадуваа и сите беа задоволни од тоа. Не се намршти ниту едно чело, не се смурти ниту една веѓа, не се вомјази ниту едно лице. Сè се одвиваше така како да беше нарачано од оние што гледаат или како да беше извршувано во согласност на сите. А овие младичи и девојки што се гушкаат сега, на истото место на кое пред малку се прегрнуваа тие двајцата: ете, против нив се бунтува окото и се намусува лицето; не е тоа она што беше пред малку, она на кое сите му се радуваа како на нешто свое. Дури и продавачките од продавниците, што ги гледаа пред малку, сè уште мило зборуваа за нив, па и стариот фотограф, сам во својот дуќан, во свеста одново и одново ги враќаше нивните ликови, си ја претставуваше девојката, но не сама, туку со нејзиниот возљубеник до неа, и во ниеден миг не му дојде помислата тој да биде до неа, дури ни на млади години тој, туку му беше убаво-лепо дека токму тој младич е до неа, зашто тие двајцата си беа лика-прилика. Сите тие луѓе, дури и да знаеја дека младичот и девојката се познаваат од вчера, немаше да се чудат, зашто, како да било божје речено, тие двајцата, кога и да се сретнеле, кога било да се погледнеле, кога сакало било да се намериле еден на друг, во истиот миг би заприлегале на оние што од векот вековит биле заедно, на оние што ќе бидат рамо до рамо додека е свет и век. Продавачката на леб погледна на часовникот, го одзеде времето откако заминаа тие и го запамети времето за да гледа утре пак во оние што чекаат автобус, можеби пак ќе ги здогледа нив; а нив двајцата, застанати еден до друг или гушнати, човек може да ги гледа со часови без да му се изморат очите од нивната убавина. И старикавиот фотограф одвреме-навреме ќе фрлеше поглед низ стаклената врата, а еднаш дури излезе и надвор од дуќанот за да погледне преку дебелите стакла на очилата да не се пак тука тие двајцата. Тимотеј и Лидија прегрнати одеа накај нејзината куќа. Се држеа за раце и се бакнуваа. На тротоарот по кој се движеа наидоа на едно одлушнато парче од ќерамида, останато од некои девојченца што си играле таму. Лидија застана на една нога, почна да потскокнува и да ја втерува пирлата низ преградите обележени со креда. Кога на тој начин ја искажа својата безмерна среќа, таа го гушна Тимотеј и така прегрнати продолжија да одат по тротоарот. По извесно време навлегоа во една долга тесна асфалтирана улица. Кога ја изврвија и стигнаа до аголот, свртеа лево и се најдоа на една калдрмисана уличка. Завчас подзастанаа. Лидија рече: „Онаму, на дното на уличката, тоа е мојата куќа, а двете дрвја, од левата и десната страна на големиот прозорец, се стражари што ме чуваат“. Тимотеј со голема љубов гледаше во нејзината куќа. Таа рече: „А сега кажи ми го името, и отсега натаму уличката што води до мојот прозорец за мене ќе го носи твоето име“. Тој рече: „Се викам...Тимотеј.“ Лидија беше возбудена од името. Го прегрна цврсто Тимотеј и почна да го бакнува. Кога собра здив, таа рече: „Ако ми го кажеше името уште на почетокот, ќе мислев дека сум се вљубила во тебе заради името“. И пак продолжи да го бакнува. Потоа го праша како ќе ја најде нејзината куќа кога ќе доаѓа кај неа, а тој веднаш одговори дека, по изврвувањето на главната улица, најнапред ќе ја изврви долгата тесна асфалтирана уличка, потоа ќе сврти лево по калдрмисаната уличка во чие дно се портата од нејзината куќа и големиот прозорец. Лидија му рече: „Тој прозорец е од мојата соба“. Потоа се упатија накај портата од нејзината куќа држејќи се за рака. Лидија отвори и влегоа внатре. Од десната страна на широкиот двор дрвени скали со парапет водеа на катот. Лидија го поведе Тимотеј за рака по скалите. „Овие скали водат во мојата соба, а оние другите водат кон моите родители“, рече таа. Лидија ја отвори вратата од својата соба и среќна го воведе внатре Тимотеј. Во собата, лево, имаше уште една врата. Лидија рече: „Тоа е мојата бања“. На средината, отспротива, се наоѓаше големиот прозорец. Лидија рече: "Од прозорецов ќе го гледам твоето пристигање“. Од десната страна имаше убаво наместен голем кревет. Кога Тимотеј погледна кон креветот, Лидија не рече ништо, туку само се насмевна. Застанаа до прозорецот. Низ него, право напред, ја гледаа калдрмисаната уличка, а лево и десно ги гледаа црвените ќерамиди на покривите на куќичките што ја обрабуваа уличката и што беа речиси сите пониски од нејзината куќа. Лево и десно од прозорецот се гледаа двете огромни столовити лисни дрвја. Без некој даден и земен збор, Тимотеј и Лидија седнаа на креветот и цврсто се прегрнаа. Нивниот бакнеж првпат траеше многу долго. Обеспокоен од помислата дека Лидија би можела да се убои од некоја негова избрзаност, од некој негов необуздан страстен изблик, Тимотеј нагло стана од креветот, ја фати за рака и поднасмеан ја поведе забрзано со себе накај излезната врата. Лидија го усети тоа, почна гласно да се смее и да дава отпор тегнејќи го за рака Тимотеј кон креветот. Тимотеј беше посилен и ја повлече. Потоа и двајцата гласно се смееја и, откако уште еднаш силно се прегрнаа и се бакнаа, слегоа по дрвеното столбиште и излегоа на уличката. Застанаа пред портата меѓу двете високи дрвја што се извишуваа пред големиот прозорец. Тимотеј одвреме навреме ги подаваше рацете и го повлекуваше кротко кон себе телото на Лидија како што се повлекува вита гранка претоварена со зрели плодови. Негде-годе зад стаклата на прозорците на ниските куќарки на уличката можеби имаше љубопитни очи што ги набљудуваа тој убавец и таа убавица, но во овој случај никој од тие љубопитници нема да може после да додава цуцулки и опавчиња зашто Тимотеј и Лидија тоа воопшто не ги засегаше и не мислеа на никој друг и на ништо друго. Тие се сакаа со љубовта на душите свои и на телата свои. Над нив извишеното ведро небо им се нудеше како свежо овошје. Стоеја така и небаре и времето беше запрено. Местото каде што се наоѓаа, пред портата на куќата на Лидија, за нив беше центарот на светот. Оттаму започнуваше сè и таму завршуваше сè. Се чувствуваа пресреќни што се заедно. Тимотеј беше докрајно возбуден од прекрасните форми на нејзиното тело што беа толку многу предизвикувачки, умот да ти зајде. Затоа и ја поведе Лидија надвор од собата, за да го одбегне искушението. Лидија пак воопшто не криеше дека е подготвена да му се препушти сета. Таа веќе како да беше негова за цел живот. Одвреме навреме таа кликаше: О сонце мое, Тимотеј! Тие зборови во кратко време ѝ станаа приречица. Тешко им беше да се разделат, зашто сега единствената среќа за нив се состоеше во тоа да бидат заедно од утро до засутром. За секој еден од нив присуството на другиот беше волшебна наложност. И на двајцата веднаш им стана јасно дека телото на едниот е несовладлива барикада за другиот што ќе посака по едно по друго да појде некаде сам. Но требаше да ги обуздат своите силни чувства од кои веќе беа обземени двајцата. Иако се договорија утредента да се сретнат пак на автобуската станица во истото време, уште долго се прегрнуваа и се бакнуваа. Лидија му ги зеде рацете во своите и долго му ги бакнуваше дланките и прстите. Тимотеј беше возбуден од тоа, а таа силна возбуда траеше и подоцна, кога пристигна дома. На пресреќниот Тимотеј му беше јасно дека е Лидија таа што отсега натаму ќе му го осмислува животот. Тимотеј веќе чувствуваше дека Лидија е толку величествена што, кога тој некаде би ја чекал цел ден, таа навечер би му се појавила како сјајна ѕвезда, а кога би ја чекал цела ноќ, таа би му се појавила изутрината како мугра. ЧЕТВРТА ГЛАВА Следниот ден Лидија го чекаше Тимотеј на автобуската станица во центарот на градот и во срцето свое имаше љубов бескрајно да го сака во напирот на пролетните дни и во убоста на светот. Кога го здогледа, таа се стрча накај него, косата ѝ се разбранува како водата на некој планински брзак, а сите што чекаа автобус слушнаа како таа испушти и еден радосен клик. Присутните ја видоа како ги обви рацете околу вратот на Тимотеј и се впи со сето тело во него. Кога двајцата се доближија до толпата што чекаше автобус, некои што ја посматраа од почетокот сета доживелица, во себе помислија дека девојката малку ќе си ја вовлече главата во рамената од своето понапрежно истрчување. Но токму кога стигнаа пред толпата, таа занесно слушаше што ѝ зборува Тимотеј и, восхитена од зборовите негови, што беа толку нежни небаре ѝ ги подаваше со рака, го опфати со рацете околу половината и, иако понежна во однос на неговата снага, се обиде да го поткрене. Но кога не успеа, двајцата се насмеаја гласно, па тој ја опфати околу танката половина и ја крена како некоја чаша со љубовна напивка, а таа мавташе со своите долги, прекрасно извајани нозе како со некои нежни крилца што летаат по небото на љубовта. Биеше в очи дека не ги засегаше ништо околу нив и си беа сосем доволни еден на друг. Во наредните денови Тимотеј и Лидија, прегрнати, сè почесто минуваа по улиците во центарот на градот. Еден ден, иако толпата што чекаше автобус не можеше да чуе што му зборува таа нему, Лидија сепак се поткрена на прсти, ги приближи усните до неговото уво и се виде како му шушука, како му шепоти нешто, а неоти му шепотеше, туку го бакнуваше по увото, ама како да му шепотеше. Кога ја гледаше човек неа на улица, не можеше да го оттргне погледот од нејзиното лице, од нејзината волшебност. Движењата на Лидија, инспирирани од присуството на човекот што го сака, беа раскошни. Секое нејзино движење беше попривлечно од претходното; таа само да ја отвореше раката, прстите ѝ зрачеа како зраци. Секој прст еден зрачец. Светлината од нејзините раце блескаше и на нејзиното лице. Кога таа го упатуваше погледот долу, наземи, во нејзините очи сè уште имаше небо. Убава од главата до петиците, таа постојано позираше пред очите на Тимотеј како пред фотоапарат на љубовта. Таа како да зрачеше светлина од себе. Кога го гледаше в лице, тој го чувствуваше тоа зашто таа всушност го допираше со нежниот поглед. Ќе стојат тие двајцата, така, на улица, сосем блиску еден до друг, но таа секогаш ќе најде начин да се укутари и да му пријде уште поблиску: колкава нежност имаше во тоа нејзино ближење. Таа беше до него заради неговите очи: нејзиното лице блескаше, но тој ѝ се восхитуваше на нејзината внатрешна светлина, зашто таа беше однатре вистински осветлена од среќата што некогаш толку штедро ја нуди животот. Кога таа гледаше во Тимотеј, погледот нејзин беше прицврстен со љубов, а кога тој гледаше во неа, лицето на Лидија го исполнуваше целиот негов поглед. Сите се насладуваа од нивната штедра убавина и око не одвраќаа од нив и им заблазнуваа на нивната вљубеност. Во нивното движење имаше еден ритам што ги маѓосуваше оние што гледаа кон нив, а нивното присуство оставаше впечаток дека, не само за нив туку и за сите оние што ги гледаат, сè започнува одново. Зашто, кога тие минуваа, земјата се воздигаше како небо. За мила убавина беа обајцата и во нив имаше нешто од сите присутни, имаше нешто од сè наоколу. Еднипати не требаше да се оди далеку туку беше доволно човек да види како се прегушнуваат нивните сенки на асфалтот за да сфати колкава силина имаше љубовта нивна. Во нив се белееше среќата како што напролет се белее цутот по овошните дрвја. Кога човек би ги гледал одвоено, би помислил дека е поубав оној што го гледа во моментот, но кога ги гледа заедно, омајноста им се збогатуваше, никој не ја нарушуваше хармонијата, а нивната поединечна убавина достигаше совршенство со присуството на другиот. Кога фотографот забележа како еден бран од нивната убавина ги заплисна витрините на неговиот дуќан, зачас излезе на вратата и ги гледаше сè додека не свртеа на аголот од улицата. И продавачката на леб, ги следеше со поглед низ стаклото, па дури и не им одговараше точно на купувачите кога ја прашуваа дали е лебот свеж, зашто мислеше дека треба да знае сè за тие убави љубовници, па дури и тоа по кој свијок го продолжуваат своето одење, а лебот што го продаваше беше свеж како усните на девојката по примениот бакнеж од оној убавец нејзин, и како што е свежо телото на таа убавица под фустанот нејзин, барем таков е белиот леб. А нив двајцата кој и да ги погледнеше, беше задоволен од тоа што се сретнале на светов тие две суштества, тие два извора на човечка убавина на кои им се љубуваа сите. Муграта е првата адреса на денот, и во секој нов вивнат ден имаше сè повеќе белина на големиот прозорец на Лидија која чувствуваше безмерна среќа кога муграта ќе го залепеше својот сребрен образ на стаклото. Ах! колку многу сакаше Лидија, кога се будеше во мугрите, Тимотеј да биде до неа, на креветот, и да гледаат двајцата како муграта се претвора во румена зора и тогаш заедно од прозорецот, како од позлатена чаша чабурлија, наште срце да го пијат румениот нектар на зората. Во тие мигови Лидија чувствуваше дека прозорецот нејзин е златен. Но, не се златни первазите и черчевињата, златен е џамот во златото на зората нурнат. Прозорецот на нејзината соба са ноќ ја чекаше муграта за да застане на чело на куќата. Лидија наутро нежно го отвораше прозорецот кон шепотот на лисјата. Едно утро, заедно со муграта, на полаза ѝ пристигна и Тимотеј. Тој настан за Лидија беше за имрен и за приказна. Тимотеј секој ден доаѓаше кај Лидија, но се немаше случено тој да пристигне пред нејзиниот прозорец без да го забележи таа уште на двесте чекори, иако не се договараа кога точно ќе пристигне. Исто беше и кога таа пристигаше кај него. Кратко време по првата средба таа пројави желба да го посети неговиот стан, особено кога тој ѝ кажа дека една расцутена гранка од јаболкницата зад неговата зграда влегува во неговата соба кога го отвора прозорецот. Неговиот стан се наоѓаше во првиот влез на приземјето лево, во двокатната зграда со два влеза, а балконот од кујната, што личеше на голем прозорец без стакла, беше откај главната улица на населбата. Тимотеј ги здогле-дуваше од балконот пристигањата на Лидија и истрчуваше надвор да ја пречека, а и таа во истиот миг почнуваше да трча накај него. Еднаш, додека така трчаа еден кон друг, нејзе ѝ испадна еднта сандала и остана на улицата. По прегратката, гушнати, заедно се вратија по сандалата, тој се наведна и ѝ ја обу. Многу љубопитни очи го видоа тоа и им се радуваа на нивната младост и убавина. При едно од нејзините зачестени доаѓања, кога веќе ги имаше освоено срцата на мнозина од таа населба што ја познаваа, таа, потседната во тревникот пред зградата, го чекаше Тимотеј. Еден сунизок старец од соседството на Тимотеј, што веќе врзал осумдесет и уште некоја на панагон и што тојчас поминуваше оттаму, ѝ довикна загрижено: „Девојко, зошто седиш на земјата?“ „Затоа што не можам да седнам на небото“, му одговори весело таа, а тој каршилак што му го даде Лидија толку многу му се допадна на тој прпулав старец што таа во неговите очи стана уште поубава и помудра. Старецот беше необично среќен од тој краток дијалог со неа и беше свесен дека девојка со таква личотија и умнотија не се среќава каде било и секој ден и дека е голема среќа ако ти се удаде случај да поминеш покрај неа, а уште поголема среќа е, замисли си само, ако успееш, на замин, нешто и да поразговараш со неа. Кога ќе се најдеа Тимотеј и Лидија во нејзината соба, таа секогаш се облекуваше во проѕирни фустани што шушкаа како морски бранови кога се движеше. Една вечер, за да се преоблече, таа за кратко ја изгаси електричната светилка зашто на нејзиниот прозорец ретко можеше да се види завеса, и во мигот кога се наоѓаше меѓу двата фустана, одненадеж, во темнината на собата, а низ отворениот прозорец, однадвор заласкоти една молскавица која толку јасно го оцрта профилот на нејзиното молскотно голо тело, особено профилот на нејзините дојки, што Тимотеј беше крајно возбуден од тоа. А кога Лидија се облече и кога ја запали светилката, таа возбуда сè уште беше присутна кај него, па дури беше прераснала и во похота. Кај Лидија постоеше изразита готовност со сето свое тело да одговори на неговата похотливост, но Тимотеј најде сили да го држи на узда своето сладострастие. Тимотеј се прашуваше дали некогаш во животот ќе се случи да го заборави тој волшебен оцрт на нејзиното девствено тело кое во мигот на молскавицата и самото заблеска како молскавица од која неговите зеници ќе останат заслепени можеби за цел живот. Кога се качуваа по столбиштето на некоја зграда, до четвртиот или петтиот кат, тие застануваа на секое одмориште и си ги товареа усните со бакнежи. При качувањето по скалите Тимотеј претпочиташе да оди зад неа за да ги гледа нејзините прекрасни долги нозе и да ужива во плавноста на нејзиното тело. Во тие моменти секогаш чувствуваше ламтеж и телесна возбуда и чекореше зад неа, зад нејзината изведита става, како во некој сон. Таа се качуваше по скалите, а стројното тело ѝ се брануваше. Тимотеј ја следеше нејзината маѓесна бразда, слична на онаа што ја остава меѓу високите морски бранови плазот на некој голем кораб, без да може притоа ниту еден миг да го одвои погледот од раскошните бранувања на нејзината светла коса што се надодаваа на волшебните сензуални бранувања на нејзиното тело. Таквото чувство особено му се подзасилуваше кога таа беше облечена во некој тесен фустан, залепен за нејзината премамлива снага, небаре тој миг излегла од вода. Тимотеј гледајќи во Лидија чувствуваше дека ја нема гледано онолку колку што имаше желба ликот нејзин да биде присутен во неговите зеници. Не можеше да помине подолго време без да ја допре со најголема нежност и умилност по косата или по образите. За него нејзината убавина беше премногу присутна и секое нејзино движење беше исполнето со финост како да беше истргнато од некој изодбран букет: препното движење на нејзините усни пред да се претворат во бакнеж, наглото набрчкување на нејзиното чело, начинот на кој ги извиваше веѓите, движењето на нејзините очи лево-десно кога се присеќаваше на некое име, или на нејзините раце кога ќе си ја развитлеше косата пред да ја собере во кок или при местењето на шевот на чорапите, а особено кога нешто мереше со чеперок, со педа, со лакот или со растег. Се случуваше, додека одеа низ скопските улици, малку-малку и Тимотеј да ја дигне Лидија в раце и да ја носи извесно време така, а потоа да ја спушти наземи и да продолжат да одат незнајно каде и без желба да го знаат тоа. Кога итаа некаде, кога ни фркато пиле не можеше да ги довтаса, се случуваше Тимотеј да чекори толку брзо што Лидија одвреме-навреме мораше да поттрчнува покрај него за да го држи чекорот, и беше крајно среќна поради тоа. Понекогаш, кога стоеја на улица, Тимотеј, замајан од убавината на Лидија, со восхит се загледуваше и во нејзината сенка и му се чинеше дека и среде бел ден во неа гледа ѕвезди. ПЕТТА ГЛАВА Кога Тимотеј и Лидија чекореа, нивниот пат водеше од изворот до океанот. Беа влезени во безмерните бранови на љубовта, покриени со пена од пролетни цутови, и не можеа да сопрат зашто во нивното едро дуваа со полн елан најповолните ветрови. Гушнати занесно во широка прегратка, во која небаре беа придружени и сите расцутени гранки, Тимотеј и Лидија ги изврвуваа улиците на градот и пристигаа во полето, среде цвеќињата, во срцето на пролетта која до врв ги имаше наполнето своите бовчалаци со цутови и со опојни мириси и како некоја преубава невеста блескаше спружена врз сите свои цвеќиња. Пролетта беше навистина полнолетна: секоја глетка на Тимотеј и Лидија содржеше најмалку осумнаесет севозможни и разнобојни цвеќиња што беа во некаква постојана свеченост. Рацете на Лидија, со толку многу набрани цветови, изгледаа како да имаат ракавици од цвеќиња. Тимотеј и Лидија се движеа низ рајските полиња докрај опиени од поленот на блаженството, и беа обземени од пламењата на љубовта високи како планини. Во палавите денови на пролетта срцата на Тимотеј и Лидија, во школскиот двор на љубовта, на големиот одмор, тупотеа во својот најсилен занес. Тимотеј и Лидија беа два брега меѓу кои се брануваше реката на нивната љубов, што течеше накај својот велик океан. Се движеа Тимотеј и Лидија сега, овде, отсекогаш и засекогаш, а нивниот од претставуваше празник на чекорите. Над нив небото имаше празничен отсвет, а околу нив, високите круни на дрвјата, тие зелени пролетни фризури што ги дотеруваше ветрецот, ги воспеваа непресушните извори на воздухот. Птиците, застанати на гранките на дрвјата, прилегаа на овошни плодови што одвреме-навреме некоја невидлива рака ги собираше одозгора во огромната сина кошница на небото. Во далечината, остатоци од снег, качени на грбот на највисоките планини како на камили, најверојатно така спокојно ќе јаздат и сред лето. Тимотеј и Лидија, непрестајно усмевнати, газеа по зеленилото, а нивните сенки низ разбрануваната трева пливаа како водни лилии. Беше пролет, а во опојните овоштарници на нивните души се лееше омај и цут се ронеше како снежец. Додека тие чекореа, и додека нивните траги се претвораа во полски цвеќиња, ветрецот го лижеше танкиот фустан на Лидија како бонбона и го правеше проѕирен. Тимотеј и Лидија почудени се вслушуваа во опивната милогласна птичја песна и им се чинеше дека сите птици цвркотат од гранките на најблиското дрво. Кога само за кратко време ќе се пооддалечеа еден од друг, Лидија со своето фодулско огледало го делкаше сонцето и му фрлаше на Тимотеј во глобовите светкави огледалца заслепувајќи го со силниот блескот. Небото над нив беше ведро, но и да имаше облаци, пролетта и нив ќе ги претвореше во цвеќиња, и тоа бездруго ќе беа цветни облаци. Погледни ги овие цвеќиња, - извикуваше вознесено Лидија, - погледни ги, тие одат! Секој цвет во полето како да ги претворил своите венечни ливчиња во факли, а на Тимотеј и Лидија им се чинеше дека и светлината се претворила во беспределен цвет. И лицето на Лидија беше како цвет, беше роза. Да се појавеше Лидија гола во дланката на полето, како предизвик кон сините височини, тоа ќе значеше дека земјата му го покажува на небото најубавото што го има, а што небото не можеше никогаш да го има, зашто стварната убавина на Лидија не можеше да се сретне ниту во сон. Очите нејзини беа цветови, беа синолички. Тимотеј и Лидија кога ќе се најдеа под круната на некое столовито дрво и кога низ неговите густи гранки гледаа во сонцето, чувствуваа дека ниту една птица не може да устрои поубаво гнездо од она што го вијат во тие гранки сончевите блештукави зраци. Тимотеј и Лидија чувствуваа дека можат лесно да влезат во небото. Меѓу секои две гранки на кое било дрво има врата за кон небото. Дрвјата со гранките го запречуваат паѓањето на небото на-земи, а небото над нив беше толку сино небаре штотуку се избањало во некој океан. Небото е привлечно затоа што не знае да биде ништо друго освен небо, а Тимотеј и Лидија, да можеа, ќе ја обгрнеа сета небесна синевина. Одејќи така низ пределот, Тимотеј и Лидија втасаа до изворот чија вода беше толку бистра што се забележуваше само благодарејќи на нејзиниот блескот и на клобурците што се распрснуваа нечујно. Се вгледуваа во изворската вода и се восхитуваа. Тимотеј потоа гледаше ту во изворот ту во очите на Лидија што беа бистри како водата изворова измешана со сината боја на небото. Сонцето толку многу одблеснуваше во изворот што се фрлаше в очи тоа дека неговата рајска светлина ткае некакви венци во водата и изворот изгледаше како да е во пламен. Во еден блескав миг Тимотеј и Лидија земаа грстум светлосна напивка од изворот и ја принесуваа кон своите усни. Веднаш од изворот почнуваше долгиот поток на нивните бакнежи, поток кој на почетокот сè уште беше само сведбина чија матица беше слаткозвучна песна што течеше. Колку повеќе Тимотеј пиеше од изворот на усните на Лидија толку пожеден стануваше, но тоа беше жед што не сакаше да се оджеди. Од изворите сите ромонливи потоци, кои веќе ја воспеваат големата вода, течат заедно сè до местото каде што создаваат река која во близината на изворите, а само на сто чекори од потоците, е млада како младата месечина во ведра летна ноќ. На педесетина чекори од изворот се вишеа неколку брези чии стебла уште ја имаа на себе сребрената мугра; нивните сенки, како ожеднети патници, имаа стигнато до самиот раб на изворот и, како некои црни исплазени јазици, одвреме-навреме, како што ќе ги залулаше тихиот ветрец круните на брезите, така тие пристигаа до своето поило и со жедца подлизнуваа од бистрата изворска вода која своите први чекори ги правеше во најблиската трева. Тимотеј и Лидија, држејќи се за рака, низ секој пролетен ден како да одеа откај вратите на муграта докај портите на залезот и надокрај како да се вртеа со грб кон залезот возбудено чекајќи од спротивната страна засутром повторно да се појави муграта. Приквечер, кога тие се движеа гушнати, сите патишта водеа кон палатите од илјада и една ноќ во кои имаше илјада и еден сладок сон и низ секоја соба во тие палати течеше бистар жуборлив поток, а прозорците имаа поглед кон Млечниот пат. Ако му речеше Лидија на Тимотеј ѕвезда од небото да ѝ симне, Тимотеј ќе го стореше тоа, зашто нејзе бездруго ѕвездата ѝ требала штом ја побарала. За Тимотеј и Лидија љубовта беше сон почнат уште пред да пристигне ноќта. ШЕСТА ГЛАВА Црвениот катанец на залезот веќе беше појавен на портата на хоризонтот кога Тимотеј и Лидија го оставија зад себе градот и ги направија првите стапки во безмерно широката соба на полето. Босите нозе на Лидија блескаа во високите треви, а дрвјата во полето, на зајадисонце, си ги премеруваа издолжените сенки. Светлината на летниот ден, што си заминуваше, првин од тревата се искачи на челата на Тимотеј и Лидија, потоа во круните на дрвјата, од што тие, како некои вистински штитови, добија прекрасен празничен изглед, и најпосле на планинските врвови. Малку подоцна едно облаче, осамено и високо на небото, за момент заруди од некоја случајна пукнатина во црвениот покрив на залезот. Тимотеј и Лидија се одушевуваа од црвените водопади на залезот, кој најчесто се дотерува во црвено руво, особено лете. Белите птици што летаа на небото, како и оние што потскокнуваа во тревите, го одлагаа доаѓањето на ноќта чие црно тесто веќе нараснуваше во ноќвите на хоризонтот. По извесно време почна затворањето на темните воздушни ѕидови. Црните платна на ноќта, оние што беа највисоко, почнаа да обгоруваат и да се продупчуваат од жарта на ѕвездите што ги имаше сè повеќе. Тревата под нозете на Тимотеј и Лидија постепено како да се претвораше во угоден килим. Ноќта со шеметна брзина ги поставуваше своите декори и веќе беше присутна во секое катче. Во широкото поле околу-наоколу се наѕираа силуетите на дрвјата и ноќта изгледаше како прекрасен елен во чии свеќници над главата беа изгаснати сите свеќи на денот. Тишината почна да си ги склопува крилјата и го прифаќаше само биењето на сопственото срце. Едно време околу Тимотеј и Лидија сè се протиши и човек можеше со рака да ја допре тишината која до нив пристигаше на прсти и со затворена уста. Тие чувствуваа дека полето е нивната беспределна соба и легнаа на тревата како на мека постела и се покрија со чаршафот на ноќта. Во тие моменти ѕвездите над нив како да блескаа со поголем сјај отколку што е вообичаено. Тимотеј, со допири понежни од девствениот песок што ги скротува на брегот морските бранови, ја движеше раката по косата на Лидија, по нејзиното лице, па надолу, по колената, по сворците и анѕите, а при секој од тие допири телото на Лидија ја зголемуваше својата голост, така што само по кратко време беше сосем голо и осветлено од медената светлина на ѕвездената пита. Подоцна, кога полната месечина се издигна повисоко на небото, нејзината виднотија ги осветлуваше врз тревата, како на дланка, голите тела на вљубените полјанци кои сè уште лежеа еден споредум друг. Почнаа да се гласат жужалците чие црцорење сè повеќе ги раздалечуваше еден од друг двата брега на тишината. Потоа се зачу и свирбата на другите ноќни веселници. Волшебно беше телото на Лидија под светлината на месечината. Нејзините дојки беа силно нададени нагоре, а косата ѝ се разлеваше по рамената и по тревата. Во ноќта Тимотеј ја чувствуваше врелината на усните на Лидија која сè повеќе го притискаше своето тело до неговото. Сам од себе дојде моментот кога Тимотеј се поди-справи и навчас се спружи врз телото на Лидија, ја притисна и лесно ја зароби во својата прегратка, зашто таа не се бранеше, туку со благосна кротост почна да го поместува своето тело ваму-таму за да ја заземе тоа најубавата положба и да стане склопитно со телото на Тимотеј. Секој дел од нејзината снага што го допираше телото на Тимотеј како да се претвораше во усни, а тој ги чувствуваше тие нежни бакнежи и сè повеќе се возбудуваше, и сè почесто ја бакнуваше и ги допираше со рацете нејзините телесни облини. Секој негов допир го полнеше нејзиното тело со помамност што таа не можеше да ја совладува и по сето свое тело го чувствуваше напирот на сладострастието. Тимотеј ги стави рацете под нејзиното сласно и предизвикувачко тело, а Лидија го бакнуваше со кратки бакнежи што непрестајно ги повторуваше по лицето, по рамената и по секое косме на неговите гради. И двајцата сè повеќе му се предаваа на неугасливиот пламен на похотата и се чинеше дека во тие мигови со огромна усреќеност во душата и срцето си играат со тој силен оган веќе потонати во сладосна занесеност. Колку убава беше Лидија во ѕвездената ноќ: нејзиното голо тело, цврсто како здрав овошен плод, беше размирено и бујно и подготвено за долго пловење во отвореното море на страста. Таа имаше желба нејзините бедра засекогаш да останат така притиснати од неговите. Се насладуваше од допирите на Тимотеј, а под неговата тежина се чувствуваше како да е вкопана вземи, но ѝ беше толку убаво од тоа чувство. Му нудеше едноподруго подароци од своето раскошно тело богато со преслапи и вршки. Тоа беше заемно дарување со бакнежи, со прегратки и со сето она што беше можно да се даде и со она за кое дури, во такви моменти, и не се знаело дека во толкава мера се има во себе. Тимотеј, вознесен, го допираше нејзиното прекрасно тело кое во тој миг, во таа палава пролет на сладострастието, цутеше на неговите прсти како на гранки. Во еден момент се изненади самиот себеси од еден чуден бакнеж што ѝ го даде, а уште поизненаден беше од бакнежот што таа во истиот миг го возврати на еден дел од неговата снага. Тој одново и одново го привлекуваше кон себе нејзиното вито тело. Лидија беше галежна, со нагли пламења што избиваа од нејзината соблазнивост од која тој предостатно се возбудуваше. Таа го забрзуваше своето дишење во миговите кога нејзината уста со исклучителна алчност се напратуваше да ја бара неговата. Лидија, со преслатки зборови што се повторуваа на нејзините усни, уште попламено го прегрнуваше, ја земаше неговата рака и ја движеше по своето тело задржувајќи ја на дојките, изустувајќи слаткогласни зборови што ѕунеа на нејзините усни. Потоа, по којзнае кој пат, му ги бакнуваше прстите, тие долги и силни прсти, и неговите благодатни широки дланки што ѝ предизвикуваа жестока возбуда кога ѝ го допираа телото. Тимотеј ја чувствуваше истата помамност кон нејзиното толку младо тело кое му создаваше неискажливо блаженство. Во тој волшебен средноќен миг, светлотата на нејзините гради, од кои избиваше сензуална топлина, се мешаше со небесната светлина. Лидија му го притисна лицето врз своите дојки, а тој го чувствуваше на образите пламенот што бликаше од нив. Грепките ѝ беа како кадифе, а кога Тимотеј почна похотливо да ги става усните ту врз едната ту врз другата, тие набабрија од лесниот и влажен допир на неговиот јазик и станаа како пролетни пупки. Таа му возвраќаше топли бакнежи, а одвреме-навреме одвај осетно го допира-ше по телото со усните како со пеперужни крилца. Топлината на летната ноќ беше навлезена во детелината врз која беа легнати, а нивните тела продолжуваа заемно да се притискаат нрбаре секое сакаше да си направи место во другото. И каква благодат беше тоа за Тимотеј да го чувствува под себе нејзиното сласно тело, да ги доживува под своите усни нејзините горешти усни набабрени од похотливост, да ги чувствува под своите дланки нејзините светливи дојки, една по една, а потоа двете заедно, да ги доживува нејзините волшебно долги нозе што одвреме-навреме газеа по ѕвезденото небо, а потоа благодатно се обвиваа околу неговото тело. Дојките на Лидија имаа совршена оптегнатост и нивните грепки на моменти го допираа нурнатото лице на Тимотеј кој допушти, сè до нивното соединување, таа да го води по своето тело, да го води лека-полека, ту по заобиколни патишта ту прекутрупа, со бавност од која се зголемуваше карванот на нивната страсност. Под месечевата светлина убавината на Лидија беше без ограничување: од лицето продолжуваше во нејзиниот врат, во рамената, во дојките, во грепките и се распрснуваше по сето нејзино тело: во совршено рамниот мазен мев, во долгите нозе, во колената, во анѕите, во стапалата нејзини. Тој сакаше да го чувствува мирисот на нејзиното тело под себе и да ги слуша нејзините милозвучни воздишки кога нејзините усни, желни за бакнеж, со сета силина се нафрлаа врз неговите. Нејзините пламени усни се претвораа во вистински еротски канџи што цврсто се впиваа онаму каде што кацнуваа, а и Тимотеј со усните свои без прекин ја впиваше блажината од нејзините усни и од нејзиното тело, и пиеше така сè додека не беше сосем обземен од огнот негасив. Почнуваше вистинскиот сведен на љубовта. Нејзиното тело целосно почна да се разигрува; нејзините усни, вжештени до вгорување, станаа месојадни; рацете и прстите нејзини почнаа да се претвораат во грабливи птици, а кривините на нејзиното мазно тело правеа соблазниви меандри кај колковите, подготвени секој миг да пламнат; од сето тоа Тимотеј имаше чувство дека плови во магмата на најсилното сладострастие. Меѓу нејзините бутови, што почнаа да се подотвораат како прегратка наменета за неговите, Тимотеј го сети блаженото кадифе од влакненца кон кое почна да го насочува своето телесно рало подготвено за заорок. Ја нурна главата во свилата на нејзината распослана коса што ѝ ги покриваше голите рамена. Неговите раце почнаа похотно да ги зграпчуваат нејзините облини што беа тврди и мазни, потоа се лизнаа удолу, по бедрата, и сопреа од спротивната страна на колената, во алчињата, и тогаш малку ѝ ги подигна нозете. Проникнати од заемното чувство на љубов, Тимотеј и Лидија, со своите докрај пламнати тела, влегоа во вителот на страста. Мирисот на нивните тела се мешаше со мирисот на тревата врз која беа легнати. Тимотеј беше омаен од нејзината плот, а најмногу го возбудуваа нејзините набрекнати дојки, цврсти и јадри, но изразито одвоени една од друга. Од нејзините усни избиваше маѓесна сензуалност и тој, опиен од нејзините телесни извори, од допирот на тие прекрасни плодови, од мирисот на нејзината кожа што имаше обележје на вистински цвет, сè повеќе и повеќе ѝ се препушташе на насладата. Уште колку убавини и уште колку тајни таеја нејзината плот, нејзината ликија, нејзината чиста и голема душа. Лидија со длабока расчувствуваност ја впиваше во својата плот сладината на секој негов милосен допир и ја чувствуваше поодделно нежноста на секој негов прст. Одново таа продолжуваше да го милува по телото, а допирот со неговите телесни влакненца ја полнеше со соблазна. Похотноста ѝ ја имаше запалено сета снага, а неговото забрзано дишење над неа како ветрец го подзасилуваше тој нејзин телесен пламен. Сензуалноста на нејзините усни стана зараза и го опфати целото нејзино тело, па како да почна да се прелева и по тревата под нив, а над нив како да се извишуваше дури до ѕвездите. И двајцата чувствуваа толку многу сладина што веќе беше узреан моментот нивните допири да почнат да се управуваат сами од себе. Во тој миг широкото поле беше света соба на нивната љубовна ноќ, осветлена од месечината, од ѕвездите и од светулките, а за постела имаа тревен килим со шарби од џунџулиња и матерка; тоа беше кревет на соништата потонат во земјините набори намирисани од неповторливиот маѓесен тук на љубовта. Тимотеј и Лидија се прегрнуваа држејќи се цврсто еден со друг, а нивните раце како да немаа намера да го пуштат она што го вчепиле. Беа заплиснати од силен бран на среќа и блаженство што ги полнеше нивните тела и срца со пламена решителност, а чувството дека во тој преважен миг прават нешто што се прави засекогаш ги исполни со дива радост. Телата им се впиваа едно во друго и како да се палеа едното од другото и при најбеглиот неволен допир по чувствителните места. Сите пори на нивните тела беа ширум отворени за да ги примат во себе сладостите од меѓусебните допири. Малку по малку врз тревата почнуваше величествениот танц на нивните похотни тела. Лидија му ги нудеше на Тимотеј како на софра сите плодови на своето тело. Во еден момент таа ги подрашири своите бутови и не ни помислуваше дека првото навлегување на стврднатиот ерос на Тимотеј низ нејзиниот сластен лотус ќе ѝ предизвика извесна болка. Таа усети бескрајна желба да го доживее тоа. Меѓу бутовите го почувствува неговиот вжештен габров прат што почна најнежно да напира во влагавото влагалиште, токму онаму каде што таа одамна го очекуваше, среде соблазнивата телесна роза. Нејзиниот рамен и жежок мев почна да се поткрева со нагли движења за да му дојде во пресрет на она што таа со толкава похота очекуваше да влезе во неа. И почна тоа навлегување: полека и нежно. Нејзината податлива роза беше набабрена од силните возбудувања. Тој чувствуваше како со втврднатоста на својот ерос навлегува по тесни патеки во слатка премамлива телесна џунгла и колку повеќе позавлегуваше, таа сè повеќе се затвораше околу неговиот ерос предизвикувајќи му немерлива сласт што тој истовремено ѝ ја возвраќаше. Лидија, докрај прочувствена, уште пострасно го привлече Тимотеј кон себе при што од нејзината уста зазвучи еден пробивен рев што се претвори потоа во длабок провлечен гргор што одеше од милозвучен крик накај сладосна воздишка, од врескот накај гукање. Потоа тој тонеше бавно во неа и запираше миг-два за да ја заузди соблазната и токму тогаш некакви слатки бранови од неговото тело се симнуваа долу создавајќи напир во нејзините маѓесни внатрешни предели. Тие бранови сè повеќе го потопуваа во неа. И тој и таа веќе трепереа од двојната безмерна сласт така што во тој неповторлив чин сè повеќе доаѓаше до израз беспрекорната усогласеност на нивните тела во тоа соблазниво заемно поврзување. Со сета должина на своето тело припиено врз неа, тој ја преграбуваше омајно и благосно. А таа, кога би можела, би го заглибила него во најдлабокото од себеси и беше пренесена во неискажлива драгост од неговото навлегување во неа и се гордееше со дивите предели во своето тело во кои за првпат влегуваше човекот на нејзиниот живот. Почна полека да се впива во него и, иако беше оздола, се чувствуваше како да плови во него како во некое топло море што почна полека да ја покрива. Тимотеј лесно загосподари со неа и веќе ги имаше клучевите од нејзиното тело и непрестајно ги отвораше нејзините телесни богатства. Лидија потоната во најдлабок занес почна да го опсипува со бакнежи и милувки, но Тимотеј знаеше дека треба да биде претпазлив и да се совлада зашто во одредени моменти, кога машката раздразнета снажност би одговорила со иста мера на страсноста на жената, на сладострастието што тојчас го чувствуваше Лидија, постои опасност од некој невоздржлив изблик на страст што ќе ја превиши мерата и што може зачас да ја оттргне од нејзиното слатко пијанство. Двајцата беа зашеметени од похотливата сладина. Тој за миг-два ја напушташе врелината на нејзиното сладосно плотно дувло и го лизгаше својот обелиск по нејзиниот жежок мев; одеше така до папокот, а потоа пак се упатуваше надолу, накај копарокот од нежни влакненца, и му се одземаше здивот: почнуваше да напира околу нејзиниот лотус кој за секое свое катче заслужуваше воспевање. Тимотеј обигруваше околу тој жежок влакнест калаф, и тоа беа мигови кога ковачот за момент престанува со својот чекан да го кове усвитеното железо од плот, па вознесен ја гали таа раскошна телесна волшебност. Тој повторно навлезе во неа, ги зграпчи нејзините усни со своите, ги задуши своите и нејзините страсни воздишки, а нивните тела пак затанцуваа и тоа беше ѕвезден танц на вљубените сладострасници. Едно време Лидија ги згрсти своите дланки и ги доближи до неговата уста, како да сакаше да зацрпи грстови од неговиот здив, и ја доближи својата уста до неговата и му го насочи дишењето кон својата уста, како што се навртува вода, потоа сети дека и Тимотеј настојува нејзиниот издив да го насочува кон своите усни и така си ги мешаа воздишките и помамните крикови. На тревата, во прегратката на природата, водеа љубов со длабока сосредоточеност. Секој од нив сакаше колку што е можно повеќе да го жегоса другиот со себеси, да му удри своја замба, да му стави свој телесен и душевен белег за векутума века. Тимотеј беше вознесен од задоволството што цутеше во Лидија; го чувствуваше напирот на нејзиното младо тело препуштено на похотата. Му се чинеше дека плови во некои топли водни пространства; го носеа високите сладострасни бранови, ту горе ту долу, сиот задишан, сè додека тие немерливи страсти не се разбиеја, заедно со катарката, од гребените на внатрешните топли предели на Лидија зголемувајќи го безмерно неговото и нејзиното телесно благување. Телесните свијоци кај нејзините колкови се прелеваа во вжарена хармонија. Лидија блескаше со својата внатрешна среќа. Секој трепет, секое бранување во телото на Тимотеј беше префатливо и во истиот час продолжуваше во нејзиното. Нивните тела беа споени како силен стисок на две раце или онака како што би биле стиснати едно во друго две тела во мигот кога сакаат двете одеднаш да излезат низ чудесната страга на страста. Волшебната сврзливост на нивните тела, стврднатоста на горештото орало на Тимотеј, преданата телесност на Лидија - сето тоа претставуваше нивно немерливо богатство. Тимотеј одвреме-навреме одново излегуваше од нејзиното тело и страсно, но со најголема нежност, ја милуваше по венериното брекче, по меките густи влакненца. Потоа пак навлегуваше во неа и колку повеќе задлабуваше кон дното на нејзината плот толку повеќе се зголемуваше нивното заемно жештење и распалување. Нивните споени тела беа како две похотливи планини готови да се урнат една во друга. Тимотеј и Лидија до пепел го изживуваа огнот на својата страсност и потоа повторно пламнуваа како ламбади. И двајцата чувствуваа дека веќе ги минуваат сите межници и дека втасуваат до себезагубеност. Се пристрастија толку многу што почнаа по малку и диво да се зграпчуваат во занес и не можеа да се откинат од заемната наслада, а телата им посакуваа да бидат споени едно со друго до безумство, додека не им се измеша и врелата крв. Нејзините налети кон него, нејзините дојки што ги бараа неговите дланки и нејзините грепки што ги бараа неговите усни, нејзините нозе, вити како лозници, што се испреплетуваа со неговите, покажуваа дека Лидија првпат чувствува вистинско телесно задоволство, ставајќи го тоа до знаење едно за друго со испуштање на долги сладосни крикови. Таа нежно му ги гризеше усните и го влечеше во најдлабокото сладострастие, во магијата на својата плот. Почна да зазема такви пози кои ја засилуваа угодноста на неговата и нејзината плот. Тоа го правеше сосем природно и токму затоа се чинеше дека владее со најсовршената умешност за водење љубов. Лидија му се препушташе на насладувањето и го земаше сето она што ѝ го нудеше Тимотеј, а од своја страна не му скусуваше ништо од она што му го даваше ниту пак сакаше нешто да зачува од она што го имаше за давање. Како угодлива страсница беше во состојба да направи и најдразливо движење ако беше убедена дека е тоа по волјата на Тимотеј. Прифаќаше работи за кои мислеше дека никако не би ги направила. Му ги овозможуваше на Тимотеј сите положби што му создаваа наслада, а и самата во одредени моменти му се нафрлаше со младешка ненаситност и со нагли пламења. Одвреме-навреме сите десет прсти на нејзините раце се собираа вкуп за да го допрат неговиот настроен секс како што павијанот изјазен на некое дрво се обидува со сите прсти наедно да ја отвори лушпата на некој сладок овошен плод. Лидија беше разбранувана и докрај расчувствувана, а нејзиното сумтење прилегаше на шушкотот на огромниот мев во ковачниците. Неколку пати се обиде да си ги држи со рацете стапалата на подигнатите нозе, а напати, потпирајќи се цврсто со рацете на меката трева, со раширени нозе, се поткреваше со долниот дел на телото кон него, правејќи смели пречекливи движења. Во тој метеж на сладострастија се случуваше Тимотеј бргу-бргу да се најде долу, а таа да му седи во голиот скут во вистински став за јавање, заглавена на неговиот вжештен прплик. Тимотеј како да беше уловен од неа, од таа леплива надразлива пајажина на сладоста што се обвиваше околу неговото тело. Толку многу сакаше нагалено да гледа како лицето ѝ се вжарува од сласт и како паѓа во длабока возбуда, а и самиот тонеше во неискажлива наслада. Спружен врз Лидија, Тимотеј го чувствуваше своето тело како греда, како плотна дема, ставена над грготен порој надојден од високите гори, порој во чии брзи води напролет, прескокнувајќи ги со бреење, се огледувале сексуално оптоварените елени-треќаци, но порој што на моменти напираше толку многу што и Тимотеј паѓаше во него. Тимотеј го држеше во силна и цврста прегратка размиреното и сосем разбранувано тело на Лидија. Беше малку вчуден од повремените похотливи крикови предизвикани од нејзиниот полов инстинкт што во неа го пробуди токму тој. Неговото љубовно оружје навлезено во нејзиното тело севезден беше стегнато од слаткото менгеме на нејзината дрчна плот и колку повеќе тоа стегаше толку поголема и понемерлива беше неговата похотливост што уште повеќе ја зголемуваа и прангиите на нејзините раце и нозе ставени на неговото тело. Тимотеј веќе трет или четврти пат ја држеше под плуг својата света нива омаен од ѕвезденото небо кое во тивката ноќ, во отсјајот на нејзините јадри очи, блештукаше како песочна плажа. Тој живееше ноќ на опсенетост во нејзините слатки прегратки и единствено тој можеше да му приреди такво празненство на нејзиното прекрасно тело. Лидија како да беше намотана на Тимотеј, а во нивната цврста прегратка провриваше страсноста. Се милуваа, се горештеа, се насладуваа и се дограпчуваа до вжарување, а и нивните сенки во тревата ги правеа истите движења. Во ноќта, што им беше ширум отворена, одекнуваа блажени крикови и извици. Слатката поврзаност на нивните тела имаше исклучителна продолжителност. Напирот на еден бран сензуална плима ги понесе обајцата кон чудесните висови на сладострастието, спојувајќи ги во најголема можна мера еден со друг, откинувајќи од нив испрекинати крикови од сладина и љубов, ставајќи ги во заемна опиеност. Во таа светла ноќ, во која првпат ја сетија и својата голема телесна љубов, и двајцата се чувствуваа полни со оган и со похота. Од кај на кај можеше да се знае кој од нив го олебуваше другиот во заемен оргазам што се повторуваше неколку пати поредум во текот на ноќта. Двете тела, споени едно со друго, си разменуваа силни милувки и жестоко се соблазнуваа и се палеа едно од друго. Тимотеј и Лидија, зажеглени во јаремот на страста, беа докрај вдадени во уживањето од заемната соблазнивост, благуваа сè повеќе и не се грижеа за она што поминало вчера и за она што ќе им врви преку глава утре. Кога сиот живот се посветува на еден миг и кога за тој миг се занемарува сè друго, само тогаш се достигаат највозвишените форми на среќата и на телесното насладување. Тимотеј и Лидија предоволно се сладеа и предостатно водеа љубов препуштени на својата похотливост. Но и покрај тоа упорно настојуваа со милувки да се доистражуваат себеси и да се испробуваат, да си ги одгатнуваат и последните загатки на плотта своја, да се доведуваат во услуп, да ги дотеруваат своите страсти на терезија, да се порамнуваат, и сето тоа не беше нивна заложба за да се исцрпи помамата на едниот за другиот туку за да ги разоткријат докрај сите еротски врутоци во своите тела. Меѓу нив веќе немаше никакви межници и тие еднодушно му се препуштија на незагасливиот пламен на похотата и се сосредоточија на водење љубов што ги разнебитуваше еден во друг, но никако не успеваа да ја исцрпат похотноста зашто помамата сегашна постојано беше заменувана со страста нова, што надоаѓаше. И затоа, пред да му се препуштат на слаткиот сон, Тимотеј и Лидија почувствуваа дека доживеаја една од оние ноќи што се паметат цел живот и што не се повторуваат речиси никогаш. Најпосле Тимотеј и Лидија лежеа неподвижно на тревата еден споредум друг како покосени од оружјето на сладострастието, откако претходно од глава до петици ги употребија своите тела во долготрајното возљубување. Набргу потоа ги склопија клепките за да можат нивните зеници да се нурнат во спокоен сон. Тојчас, во ведрата летна ноќ, натлаката на лицето на месечината беше единствениот облак на небото. * * * Кога муграта им ги допре клепките, Тимотеј и Лидија некако истовремено се пробудија од краткиот но пресладок сон. Со неискажливо задоволство Тимотеј забележа дека Лидија на усните има роса и веднаш ги стави своите усни врз тој росен кладенец. Белото сребро на муграта распослано по планинските врвови веќе се спушташе надолу и ги браносуваше остатоците од ноќната темнина за да го доизбели полето. Над Тимотеј и Лидија ѕунеа радосни утрински крикови во својата најчиста форма. Каква девственост и колку чудесна оживеност, колку среќни патувања и средби се навестуваат во веселото грготно клопотење на сребреникавите агрегати на муграта кога е во непрестаен напир чудесната раздвиженост на бубалките во росата и кога штедро бликаат опој и омај од свежеста на небото. Тимотеј и Лидија се чувствуваа сосем свежи, зашто и на двајцата им се чинеше како да се имаат искапено во кадата на росната мугра. Нивните очи сè уште како да го чуваа ѕвездениот сјај од кој беа облевани цела ноќ. По извесно време, додека Тимотеј седеше наземи, Лидија, облечена во неговата кошула, но сосем раскопчана, стана и почна да чекори по тревата чии стракови беа накитени со безброј мамузи од роса. Нејзиното прекрасно лице беше освет-лено од муграта и немаше ниту една сенка. Во тој мугрен миг Лидија со чудесно волшепство чекореше по тревата небаре танцува по росата, а нејзините боси навлажени нозе блештукаа како кристали. Бидејќи не дувкаше ни најмалецкав ветрец, страковите на тревата наоколу се нишаа само поради тежината на неизбројливите шарени бубалки што се јазеа по нив. Беа сами во огромната соба на полето. Во мигот кога и Тимотеј стана, Лидија му се фрли во прегратка. Долгиот бакнеж повторно им ги услачи усните. Кошулата на Тимотеј што ја имаше облечено Лидија не криеше ништо од предниот дел на нејзиното тело. Нејзините јадри дојки, нејзиниот мазен мев, тоа нејзино мило полжавче од папок, нејзините долги, долги нозе вајани од божествена рака, нејзините колена што го градеа совршенството на услупот на телото нејзино, таа нејзина коса што се прелеваше од светлината на зората, сето тоа пред очите на Тимотеј напираше како неповторлива женска личотија. Потоа, откако се облекоа во сосем истутканите алишта, што преку ноќта им служеа како постела и по кои, а особено по фустанот нејзин, овде-онде имаше црвени дамки небаре плиснати од залезот, Тимотеј ја зеде Лидија во своите прегратки, а таа му се уви околу вратот и од дното на душата се чувствуваше како најсреќна жена на светот. Во тој момент на Тимотеј и Лидија хоризонтот им беше најблискиот сосед. СЕДМА ГЛАВА Извесно време по својата најбурна ноќ, Тимотеј и Лидија повторно заминаа во полето, во беспределната соба за двајца. Овој пат таму пристигнаа уште во раните утрински часови. Застанаа на истото место, но сега тревата беше со малку потврди стракови. Од јаснина до пладнина водеа љубов толку силно, со толку многу страсност, до самозаборав, што дури и се прашуваа отпосле на што се должи тоа нивно толкаво можење и тоа нивно толкаво заемно уживање и вивање во спојот на нивните распаливи тела. Беше ден неделен и повторно беа сами во полето, токму на средината на големиот прстен на хоризонтот. Лежеа така, а им беше знајно на двајцата дека еден допир, еден посаклив поглед на Лидија проследен од нејзината затаена насмевка, еден бегол взор на Тимотеј во поодгрнатите дојки на Лидија би биле исто како потклавање борина на распален оган и би можеле пак да ги спојат. И ги соедини токму таков повод кога Лидија седна на еден расновит камен заглавен во долниот дел на две блиски стебла, а нозете ѝ се соголија до најгоре. Точно напладне, исполнети со среќа и драгост, истовремено станаа од тревата и по вообичаеното прегушнување, тргнаа накај хоризонтот. Лидија веќе подолго време знаеше дека Тимотеј е усилено преокупиран со хоризонтот. Тимотеј рече: Хоризонтот минува најдалеку низ денот. Лидија се спушти на колена на тревата и се наведна над еден прекрасен цвет. Сосем одблиску го обгледуваше цветот, го допираше нежно и се чинеше дека го отвора со некое клуче неговиот мирис. Го скина цветот и си го стави во косата. Тимотеј рече: Хоризонтот е спуштен во просторот како некоја огромна плашлива птица што непрестајно подлетнува сè понатаму и понатаму кога некој ѝ се приближува. Лидија рече: Хоризонтот е една брчка на челото на далечината. Тоа му се допадна на Тимотеј и се насмевна. И Лидија се насмевна. Таа рече: Хоризонтот е првата бразда изорана во нивите на небото. Тимотеј рече: Првиот хоризонт што го опчекорува човечката нога е прагот на родната куќа. Лидија рече: На хоризонтот не е можно човек да му шепоти, може само нешто да му довикне. Тимотеј пак се насмевна. Рече: Кога човек би се спрепнал од хоризонтот, би паднал во небото! Хоризонтот е праг на небото. Лидија рече: Зрнце песок има влезено во чевелот на хоризонтот, затоа е кривуличав и на секој чекор кривуличи околу-наоколу. Тимотеј уште од мал беше опсенет од хоризонтот и затоа му беше премногу драга духовитоста на Лидија. Ја опфати околу половината и ја крена високо, а таа му се обеси на вратот и го бакнуваше по убавото лице. Тимотеј рече: Хоризонтот е ехо на погледот. Лидија за момент замолча, погледна во хоризонтот и го почувствува тоа што го рече Тимотеј. Таа веќе немаше свои духовити идеи за хоризонтот. Тимотеј погледна во ведрото сино небо. И таа гледаше во небото. Потоа двајцата, молчејќи, невообичаено долго гледаа до кај што држи полето, гледаа кон хоризонтот што им изгледаше како јатор каде што рабовите на небото се вглавуваат во земјата. Тимотеј рече: Небото е единствениот коњаник што јава наголо на сапите на хоризонтот како на невидлив коњ кој зад себе влече невидлива чеза со едно тркало, но и тркалото не се гледа, а се гледа само трагата што ја остава, а која всушност исто така не постои. На Лидија тоа многу ѝ се допадна и го примоли да го повтори уште еднаш. Тимотеј со задоволство го повтори истото и потоа ѝ раскажа дека на малост излегувал од градот во полето и сакал да оди да си игра со колобајчиња дури на хоризонтот, но не успевал зашто колку чекори тој правел кон хоризонтот за толку чекори хоризонтот отстапувал понатаму. Потоа, во улога на главник, со другите деца што му се придружувале, фрлал камчиња кон хоризонтот и со праќа, но хоризонтот секогаш бил далеку. Бил упорен, постојано се обидувал и одвај еднаш успеал. Но не со камче, не со грумец, туку со едно луто камениште замавнал и го погодил хоризонтот кој од ударот помодрел, а потоа од модрицата на хоризонтот станало сино и сето небо! Бил толку возбуден од тоа што вчасот се разбудил! Колку што бев среќен што успеав толку бев и јадовен и јадовит што сето тоа беше само на сон, рече Тимотеј со широка насмевка на лицето. Тимотеј и Лидија пак гледаа во далечината и како да не можеа докрај да ги склопат очните заклопки, зашто меѓу горниот и долниот капак им застануваше хоризонтот. Далечината им ги запречуваше погледите со хоризонтот како со склопен очен капак. Тимотеј рече: Хоризонтот бил раска во окото на Икар. Никој досега не се побунил против хоризонтот како што го сторил тоа Икар. Обидувајќи се да си ја извади таа раска што му го глочкала окото, тој ја повлекол нишката хоризонт како конец, и така, без да биде свесен за тоа, веројатно почнал да ја расткајува сината ткаенина на небото. Икар го сметал хоризонтот како јамка најамчена на вратот на сите живи. Тимотеј и Лидија гледаа во хоризонтот, во таа жива скулптура. Икар сигурно му рекол не на овој простор што е ограничен со хоризонт и тогаш веројатно најмногу посакал да го продолжи својот лет кон сонцето. Тимотеј имаше долга приказна за доживелиците на Икар, но неговото сказание беше далеку од тоа да биде споредувано со некоја благосна прикаска. ОСМА ГЛАВА Кога градителот Дедал ја прифатил понудата да го изгради најсовршениот лавиринт на светот, со себе го повел и својот неврстен син Икар, кој тукушто заодил, а погледот севезден му бил управен кон небото и кон сонцето. Родителите, плашејќи се да не му се оштети видот, отсудиле тој да ѝ се придружи на татковата екипа. Со години се градел лавиринтот и со години Икар не видел сонце. Кога завршила градбата, моќниот нарачувач на лавиринтот, за да биде сигурен дека никој нема да ги открие тајните на таа исклучителна градба, наредил градителите да бидат погубени, со исклучок на Дедал и син му Икар, кои ги сместил во најтемниот дел на лавиринтот како доживотни заточеници. Икар, веќе пораснат, се обидувал да ја установи разликата меѓу темницата кога очите му се отворени и кога очите му се затворени со клепките, но немало никаква разлика: тоа секогаш била истата карабоја. Движењето во лавиринтот имало цел човек да стигне онаму каде што всушност се наоѓа непрестајно. На оние што се во лавиринтот очите им се како соѕидани. Било толку темно што прст пред око да не се види. Таму сетил Икар дека човекот е ехо на животот во времето. Во тој дел каде што биле заточени лавиринтот немал ни ѕирка ни проѕирка, ниту некоја каква-годе пукнатина низ која би можеле да се мешаат надворешното и внатрешното. Ќе го видам ли уште еднаш сонцето, прашувал одвреме-навреме беспомошниот Икар, а Дедал одговарал дека постои семоќниот Господ Бог кој бездруго ќе им дојде на спомош. И навистина, еден ден жената на господарот им дала трат и кремен и неколку восочни свеќи и им овозможила да излезат од лавиринтот и тие се нашле во една полјанка опкружена со високи ѕидишта без ниедна врата, каде што за нив небото било единствениот излез. Сонце, сондевце мое! извикал Икар кога се нашол на бела виделина, возбуден и пресреќен што повторно ги гледа небото и сонцето. Со копјата што останале во полјанката од некои воини Дедал соборувал огромни прелетни птици не само за храна туку особено заради пердувите со кои направил две обични крилја за себе, а на рацете на Икар оформил прецизно, како што се суградува шарена гемија, две огромни проѕирни крилја и на секое од нив ставил по седум рубини што ги нашол кога ги копал темелите за лавиринтот. И тие двајцата летнале над ѕидините. Летајќи, патем Икар решително изјавил дека ќе се спушти во родниот крај само за да се поздрави со мајка си, а потоа ќе го продолжи својот лет угоре, кон сонцето. Дедал не можел да го разубеди, а имал и разбирање за восхитот на Икар кон небото и само го посоветувал да се заварди и да не му се доближува премногу на сонцето. Икар го подзабавил својот лет, а Дедал побрзал во родното место да ги извести сите дека успеале да се спасат од лавиринтот, но кажал и за она за што се решил Икар. Мало-големо, сите додошле на полјаната каде што требало да слета и чекале цел ден и цела ноќ, а Икар пристигнал дури во мугрите. Сите останале наредени во круг на раздалек од двесте чекори од него, а само мајка му, таа кутра мајчица-сенчица, му пришла, го прегрнала и го благословила, и се вратила кај другите. * * * (МАГИСТРАЛ) Беше уште мугра во големото време на светот кога Икар се подготвуваше за својот лет кон сонцето. Муграта ги полеваше неговите зеници со роса. Над Икар и над сите оние, од мало до големо, што стоеја на купои-купои околу него, беше извишено ведрото небо, тој величествен син храм, тој прозорец без первази, тој букет од синолички, тој син нем водопад. Малку доцнеше небесниот часовник поради што беше благо размирена душата на Икар, кој непрестајно погледнуваше кон небото, кон таа сина завеса без ниеден набор пред која немаше ништо однапред, а сите тајни беа одзади. Икар беше подготвен да се развиши кон блескавиот азур. На рабовите на неговите крилја блештукаа рубините на вечното заминување и тој вложуваше усилби да ги заузди своите крилја, кои беа кадарни, уште на почетокот на летот, со еден замав да се вивнат седум милји во небото. Секое негово движење, и најнезабележливото, беше во знакот на тргнувањето угоре и се чинеше дека и небото се обидува да му прозбори со своите сини усни. Во тој миг небото беше тишина што се граничеше со неговата душа. Како да се очекуваше некоја рака да се подаде кон него за да може да летне зашто збогувањето е почеток на секое патување. И дојде тој величествен миг. Една рака откај хоризонтот како да му даде одобрувачки знак. На исток сонцето го појави своето блескаво злато. Почнуваше вистинско светско утро. Неговите крилја, речиси невидливи, бесшумно се растворија. Икар ги подаде своите растреперени усни кон нежната небесна празнина и, вознесен од бакнежот на провирното небо, со ширум отворени очи го посретна светлиот диск на сонцето и, кога неговите зеници го добија највозвишениот благослов среде таа штедра сончева светлина, небото ја отвори својата сина порта и Икар се вивна во беспределните сини хектари на височините. Навчас се најде во цврстата прегратка на небото. Би се рекло дека патот на раце го понесува патникот додека ги прави првите стапки. Погледна наудолу надолж и нашир и ги забележа покривите на куќите во населените места кои одозгора му изгледаа како поле прекриено со божурики и сфати дека небото е покрив без ограничување и дека небото е сојузување на сите покриви на земјата. Извесно време Икар леташе над голини и пржели и кога наземи здогледа една зеленчица, за момент доби желба да се спушти таму, но вчасум стана свесен дека за него постои само извишување. Одвреме-навреме погледнуваше долу и забележуваше дека лета над баришта и млачишта, над врбјаци и драки, над скапци, превалци и пресеки, леташе и над дрми, а по едно време се најде и над огромна шума во која забележа едно примамливо лазиште на кое пак му одолеа и продолжи да се извишува. Подоцна долу ги забележуваше само вишните планини што изгледаа како копнени острови. Веќе има човек на небото! Тој е беспрекорен навигатор во чистиот воздух. Околу него сè како да клика: Добре дојде, о ти што пловиш кон азурот! Икар сега го чувствуваше сето небо како свое засолниште и како покрив над главата, а тоа како да го придржуваше неговиот лет со својот син поглед. Небото си има обезбедено најдобра поставеност над светот: небото е прозорец со недогледен видик и со постојан поглед кон сопственото море. Во првите моменти на патувањето очите на Икар станаа вистински небесни пирати и упорно само гледаа за да можат да видат сè. Долу, рабовите на небото беа во потрага по вишните планини, по тие свои меки облегалки ватирани со бели облаци. Икар беше восхитен од тоа како ширноградните планини долу ги задржуваа на себе облаците и магличките за да може горе небото да биде ведро. Ќе соумеам ли да не сопрам на овој пат што води до сонцето? - се праша едно време Икар и забележа дека на небото не е сам. Првин забележа една птица што му изгледаше како остров во небесното море, потоа забележа јато птици што му се сторија како архипелаг, а потоа околу него се расфрчија и чудо други птици што летаа поединечно или во јата и доби впечаток дека небото е пренаселено. Ги гледаше тие птици што летаа крило до крило, но и тие го забележаа него и му се восхитуваа на убаво формираните крилја кои сепак најверојатно им личеа на фантоми. Една птица смело се устреми кон Икар и откако го облета неколку пати пак се врати во јатото. На Икар ведрото небо му личеше на огромно сино око кое одозгора гледа сè, и кога за миг некое пиле господово ќе пролеташе меѓу небото и него, и ќе засенеше, се чинеше дека во тој миг трепка тоа небесно око. Кога околу него наидоа повеќе јата, небото како да се потстемни од нив и Икар ги раскрили само еднаш огромните крилја и пак се најде над сите птици кои речиси воопшто не се вознемирија од тоа што тој лета повисоко од нив; и се чинеше дека тие уште од малост, уште откога зазнале за себе, се навикнати да го трпат небото над себе. Тие знаат инстинктивно до каде можат да вишнеат и, откако ќе си ја земат својата облага од небото, пројавуваат бојазливост од превисокото летање, зашто се наздраво уверени дека небото се храни со птици што летаат највисоко. Не требаше да помине долго време за да сознае Икар дека птиците всушност најмногу сакаат да летаат долу, по рабовите на небото, во близина на хоризонтот, каде што азурот им е секогаш најверен на крилјата. Икар го забележа дури и тоа дека јатата птици летаат како скалапени и затоа имаше некаква дисциплина во нивниот лет. Додека Икар беше во нивната близост, птиците со чудење се прашуваа што бара тој човек на небото и, гледајќи го како устрелато го сече воздухот нагоре, знаеја дека нема набргу да го видат во својата средина. Потоа, кога се вознесе во вишни вишини, Икар почна да лета бавно, со врвовите на крилјата, за да може во подробности да го разгледува она што му беше пред очи. Од сите дотогашни летачи тој беше најправо устремен кон зенитот каде што мислеше дека се наоѓа плоштадот на небото и каде што најверојатно ќе ја оствари својата средба со сонцето. Сега тој како да го имаше сето небо за себе и се насладуваше од таквото чувство. Невидливиот пат како да се создаваше сам пред него и се чинеше дека целиот небесен простор е исполнет со неговиот неповторлив блескав лет и дека небото им се подредува на неговите исклучителни крилја. Тој како да го имаше пред себе целиот свој живот за тоа среќно патување. Устремен кон сонцето, имаше чувство дека е избраник на судбината и дека е предодреден за трибун. Ту ја намалуваше ту ја зголемуваше брзината на летот. Во еден миг, кога шеметно брзаше, сфати дека брза всушност за да стигне онаму каде што се наоѓаше во тој момент, зашто токму сега се чувствуваше најубаво, со голема чистота во срцето, со стремеж кон нешто највозвишено. Небото му правеше место како да беше тој некое божество. Почувствува дека висотата на која се наоѓаше во дадениот момент него го направи возвишен. Самото тоа што е на таква височина, што е каде-каде повишна од онаа од која клика орелот, веќе беше достатно Икар да се чувствува восторжен и среќен. Небото, па тоа сум јас, кликна Икар, а тоа беше маѓесен клик што доаѓаше од средиштето на неговата душа. Му се чинеше дека небото му е на дофат, небаре му се имаше спуштено во прегратките. Тој не знаеше кога и како, но чувствуваше дека е можно со помошта на земјата да се создадат нови убавини господови на небото, а и дел од небесната прелест би можело да се премести наземи. Тоа го носеше во умот кога извесно време леташе над беспределна морска вода. Долу насекаде сино море, горе насекаде сино небо. Морето и небото како да се една целост поделена на два дела кои во онаа прва мугра по хаосот се осознале себеси и се сместиле засекогаш небото горе морето долу за да се огледуваат едно во друго како во огледало. Горе брановите на азурот се движат од зенитот кон хоризонтот и најчесто се разбиваат од планините како од карпи и нивна пена се облаците, а долу брановите на морето, како форма на ветрот во водата, се воздигаат беспрестано и одвреме-навреме има некакво заемно облачење и разведрување и се чини дека облаци од пена како бели гриви се поткреваат од морето кон небото, а сини бранови од азурот со пена од облаци паѓаат во морето. Небото почнува од днуземи, од онаму каде што престанува црноземот, и првин е море. Во тој момент Икар гледаше одозгора една огромна површина од морето во кое не пловеше ништо, но самото тоа долу, врз сопствените бранови, се лулееше како лаѓа со едра од пена. Еден син небесен бран му ги плисна зениците. Тој повторно се устреми кон височините. По некое време забележа, но без возбуда, дека и небото се поместува понагоре: како што му се приближува човек така тоа се поместува, како што прави хоризонтот долу, на земјата. Икар набргу сфати дека небото е хоризонт за оние што, како него, патуваат угоре. По извесно време, од недоветра, на небото се создадоа облаци кои отаде-одовде стануваа сè погусти и понепроѕирни, така што Икар веќе не го гледаше ниту небото ниту пак долу гледаше море или копно. На небото имаше толку многу облаци што тоа на Икар му изгледаше како планина во височините. Му се стори дека небото е гипсирано со облаци. Заразмавта силно со крилјата, се извиши, пак го здогледа небото, но тоа повторно се загуби во облаците како што се губи рамниот пат во планинските преслапи кога ќе го прекрие некој голем одрон земја или сип. Во визбите на небото облаците се бочви полни вода од кои некои имаат обрачи од виножито. Икар забележа дека има секакви облаци: едни беа од најобичните, малку подизвалкани по мевовите поради тоа што претходно, долу, се влечкале по планинските врвови; други личеа на вулканска лава, а некои на статуи. Еден облак како да му се насмевнуваше на Икар со огромните заби како глечери, а едно друго темно облачиште извесно време му стоеше над главата како шлем. Едно време Икар се праша дали облаците, особено оние што наликуваат на диносауруси, го рушат на извесен начин угледот на небото? Имаше некаква тежина во облаците и ветрот не можеше да ги движи брзо. Икар свикна на облаците; забележа дека и тие со своите огромни раце знаат да го гушкаат небото, но и небесното синило знае нежно да ги милува облаците и во таквите моменти има едно чудесно мешање на облаците со азурот и на азурот со облаците, и токму затоа често се случува најниските облаци, оние свиснати на хоризонтот, да бидат синкави. Икар замавна трипати силно со крилјата угоре и пак се најде во сината ткаенина на небото. Колку повеќе се извишуваше толку посини му стануваа очите од непрестајното проникнување на азурот во нив. Имаше време да размислува без прекин, но ниеднаш не се поколеба и не подзастана, зашто оној што одбрал добар пат нема потреба од запирање. За него летањето беше волшепство. Две срца чукаа во беспрекорна хармонија: неговото, полно крв, и небесното, полно светлина. Тој се движеше нагоре, кон изворите на небото, а патот сам се создаваше пред него, пред неговите крилја и пред неговиот горделив поглед упатен кон бескрајните поднебесни вишини. Беше среќен што небото му припаѓа открај-накрај. Небото најверојатно е постаро од земјата, но на неговото сино лице нема ниту една брчка. Икар сеќаваше дека е небото токму за него толку ширум отворено и осветлено како за свеченост. Сè повеќе чувствуваше дека кон небото не водат ширни патишта или некои влазници, но тој за никакви блага на светот не би им рекол збогум на сините височини кон кои напираше една голема идеја, неговата идеја. Пловејќи по небото, Икар со крилјата го двоеше азурот како што раката на пливачот ги двои морските бранови. Сè беше толку блажено во таа небесна тишина. Тој со погледот се потпираше на небото кое од незапаметно време ја имаше распослано открај накрај својата штедра убост. Сè беше чудо убавина, но Икар никогаш не би фрлил котва таму зашто за него немаше запирање. На моменти Икар му се препушташе на занесот и како да не леташе по небото, туку едноставно пловеше во синевината и во таквите моменти не беше патник воден од определена цел туку беше распалавен ороводец на бесцелна игра која предизвикуваше во него огромно задоволство. Замислуваше дека чекори и дека под неговите стапки крцка небото. Тој, ете, го виде небото отворено, влезе во него, но не за да најде колај и засолниште, влезе во тој божествен дом не за да се моли туку од едноставната причина да биде присутен, да се радува како пилиштарец и да блика од безмерна среќа дека тоа постои, дека е тој на небото и дека тоа му припаѓа нему. Икар беше патник кој не се обидуваше патот да го врзе во умот зашто тој пат се изврвува еднаш за векот да биде. Се минува еднаш засекогаш, од еден човек за сите луѓе и за сите времиња. Затоа упојната песна на небото беше и негова песна. По долго време, за првпат откако Икар се вивна на небото, сонцето зајде, а пред неговите очи се спушти темнината како завеса. На небото, кое исто така потона во мрак, се суздаде една храбра ѕвезда за да го води по небесните патеки и веднаш потоа се појавија до неа уште неколку ѕвезди и во моментот тој бога душа имаше доверба само во нив. Почнуваше првата негова небесна ноќ и првин ѕвездите се палеа една по една како свеќи, а потоа се појавија сите наеднаш и нивната светлост жугна како пожар. Му се стори дека во ведрата ноќ ѕвездите распрснати по небото ги посеа тој со сопствената рака и дека може, ако сака, пак да ги собере. Како да беа тоа негови расади од ѕвезди. Во него се распламти желбата да се извишува до молкот на ѕвездите. Почна да го чувствува ѕвездениот парфем што доаѓаше до него од ѕвездената небесна плот. Од дишењето воздух под азурот почувствува дека крвта му се облагороди со напивката од ѕвездените гроздови и сети вселенско пијанство. Се чинеше дека ѕвездите радо го пречекуваат неговиот поглед. Подоцна темнината на ноќта почна да се опточува со мугра која наскоро се вгнезди во неговите зеници. Икар леташе по оној дел од небото каде што зори зората и тој почувствува дека има зори што уште не обзориле и дека небото нема да изветви од многуте зори. Икар првпат усети дека разденувањето може да биде застрашувачко поради огромните бели бездни што ги создава денот. Се појави сонцето. О сонце, сондевце мое, извика Икар колку што го држеше гласот, повторувајќи го истиот извик од времето кога излезе од лавиринтот и кога првпат го здогледа тој небесен владетел со таа бујна грива од светлина. Икар до века, до амина беше опсенет од сонцето. Му се чинеше дека е влезен во трагата што ја бара и затоа сфати дека неговото патување ќе трае долго. Кога човек ќе се приближи до витрините на небото, ама толку блиску како да си го има залепено носот на нив, нема збор дека навистина има што да види и што да развиди, иако навидум се чини дека ведрото небо е празно. Неговите крилја прилегаа на две планини што рамномерно мавтаа со совршен ритам и речиси сами ја крепеа врз себе тежината на небото. Летајќи од една до друга височина, Икар воопшто не беше свесен дека оди во потрага по самиот себеси. Чувствуваше дека не би требало да биде казнет зашто не влегол во некој непростив грев. Беше свесен дека не му е важно само да биде присутен во кој било агол од небото туку се силеше во наредниот миг да биде колку-толку повисоко од пред тоа зашто само со непрестајно извишување крилјата ќе се осмислуваат себеси. И без запир се извишуваше, а неговата душа настојуваше да се оди уште погоре, зашто брегот кон кој пловеше беше сонце вишен високо на небото. Икар сеќаваше дека е небото живеалиште по негова мера и дека тоа придонесуваше неговата осаменост да биде убава и богата. И почнаа да се менуваат денот и ноќта. Кога ги споредуваше, ноќта некако му изгледаше пошарена и побогата со ѕрнѕурки. Забележа дека во ноќта колку повеќе ѕвезди паѓаа толку небото имаше посвечен лик. Исто така сфати дека, кога си на небото ноќе, многу поубава глетка ќе имаш ако сопствените светла ти се изгаснати. На почетокот, обвиен од темнината, не се чувствуваше како во лавиринт туку беше некако опсенет од тоа. Бидејќи само ноќе ги гледаше ѕвездите, кои го преокупираа најмногу, во еден момент се праша себеси: Чии се ѕвездите? На небото или на ноќта? Во наредните ноќи Икар првпат почувствува дека напати дремка го преварува и за миг му се препушта на небесниот сон. Иако небото, посебно ноќе, има некаков беспрекорен ритам што е речиси неможно да биде нарушен, една ноќ небесните светлини, како некои силни борини и лапарди, наместо да му го осве-тлуваат просторот му ги заслепија очите. Небото размолскоти и Икар беше зашеметен. Во неговата глава почна да одекнува некаков дотогаш неслушнат џагор. Стана свесен дека тоа што го гледа не го видел никој, а тоа што го слуша, пред тоа не го чул никој. Беше настанало некое безредие меѓу ѕвездите. Околу него како да се палеа некои светилки што проектираа силна поројна светлина придружена од заглушен екот. Онака смајан, се прашуваше дали ќе смогне да се доварди во таквиот стек на околностите. Потоа ѕвездите на небото пак се вразумија, но откако се чу еден необичен глас, откако беше даден нечиј силен знак. Икар првпат сети црно студенило околу срцето, но топлината повторно се врати во неговата душа кога небесните пламења пак го добија својот вообичаен блескот. Се трудеше одново да си го претстави и тој глас, што само го сети но не го чу, и тој знак што само му се присени а не го виде. Спозна дека и гласот и знакот беа господни. Камо среќа Икар да можеше еднаш да го чуе тој глас, еднаш да го види тој знак. Што нема во мигов да се сотвори една волшебна прислушница па да нададе уво за да го чуе гласот господен, гласот неслушлив, а потоа и една маѓесна наѕрница за да ја наѕре недоловливата невидлива ликија господна! За да го види човек себлагиот Господ Бог, можеби треба да се роди со златни зеници, но тоа треба навреме да се разгласи од покривите ако е така. И таков човек ќе се роди еднаш. Ако небото му претходи на сетворецот, тогаш Икар, што се впрегнал во небото, ќе втаса до него. Очигледно е дека Бог минал по небово, трагите му се невидливи, но не се избришани. Дали човекот и сетворецот се одделени еден од друг со безмерната празнина на светот? Можеби сетворецот е еден миг порано или еден миг подоцна од времето на човекот. Можеби треба човекот да стане вечен за да го сретне сетворецот. Но како да се постигне една таква долготрајност? Како човек да биде вечен? Како е можно човек да закачи кол на овој век? Човекот е само трага оставена од вечноста зашто само толку Бог го делил. Еден партал ставен на колец како плашило во бавчата на времето - ете, тоа би можело да биде човечкото лице во вечноста! Можеби е Бог секогаш од другата страна на небото? Од другата страна на хоризонтот? Како да му се рече збогум на семожниот Господ Бог? Се чинеше дека Икар, кој патуваше кон сонцето, не сака ништо од небото додека лета, но сега се виде дека всушност тој од небото бараше сè, од конца до монца: тоа да се отклопи, да се разгрне докрај и тој да може да го здогледа ликот господен. Во божјата ноќ ќе се оствари големиот човечки сон. Ова ли е таа божја ноќ? Ѕвездите што ги гледаше претходните ноќи како треперат одвоено, сега трепкаа заедно како да беа меѓу себе поврзани со блескавите трепки. Ноќта како да се затвори себеси, како да сакаше со тоа да го укрили оној што е среде неа. Во чија чест небото изгледаше некако свечено осветлено? Небото ги користеше и ѕвездите што паѓаа за да ја нагласи уште попомпезно присутноста нечија во таа ноќ. На Икар му дојде усета дека во темнината околу него, под пламениот болскот на ѕвездите, има суштество што е нешто многу повеќе од човек. Тоа беше некој што видел и угорно и удолно и што се движеше пред него и што гледаше нешто што човечките очи сè уште не можат да го видат. Во темнината се мерна и една маскирана сенка, а кога маската беше извадена, не би час на нејзиното место се појави едно уште позагадочно лице кое пак се претвори во сенка. Икар крај себе сети и таинствени величествени стапки во темнината. Му се причу некакво шепотење, се острелоуши, но не можеше ништо да одгатне. Како да се појави повторно истата сенка. Има ли сетворецот сенка? Има, си одговори Икар сам на себе. Кога ќе се затворат очите со очните клепалки, настанува темница: тоа е божјата сенка. Ако со затворени очи успееш да ја пропатуваш таа сенка открај накрај, тогаш, кога ќе ги отвориш очите, пред себе ќе го видиш Него. Во ноќта Икар чувствуваше како му се допираат крилјата со божествените сенки и тој упорно сакаше да им стави до знаење дека нивниот пат е и негов пат. Најверојатно во време на глува доба навчас беше потонал во длабок небесен сон. Небото, или нешто што беше блиску до него, му прозборе, како да го прашуваше нешто, а тој се чувствуваше единствениот што може одвет да даде, и сакаше нешто да проусти, но му се зеде зборот и заб не обели. Навчас на Икар како да му беше истргнато телото од прегратките на слаткиот небесен сон. Се чу ли небесниот ѕвон да ја буди неговата душа? Кој го пробуди од тој небесен сон и кој сакаше со него здраво-живо да направи? Во чиј ритам беше влегол тој? Кој помина таму со блескот, но без конкретно лице? Чија бескрајна душа почна да се спојува со неговата? Чиј галеник стана и на чии галежности беше препуштен? Кој му го допре лакотот и на чие рамо тој си ја суложи главата? Кој му ја зеде раката и си ја стави во својата рака и кој го усогласи својот чекор со неговиот? Со кого сега тој дојде на еден ум? Неговиот поглед се соедини со друг сеопфатен поглед, а сети и еден ѕвезден здив. Самиот Господ Бог како да сакаше да му се јави и како да го чу ехото на еден збор што можеби беше суштиот збор господен. Не, тоа не беше сон. Дали Господ Бог е сон на човекот во ноќта на времето? Во мугрите на Икар умот му беше само во една чиста мисла: се потврдува ли тоа дека штом нешто не постои на земјата не постои и на небото? Тогаш каква смисла би имало моето присуство во испразнетото небо? се праша богобојазливо Икар и првпат почувствува беспомошност. Небото е можеби навистина само еден апартман наменет за божествата, но што е секогаш празен. Можеби небото е напуштено астрално рударско окно? Икар дење како да се наоѓаше среде небесни урнатини. Некакви сили, потаинствени од оние на земјата, го носеа таму-ваму. Небото како да му имаше определено ограничено време за совладување на одделни етапи и знаеше дека веќе е на онаа точка од патот кога нема враќање назад. Икар сфати дека ќе треба да го изоди небото како некој безбрежен проѕирен затвор. Ако одвреме-навреме не погледнувам угоре, си мислеше Икар, многу лесно може да се случи небото сосем да ме напушти и да се најдам во некоја неизодна празнина. Можно ли беше небото да му се потсмева? Икар веќе не беше толку убеден дека може кога сака да ја распостеле својата слобода на бреговите на небото и како да се поставуваше само од себе прашањето дали небото има помошни врати за спасување. Од каде на каде да се зборува со сериозност за она што се случува на небото? Икар почна да се присетува на своите први контакти со лазурот. Неволите како да почнуваат уште во плитката синевина, пред да потоне човек во длабоките азурни бранови. Азурот е син како море и сопрво човек не знае потаму дали му требаат крилја или перки, а бидејќи во тој миг ги нема на себе перките или ножните ципи, на часот ќе си помисли дека од предолгото пловење во ноќта ги загубил патем. Во такви моменти настанува вистински метеж и во секој миг демне опасност со еден погрешен чекор човек лесно да се најде на морското дно, среде златото на потонатите галии или, уште полошо, во адот небесен. Икар веќе како да не беше сосем задоволен од синевината и како да посакуваше некои нови устројби на небото. Патот по кој се движеше угоре не одгласуваше никакви чекори и тоа беше нем пат. Беше дојден часот кога и тој си го постави прашањето карактеристично за сите патници: дали на тоа патување тргнал прерано или предоцна? Икар почувствува дека на илјада начини може да биде надитрен од небото. Неговиот пат сега како да водеше низ небесните лавиринти. Тој ја усети сета сложеност на својата положба на небото кое веќе му плетеше мрежи зад грб. Неговите крилја се мешаа со небото толку долго што се чинеше дека тоа се претворило во најдолг неизодлив пат. И така Икар првпат ја почувствува небесната пустина. Околу него немаше ништо, апсолутно ништо; всушност, негде-годе забележуваше некакви одвај видливи траги, но проретчениот воздух веднаш ги бришеше како да не постоеле никогаш. Својата положба на небото Икар одвај ја чувствуваше како нешто повеќе од сон. Дури и нешто што како крик ќе излезеше од неговите гради, безмерната небесна празнина вчасот го задушуваше. Мораше да стане приспособлив кон небесната самота. Имаше некаква чудесна напнатост на небото. Откако помина меѓу птиците, потоа низ облаците, сега му остана самотничкиот лет низ огромните празнини на небото, а големата извесност на празнината дури и за стрпливиот Икар како да беше неподнослива. Во таа празнина како да имаше некоја голема рана што крвавеше, но не се знаеше каде е ниту чија е. Тој упорно гледаше во небесната празнина сè додека не стана свесен дека не виѓава ништо, а потоа продолжи да гледа и понатаму без да очајува. Некој како да го залостуваше небото онаму од каде што ќе поминеше тој. Оставен сам на себе, Икар беше речиси загубен, но сè уште се извишуваше. Често чувствуваше дека втасал до највисокото на небото, каде што треба да го посретне сонцето, но знаеше дека таа средба ќе се оствари на некоја уште поголема вишина. По својот толкав престој горе сакаше да знае дали има нешто негово на небото. Што е мое, а што е туѓо на небово? Како да ги одредам межниците? Ако ниедно катче на небово не е мое, тогаш кое е тоа мое обетовано катче небо? Тоа што не постои? си велеше. Беше бескрајно сам во небесната празнина. Остава ли тој каква било беленка на небото? Каде се сите оние негови придружници? Тој не сакаше ниту во мислите свои да се изјаснува за небото кое, ете, умееше да биде толку контрадикторно. Ќе зборувам за небото само ако се вратам од небото назад, си велеше сам со умот и токму тогаш почувствува дека со шеметна брзина се куси човечкиот век и му се чинеше дека многу малку има вкусено од животот, ако воопшто успеал да вкуси малкуцка. Веќе долго време траеше неговото патување кон сонцето. Иако чувствуваше дека некако е поткошнат од небото, Икар сепак беше решен докрај да истрае и патот до сонцето, за не дај боже, да го помине дури и во случај да се движи со патерици. Очните заклопки му подгоруваа од жестоките сончеви зраци и веќе немаше сомневање дека му се имаше доближено на сонцето. Во небесниот ден, од силното блескотење сонцето најчесто му изгледаше црно. Ретко се случуваше Икар ноќе за миг да потоне во сон. Не е можно човек да се разоспие во сините височини. Па како би можело човек да ги склопи очите во небото кога и самото небо е око? Кога сепак се случи да завене и да превене малку под небесниот лак, Икар беше првиот клошар што спиеше под мостовите на небото. Во најтемната ноќ што ја сети на небото Икар реши со тратот да ја запали свеќата што му беше дадена во лавиринтот: барем малку од малку да осветли околу себе и да им покаже на ѕвездите дека има и други светлини угодни и драги на човекот. Беше тоа свеќа на еден осамен човек на небото, во темната небесна ноќ. Светлината танцуваше во ноќната темнота од здивот на Икар. Ако постои Бог, а постои, тогаш во пламенот на свеќата што трепери нека го почувствува безнадежното човечко дихание што го вдахнал тој. Икар првпат затрепери силно: од овој миг на небото има живожален страдалник што ќе се обидува во ноќта да остава пораки во небото како што се обидува давеникот својата порака до блиските да ја втисне во морските бранови. Како да беше тоа завршок на животот и почеток на смртта. Икар сети дека крилјата му беа создадени за да се извиши до најсовршената пустина, но не се омалодуши. Изутрината, кога блесна сонцето, Икар гледаше во него и му се стори дека тоа првпат му упатува некакви прекори. Дали сонцето го сметаше него за натрапник што спојмел да му гибне во осилникот? Икар едно време усети дека извишувањето угоре почна да прилега на спуштање удолу и првпат му се стори дека е небото бездна во височините, безмерна сина дупка горе во која се сипеше песокот од ѕвезди. Како да настапи вистинскиот момент за пораката: Ѕ.О.Ѕ - човек во небото! Кога ќе се најдеш во бездната на небото, тогаш најдобро ќе сетиш дека и земјата долу е всушност една огромна бездна. Голема жалост напираше во душата на Икар за луѓето во бездната долу. И тогаш почувствува дека единствено сонцето е она кое со својот безмерен блескот им дава нови вредности на тие две бездни и кое докрај ги осмислува. Затоа тој го боготвореше сонцето и по секоја цена сакаше да му се приближи. Патувајќи угоре, Икар стигна до работ на бездната горе. Патуваше толку долго што пред него веќе немаше никаков пат. Пред него се испречија некакви небесни синдилии. За да се сретне со сонцето, требаше да направи барем еден решителен чекор во бездната. Мораше да се наведне низ прозорецот на небото наспроти очигледната опасност. И тој стапи во бездната. Му се доближи на сонцето толку многу колку што никогаш веќе друг човек нема да му се приближи. Но и од толку блиску го гледаше сонцето онакво какво што мислеше дека е, а не онакво какво што всушност беше, а тоа беше црно, црно како сенка, толку црно што блескаше и заслепуваше. Кога почна да се топи нагло восокот на неговите веќе навлакливи крилја, тој сфати дека бргу ќе ја напушти сцената на која допрва ќе се играат сите ролји. Икар сфати дека сонцето е сенката господна и затоа сетворецот е невидлив. Кој би можел да погледне во лицето господно, во џиновските божји зеници, во неговите блескави очи што имаат трепалки од најблескави пламења, кога и неговата сенка, сонцето, блеска толку силно што до немај-каде ги заслепува нашите очи? Доволно е тоа што луѓето можат да ја гледаат господната сенка, сонцето, и нека биде оно благословено. Во последниот момент, кога Икар заринка со крилјата во небото, во тоа сино платно огрубено како мртовечки покров, кога започна неговото паѓање и кога сè беше црно пред неговите очи, кога го чу тракањето и ритмичкото клацкање на пламените небесни кочии од кои напираше неодреден ангелски кикот, тој сфати дека под неговите крилја извишени до сонцето всушност се криела најголемата бездна во чие создавање со највеличава преданост учествуваше самиот тој со телото и со душата. Токму затоа во последните мигови, кога сети дека паѓа, како што паѓа сивопериот орел врз својот плен, тој не ги затвори очите за да се лиши од погледот што ја гледа блиската смрт. Последното нешто со што беше исполнет погледот на Икар беа облаците. Меѓу земјата и небото, меѓу морската вода и небото, долго ѕунеше ехото на неговиот вратоломен пад. Кога сонцето ги стопи крилјата на Икар, кога Икар го загуби животот, кога небото го загуби Икар, тогаш останаа само птиците со своето цвркотење и со своето летање долу, по рабовите на небото. Икар беше казнет жестоко, по мерата на небото. За него небото беше најдобро поставената стапица во небесната синевина, која може да има и посложени лавиринти и ќорсокаци од оние на земјата. Икар покажа дека и зрачното небо може да биде крваво како земјата. Тој свесно дозволи најпосле да биде одведен од сонцето на губилиште и гробнина да му се не знае, но мир и покој на прахот негов во заедничката сина гробница со другите знајни и незнајни бестрашни навигатори. Икар беше поземен од земјиниот брег од сините небесни бранови што го однесоа во бескрајот, каде што го постави камен-темелникот в небо за присуството на човекот во високите небесни синевини. Икар на драго срце и со сите промислени сили на умот свој прифати да се најде сам меѓу четирите ѕида на небото и да внесе своја лепта во него, зашто чувствуваше дека е призван за тоа. Тој отиде на небото зашто тоа му беше судбина, и со огромна љубов во срцето го истрча првиот блескав небесен маратон што се одвиваше пред огромното сино око на небото кое всушност не виде ништо, зашто остана слепо и рамнодушно кон безмерната љубов на Икар. Во ниеден момент горе Икар не се почувствува како изгнаник зашто небото од почеток до крај му беше вистински дом. Не се растревожи поради тоа што го сакаше прекумера небото, а тоа на крајот му ги даде само облаците. Заедно со Икар, во небото како да умира и нашиот сон, но животот трае уште. Небото е заспан божји океан, небото е божјата проѕирна дланка што го милува нашиот поглед, но не може да го допре нашето рамо. Ќе се примеше ли Икар толку устремно тој да појде до сонцето ако знаеше дека неговото патување ќе оконча онаму каде што почна? Како и да е, од сите нас Икар е единствениот што се движеше право нагоре и падна право надолу. Тој како да не сакаше да се помири со нашата судбина и да чекори надолж и нашир, минувајќи го животот со одење цикцак, да се враќа и двапати да гази во иста река. Икар, исто така, во никој случај не би ја прифатил можноста да биде под нечија закрила при патувањето и однапред, со претпазни мерки, да му биде гарантирана сигурност на патувањето со користење на спасителен појас или со ставање одоздола некоја мрежа за безбедност: тоа би било под секое достоинство и тоа би можел да го очекува во краен случај некој што настапува во циркус, а не Икар. Отсега натаму пуст ќе биде плоштадот на небото: ќе ја нема таму ниту бистата на Икар. Тој се овековечи со својот пад. Икар го положи своето тело на олтарот на сончевата светлина и се претвори во жив факел над врволицата луѓе долу, на земјата, што чекорат во мракот на својата душа низ задушливите лавиринти на животот. За спомен на Икар, небото не треба да го поздравуваме со длабоко поклонување туку со високо крената глава. Откога го снема Икар од небото, тоа треба одново да се премерува, зашто еден дел од небото Икар однесе наземи: и оттогаш небо има и кај луѓето, но најмалку во нивните џебови, а најмногу во нивните очи. ДЕВЕТТА ГЛАВА Иако помина доста време откога Тимотеј толку живописно и со занес ѝ зборуваше на Лидија за доживелиците на Икар, таа сè уште беше под силниот впечаток на тоа кажување. Кога ќе се пробудеше наутро, првин одеше до прозорецот што нејзе ѝ изгледаше како ваза во која и во празник и во делник има свежо цвеќе од небо - прекрасна небесна синоличка. Долго гледаше кон таа сина небесна сцена на која Икар еднаш засекогаш ја одигра главната улога. Се ближеше крајот на летото, а тоа беше време кога Тимотеј и Лидија почнаа да се среќаваат во мугрите, а се разделуваа под ѕвездите. Тој за неа проумуваше сладости што ангелите небесни не би ги проумиле, а таа ги мешаше за него во љубовна напивка сите плодови на своето тело. Лидија прва се спружуваше на креветот, во својата или во неговата соба, и изнаоѓаше безброј предизвикувачки пози во премамливата свежина на белите мугри на чаршафите. Таа сакаше нејзиното и неговото тело да бидат подолго заедно во тие бели цутови на младоста; сакаше да биде кралица на двата кревета и секогаш се подаваше горда, фина, расцутена, спуштена на колена или хармонично облегната на креветот. Каде што други девојки во мигови на љубовта неискрено би рекле не, Лидија стопати ќе рече да, подготвена за уште поголема дарежливост. Развитлената коса на Лидија беше абажур на нејзиното лице кое блескаше како светилка. Поради бујноста на косата, Лидија и гола кога лежеше на креветот изгледаше како да е облечена. Кога беа заедно, Тимотеј и Лидија не го чувствуваа времето. Се бакнуваа, се гушкаа, лежеа на креветот; тој ѝ ги бакнуваше колената, таа со прстите му ја чешлаше косата; потоа мируваа во целосна тишина. Во такви моменти за миг и завенуваа, но кој и да се пробудеше прв веднаш си го препознаваше сонот: Тимотеј ја сонуваше неа, а таа него, и затоа трепките им се испреплетуваа од сладоста на краткиот сон. Тој и таа се чувствуваа толку многу среќни и моќни, што Тимотеј само со еден бакнеж успеваше усните да ѝ ги претвори во медени пити, а Лидија, пак, беше доволно да ги стави своите црвено лакирани нокти на неговата коса, па тој навчас да се здобие со покрив над главата. Во попладневните часови најчесто шетаа прегрнати низ градот, а конквечеру повторно се враќаа во омилената соба со големиот прозорец. За Тимотеј како да немаше ништо попривлечно од моментите кога Лидија се наоѓаше во неговата прегратка и кога таа сосем одблизу, со ширум отворени очи, го гледаше без да трепка за да не го заматува погледот со спуштањето на клепките. Не минуваше многу време кога наеднаш блузата на Лидија се раскопчуваше, заизлегуваа набрекнатите дојки, потоа на подот паѓаше нејзината здолница, паѓаше и фустата и други облекца и повторно, и по којзнае кој пат, почнуваше нивното телесно благување. Настапи и есента, а мислите на Лидија кога наутро погледнуваше низ прозорецот кон небото, усилено ѝ беа преокупирани со она што станало со Икар одамна и што, еве, денес сè уште кај се прикажува. Едно утро, кога таа се доближи до прозорецот, забележа дека небото е прекриено со црни облаци што прилегаа на спуштени завеси на небесната сцена и се симнуваа сè подолу и подолу. Некои од тие облаци се движеа како големи стада овци кои, како што ѝ се чинеше на Лидија, си ги триеја своите мевови од планинските врвови и оставаа врз нив валма облачна волна. Лидија го слушаше свистењето на ветрот кој беспрекорно ги претвораше круните на дрвјата во медузи, а напати и во гугалиња полни со ветар. Таа забележа дека дрвјата со денеска со утре сè повеќе се оголуваат, зашто есенскиот ветар упорно ги истргнуваше ожолтените лисја од прегратките на гранките. Сронатите лисја беа како испукани гилзи што наземи остваа жолтеникав врк. Лидија гледаше како ветрот ги влече паднатите лисја ваму-таму по калдрмата како некоја жолта воздишка. Воздивна и таа, но од длабоката среќа што ја сети во своето срце при помислата дека на светов таа го има својот мил Тимотеј. Од сронатите лисја како да беа нажолтени и стаклата на големиот прозорец низ кој Лидија гледаше во облаците и некаде веднаш зад нив горе си го замислуваше Икар и вчасот ја налегнуваше тага; но не толку за небесниот летач колку поради тоа што по раскажувањето за Икар, таа од ден до ден сè повеќе спознаваше дека кај Тимотеј настануваат некои загадочни промени. Тоа најдобро го почувствува еден ден кога Тимотеј кај неа пристигна дури на пладне. Тоа негово долго доцнење ја зашемети. Таа речиси цело претпладне стоеше до прозорецот очекувајќи Тимотеј да се појави на аголот на улицата и не можеше нормално да дише. За неа беше непрежален секој миг што таа дење го минуваше без Тимотеј. Кога тој се појави на улицата, таа истрча да го пресретне и му се фрли во прегратката, а Тимотеј ја крена в раце. Таа сети бескрајна среќа од тоа што рацете ѝ беа обвиени околу неговиот врат. Во наредните денови пак се случи Тимотеј да не дојде цело претпладне, а Лидија се војваше низ собата и едностојно погледнуваше низ прозорецот кон аголот на уличката каде што обично се појавуваше божествената фигура на Тимотеј. Со очај во душата, Лидија постојано си повторуваше дека е сосем разбирливо понекогаш да бидат разделени; има случаи двајца што се сакаат да не бидат заедно со недели, со месеци, па и со години; но сето нејзино размислување на крајот беше заматувано од нејзиното длабоко чувство дека другите можат да бидат разделени до немај-каде, но дека такво нешто не би требало да се протега и на нив. Кога Тимотеј и по трет пат пристигна доцна, речиси веднаш излегоа и прегрнати шетаа низ градот, а потоа појдоа во градскиот парк при чиј влез водата од водоскоците ветрот ја претвораше во грива на невидливи вихрогони коњи. Кога влегоа во паркот, го немаше џагорот на децата како последниот пат кога беа таму. Тогаш на Тимотеј и Лидија лисјата на дрвјата им изгледаа како вистински жолтеникави седла на кои јаваше ветрот и се обидуваше да ги бодина враните гранки да галопираат на место; а сега, кога навлегоа по патеката каде што имаше повеќе дрвја, ветрот беше побрз и повидлив долу, во паднатите лисја, а горе, меѓу гранките, во сосем проретчените лисја како да се движеше со патерици, а нив меѓу оголените гранки ги имаше илје и милје. Ветрот, како птичје јато, слетуваше на оголените гранки и пак одлетуваше од што тие се нишаа и даваа знаци на живот. Преживеаните лисја на гранките, на кои се забележуваа голем број презапци, молчеа и покрај ветрот, зашто беа проретчени, а мртвите лисја паднати долу, кога ќе се најдеа под нозете на Тимотеј и Лидија, пуштаа болни крикови од своите жолтеникави клунови. Горе, на сматното небо, ветрот ги разместуваше облаците во чие саѓаво огниште одвреме-навреме секавиците проблеснуваа како гламни. Во присуството на црните стебла во паркот, во заканата на громовите што го најавуваа дождот, во ослепителните блесоци на молскавиците што не трепереа ни при најсилен ветар, но што сепак гаснеа сами од себе, во тој есенски ден што лека-полека почна да ѝ го отстапува местото на една избрзана мрачност, Лидија чувствуваше неизмерна среќа што до себе го имаше Тимотеј. Нивните тела, впиени едно во друго, како да беа меѓу себе заварени од жестоките молскавици. Тимотеј и Лидија овој пат порано тргнаа накај дома движејќи се под ниските облаци како под некои ладовни чадори кои секој миг можеа да се претворат во дожд поројник. Првите капки ги усетија кај аголот од уличката на Лидија и, држејќи се цврсто за раце, со трчање стигнаа во собата. Пред полноќ, кога Тимотеј обично си заминуваше, Лидија го прегрна и се впи во него. Тој ја бакнуваше по образите, по носот и очите, а таа сè повеќе се впиваше во него и во еден момент, кога го бакнуваше блиску до увото, со шепот што излезе од нејзината душа, а не од нејзините усни, го замоли таа ноќ тој да остане кај неа. И додека Лидија го гледаше со умолен поглед, Тимотеј со насмев ѝ рече дека тој отсекогаш го сакал тоа, а таа беше толку среќна што повторно се обиде да го крене в раце. Кај двајцата постоеше истата желба да бидат постојано заедно. Лидија веднаш се соблече и си облече нови атлазни пижами и си обу кратки но чудесно везени бели чорапи и седна скрснозе на средината на креветот и не го иставаше погледот од Тимотеј. Во таквите моменти беше потребно кратко време за да се најде Лидија горопала гола во неговите прегратки. Тоа се должеше на нејзината преголема љубов кон него, а Тимотеј го имаше сетено тоа безброј пати. Лидија беше пресреќна кога Тимотеј лежеше на креветот со неа; таа можеше докрај да нежничи и да му се љубува на секој дел од неговото убаво лице; се загалуваа, се жештеа и заемно си запловуваа во широките прегратки. Утрото се разбудија истовремено од силното тропање на дождовните капки по стаклото на големиот прозорец. Како по некој договор, ги отворија очите и се погледнаа сосем одблизу, а беа прегрнати онака како што заспаа. Забележаа дека се покриени со мекото ќебе што го раширил некој од нив пред да биде надвиен од сонот, но не се сеќаваа кој го сторил тоа. Тимотеј стана, отиде до прозорецот и гледаше како силно врне. По кратко време до прозорецот дојде и Лидија, застана пред Тимотеј, свртена со грб, за да може и таа да гледа во дождот чии капки го преградуваа прозорецот како некои железни прачки. Лидија беше гола едноставно поради тоа што премногу сакаше да биде гола кога е со него. Дланките на Тимотеј се движеа по нејзиното тело бавно, како да ја топлеа, а кога стигнаа кај дојките, се задржаа таму. Тимотеј и Лидија гледаа низ прозорецот како преостанатите лисја на гранките од дрвјата како некои исплазени јазици го лижат дождот во кој учествуваше целото небо. Дождот беше толку силен и толку густ што се чинеше дека дрвјата, што ги гледаа низ прозорецот, се наоѓаат во некој аквариум. Дождот паѓаше врз покривите на ниските куќарки кои како да беа потонати во вода и дишеа со ќерамидите како со жабри, како некои вистински црвеноперки. Брзите јата на ветрот се пробиваа низ огромната харфа на дождот и го подзасилуваа тропањето на дождовните капки по стаклото на прозорецот; стеблата на дрвјата изгледаа како голи човечки тела, а калдрмата на уличката ласкотеше како да беше полирана. Врнеше толку силно небаре се урнала некоја небесна брана, при што есента го имаше доловено своето вистинско лице. Тимотеј и Лидија седнаа на креветот. Таа со насмевка погледна кон него, но забележа дека лицето му е тажно. Таа не сакаше да ја покаже својата голема вознемиреност поради чувството на поттурнатост и едноставно си го стави лицето на неговите колена, а Тимотеј, несвесен за својата страдалничка наложност, почна да ја бакнува по топлите рамена, но неговите усни беа студеникави така што тој неочекувано, со нагло движење, ѝ го покри со ќебето голото тело. Во еден момент и двајцата погледнаа кон прозорецот и од таа положба го гледаа само високото дрво од левата страна, чии црни голи гранки изгледаа како вици што го оковуваат прозорецот; како да беше тоа окно од некоја затворска ќелија. Лидија во длабочината на душата сети дека во тој час Тимотеј се чувствува како некој скукулен заробеник. ДЕСЕТТА ГЛАВА Едно попладне дождот ги фати Тимотеј и Лидија во центарот на градот и тие начас се засолнаа под една стреа. Лидија го имаше гушнато Тимотеј и со своите секогаш врели усни му ги милуваше образите што беа студени и влажни од дождот. Тимотеј исто така со раце го допираше лицето на Лидија, но се чинеше дека во тие моменти не беше свесен за тоа, зашто неговите прсти еден по еден го напуштаа допирот. Тој и таа си се насмевнуваа еден на друг и се погледнуваа, но неговиот отсутен поглед ја немаше напрежната топлина. Тажниот поглед како да навестува скорашно збогување на вљубените, а неговиот поглед на Лидија ѝ изгледаше токму таков. Таа сакаше да има повеќе радост меѓу нив. ¥ стануваше од јасно појасно дека Тимотеј, по она што ѝ го раскажа за Икар, од ден на ден изгледаше сè позагадочен. Забележа дека тој повеќе би гледал во нејзината сенка отколку во неа. Лидија не сакаше нејзиниот скрбен поглед да им тежи на неговите очи, но не можеше да не го гледа кога тој беше до неа. Со сите прсти му го милуваше лицето кое нејзе ѝ изгледаше поубаво од кога и да било порано. Го галеше по образите и бојазливо се прашуваше дали Тимотеј во тие допири, место нежноста, ги чувствува ноктите на нејзините прсти. Лидија беше сосем свесна дека не постои нешто што би можело да ги раздели. Нивните две тела и нивните срца би можеле да се разделат едно од друго само ако некој може меѓу нив да смести една огромна пустина, една штура штурелија. Па дури и тогаш низ дините на таа пустина, како низ бранови, ќе проструи нивната голема љубов. Некои од многубројните дождовни облаци на небото имаа челуст на ајкула. Едно време, кога Лидија со своите услупни усни минуваше бавно преку неговите, трешти гром и таа усети дека неговата прегратка бргу се олабави. Тимотеј се разнежи од сето тоа, се расчувствува и одново силно ја прегрна. Лидија не сакаше дури ни да помисли дека нешто почнало да се менува во срцето на Тимотеј, но сепак зборовите што сакаа да си ги кажат не можеа да најдат пат во молчењето кое не беше непријатно, ама беше молчење. Кога Лидија пак го допре со прстите по лицето, Тимотеј малку како да се збуни зашто допирите на нејзините прсти ги сети како солзи по своето лице. Тимотеј малу-малу и туку ќе погледнеше во облаците што го имаа помрачено небото. Можно ли беше тој и таа да се чувствуваат осамени затоа што беа заедно? Дали чувствуваа наситеност еден од друг и дали таа нивна голема љубов почна некако да стине? Тимотеј усилено гледаше во облаците, а Лидија толку многу сакаше да ги открие неговите мисли. Тој од недоапица го изговори гласно тоа што го размислуваше: Облаците, иако толку безлични, како да имаат горе, на небото, повеќе корен и како да се подолговечни од нас што сме долу, на земјата. Од тие зборови Лидија се стресе како птица што во малце време затреперува со сите свои пердувчиња и го прегрна цврсто, се згутави небаре сакаше да се внедри во него. Неговото тело како да поставуваше некакви межници спрема неа. Во безмерен бакнеж таа ги втисна усните свои врз неговите: беше тоа безутешен бакнеж што не може да ги збогати усните, а таквите бакнежи понекогаш се чувствуваат како прангии. Усните на Тимотеј беа склопени во зачудувачко молчење. Оставаше впечаток на непотеглив придружник. Во таквите моменти и Лидија го претпочиташе молчењето. Затоа, кога Тимотеј ќе заустеше да рече нешто, но сепак во последниот миг ќе замолчеше и немаше да се доискаже, таа го допираше со прстите по косата и го бакнуваше по лицето зашто знаеше дека тоа што сакал да ѝ го каже не би било она што таа би сакала да го слушне. Дождот престана, а тие, сè уште прегрнати, тргнаа по улицата и, кога требаше да скршнат по друга улица, на Лидија ѝ се стори дека Тимотеј со својата затаена воздишка го одложи и го задуши нивното можно збогување, иако не можеше да ста-не збор за разделба. Сепак, на првата раскрсница, Тимотеј се збуни и потсвесно како да сакаше да тргне сам во некоја спротивна насока. Лидија ја насети неговата збунетост и му предложи овој пат таа да го испрати до дома, а Тимотеј го прифати тоа со радост и со некаква чудна насмевка. Веќе се стемнуваше и почнаа да се палат уличните светилки. Нивните две сенки, наземи, поврзани со некакви темни нишки, некако беа поблиску една до друга отколку нивните тела, зашто во тој момент се држеа за раце и не беа прегрнати. Но не можеше да помине подолго време без да се распламти одново нивната крв. Настроеноста на едниот кон другиот во иста мера беше присутна во двајцата и не знаеја за друга среќа освен среќата да бидат заедно дури стои векот. Кога овој час некој самопоканет би се обидел да ги раздвои само за вечерва, но сега, не потаму, нема да успее, па дури да е тоа и сетворецот севишен. Повторно чекореа прегрнати, а зборовите што си ги упатуваа одвреме навреме доаѓаа речиси од работ на молчењето. Поминаа и покрај дрвото кое на своите гранки сè уште ги имаше сите лисја кои поради големината личеа на облаци. Тимотеј и Лидија одеа молчаливо во темнината и го вдишуваа студениот мирис на црните цвеќиња на мракот. Иако се држеа за раце и се прегрнуваа, Лидија чувствуваше дека одат на одредено духовно растојание еден од друг кое од пред извесно време како да се почитуваше стриктно: беа блиску, ама сепак на растојание, небаре секој се движеше по својата релса; заедно и близу ама на раздалек од еден душевен праг. Молчењето им беше толку мачно што дури чувствуваа како им тежи врз усните. Одвреме навреме ветрот му принесуваше на Тимотеј неволна воздишка откорната од градите на Лидија. Да ѝ го оттргне некој Тимотеј за Лидија би значело како некој да сака безочно да ѝ го искорне дишењето од градите, зашто таа длабоко во себе чувствуваше дека е создадена од неговото дихание. Љубовта што ја чувствуваа еден кон друг беше толку силна и непоништлива што немаше потреба да се докажува. Нивните срца никогаш не ќе можат да ѝ свртат грб на таа голема љубов. Секој од нив беше повеќе во другиот отколку во себеси. Ниту водата на цел еден океан не би можела да го изгаси пламенот на нивната љубов. Па сепак, како да беше ги фатил некој лош саат и како да се подготвуваа за збогување со таа незгаслива љубов. Паднати влажни лисја, студеникав ветар, дожделиви облаци и љубов. Чудесна студенина напираше во душата на Тимотеј што тој неволно ја насочуваше кон Лидија. Таа почна да спознава некои свои душевни рани, а очекуваше и некои допрвешни загадочни казни зашто претстоеше долга зима. Пристигнаа кај Тимотеј. Не може да се искаже со зборови колкава желба имаше тој неговата мила и сакана Лидија една ноќ да преспие кај него. Се случувало таа да остане до најдоцникавиот час, на два чекора до муграта, но секогаш, без да се дозборат претходно, заминуваа докај неа и таа секогаш зората ја пречекуваше на својот прозорец. Тимотеј овој пат и да сакаше Лидија да си замине, таа ќе останеше; ако ја истераше низ вратата, таа ќе му се вратеше низ прозорецот, ако повторно ја набркаше, таа ќе му се вратеше во сонот. Ах! уште оваа ноќ да бидеме заедно, па потоа нека се разделиме! - дали тоа го прошепотија немите усни на Тимотеј или беше тоа нем жалосен крик од душата на Лидија. И овој пат до доцна во ноќта траеше танцот на нивните голи тела со вообичаеното похотливо прегрнување, со заемното милкање и коткање и со штедрото завтасување на страстите. Лидија, бескрајно среќна, заспа во неговата прегратка, а Тимотеј стана и ѝ го покри голото тело со мекото ќебе. Тој ја загаси светилката, а запали свеќа и ја доближи до креветот за да го осветлува убаво лицето на Лидија. Седна до креветот и гледаше во тоа прекрасно лице. Ех! кога би можело, тој неа цел живот во пазува би ја носел! Во сонот таа ги мрдаше усните и како да се насмевнуваше. Таа малку се раздвижи и на тукушто разоткриените рамена ѝ се распослаа прамни од косата што беа како крилја со кои таа наскоро небаре засекогаш ќе одлета од неговата соба. Тимотеј седеше безнадежен до неа и ја гледаше под светлината на свеќата. Лидија продолжуваше во сонот да ги мрда усните со кратки молскавични движења кои повеќе личеа на трепетот на ѕвездите, а помалку на некое движење. Едно време му се стори дека таа зборува; и навистина зборуваше нешто. Тој се сведна потихом над неа и го доближи увото до нејзините усни, но зборовите што ги изговараше таа како да ги однесуваа со себе и нејзините усни и тој ништо не можеше да разбере. Сето тоа придонесе да почне да го бие мислата дека, што се однесува до Лидија, тој веќе нема време ниту нешто ново да запали во нејзината душа ниту пак можеше да го доизгаси тоа што веќе гореше во неа. И на челото беа ѝ паднале локни коса што личеа на облачинки. Тимотеј, како некој фантом што овде го навеал ветрот од тинти вилаети, ја доближи својата уста до нејзините усни и почна да вдишува од она што таа го издишуваше, и така ги полнеше своите гради со нејзиниот здив сè до мугрите. Тимотеј толку многу се восхитуваше од нејзиното лице кое имаше свежина на извор, и го обземаше ужас од помислата дека тоа еден ден ќе биде прекриено со брчки кои првин ќе личат на одвај видливи решки потоа на бразди, сè подлабоки и подлабоки, а потоа сите тие брчки постепено ќе се претворат во вистински клисури низ кои ќе галопира коњицата на времето со белото знаме од коса. Чувствуваше болка во дното на душата и скрбеше многу од помислата дека лицето на Лидија еден ден ќе биде старо и нагрдено. Тимотеј беше подготвен да ѝ биде предан заложник и би сторил сè кога таа би можела да остане вечно млада и убава. Тој нека биде обезличен и жигосан од бога и од рога, севишниот нека му приложи мака врз мака, нека му вие пилци на глава, ама таа нека остане ваква, да блеска и да сјае. Чувствуваше дека Лидија потсвесно мисли оти тој оладне кон неа, дека не е како што беше едно време, а всушност никогаш не ја сакал толку како последниве денови. Кога би можела Лидија да ѕирне низ клучалката на неговата душа тогаш милогласни пилци би цвркотеле во нејзините размирени мисли. Тој речиси страдаше поради таа љубов која веќе одеше до безумие, но беше упорен во определбата: маската што си ја стави отсега натаму да биде неговото вистинско лице. Чувствуваше дека големата љубов, до без граници, каква што е нивната, треба да биде прекината за да остане голема дури стои векот; зашто вода што не извира од некој вруток или водоврик и што не секнува во некој варовик, не може никого да оджеди, но не може никого и да зажедни. Знаеше, исто така, со колкава радост се подарува една роза и со колкава возбуда се прифаќа тој подарок! Но што станува со неа по три-четири дена? Свенува и се фрла во ѓубрарникот накуп со другите отпадоци. Мислата негова беше таква: при можната нивна разделба, неговото страдање за неа и нејзината олелија за него да бидат нивно тргалиште за големата љубов која не треба да биде победена од мимолетното време, од грдоста на брчките, од сладникавото секојдневие. Таа љубов не треба никогаш да овене. Откако беа заедно, ги заборавија пријателите, познајниците, најблиските. Веќе и не помислуваа на своите најзначајни обврски: таа на почнатите студии, а тој на завршните испити. Од неговите усни сега Лидија добива студени бакнежи, но љубовта кон неа во неговото срце безмерно расте, и ела сето тоа нејзе да ѝ го каже! Беше свесен што сè може да мисли Лидија за неговото тажно лице, но тој никогаш нема да ја открие докрај својата болка пред неа и Лидија никогаш нема да узнае колку страда тој. Таа негова болка како да се претвори во солза пристигната од длабината на неговата душа на аголот од клепката каде што ја сопре со показалецот и со работ на чаршафот со кој беше покриена Лидија. Кога овој миг свеќата би се претворила во мрамор, кога и пламенот нејзин би станал блескотен мрамор, кога тој и таа би се смрамориле, но со можност за меѓусебно општење, и кога овој миг со сите подробности би станал долготраен, би го одбрал ваквиот миг и би гледал како треперат во сонот тие нејзини услупни усни, би ги одгатнувал нејзините неми зборови и би чекал таа да се разбуди. Сожаливо ја гледаше како спие и знаеше дека таа и спиејќи го сака. Можеби уште од утре ќе биде најавено внесувањето на првите трупови на љубовта во срцата на Тимотеј и Лидија. Чувствуваше дека го изживеал сиот среќен живот со таа огромна љубов кон Лидија во срцето свое. Тој сакаше сè повеќе и повеќе да ја сака и сети дека страдањето негово за Лидија ќе биде продолжување на големата љубов. Веќе како да не беше можно да остане на височината на големата љубов. Тој се најде во положба кога требаше, како Икар, да му се доближи на сонцето и кога мораше да го направи тој неизбежен чекор и да вгази во бездната. Кога светлините на свеќата и на муграта се изедначија, Лидија ги отвори очите, а Тимотеј сè уште бдееше над неа. Таа го пречека неговиот лик на прагот на клепките што ги затвори веднаш, како врата, а Тимотеј како да беше оставен надвор. Но тоа беше само за миг, зашто Лидија повторно ги отвори клепките, рацете ѝ скокнаа од радост и се обвија околу вратот на Тимотеј, за кого големата драма веќе беше почната. Лидија чувствуваше некаква среќа, но толку истанчена и поматена, што одвај ја разграничуваше радоста од болката. Нејзиниот прв бакнеж повторно како да заринка на неговите усни. Тимотеј сакаше да ѝ стави до знаење дека ѝ се поднасмевнува, но дека насмевот е накраен, дека неговите усни и пред преполнетите чаши на љубовта сепак се сушат, а тој навистина немаше што да каже кога на лице беа толку многу работи за премолчување. Лидија како да знаеше што се подготвува, но сакаше докрај да остане божествена. Го истави ќебето и остана гола на креветот. Ах, тие нејзини прекрасни форми и тие нејзини незаборавни плавни движења со телото. Едно време таа стана и нога за нога се доближи до Тимотеј. Си ја стави главата на неговото рамо. Можно ли е мојата глава да му стежна како камен? - си рече таа. А Тимотеј во мислите свои ја прашуваше: Зошто си толку величествена и зошто си толку убава и неповторлива, а јас сум само една прашинка што може да биде одвеана од еден твој издив. Лидија ги стави рацете на неговите рамена и почна полека да ги принесува своите усни кон неговите гледајќи го право во очите. Нејзиниот поглед Тимотеј го чувствуваше како крв што блика од нејзините очи, од тие две сини рани. Се прегрнаа и силно си ги притиснаа усните во долг бакнеж. И Тимотеј и Лидија осетија дека е тоа збогувачкиот бакнеж вдахновен од обострана пламена љубов. Збогум, љубов моја, си велеше Тимотеј, збогум најмила моја, ти што цело време ме сакаше од врвовите на љубовта, ти што ми даде сè без да секнеш, без да се поколебаш, без да размислуваш, ти што на мојата љубов ѝ ги посла во својата душа најубавите цветни килими, ти што знаеше при секоја моја мугра толку убаво да се прекриваш со роса! ти што се трудеше секогаш моите бранови да ги покриваш со пена! ти што пловеше со најблескотните бели едра по размирените бранови на моите страсти! ти што ми ги подари своите најубави ноќи за моите највеличави сни! Збогум, убавино, збогум, прекрасно тело, збогум, душо прекрасна, ти што знаеше да го пробудиш и да го претвориш во јаве она што беше можно да се роди само в сон; ти што пламтеше со повеќе оган отколку што успеав да запалам јас, збогум. Кога заврши нивната прегратка, нејзините усни се растегнаа во еден неодреден усмев; но тоа не беше насмевката од она време кога Лидија вглабуваше од јаболкото што ѝ го подаваше на улица Тимотеј; сега тоа беше насмевка која, по повлекувањето, ги претвора усните во пустински предели. Беше тоа смртната насмевка на љубовта при нејзината привидна завршеност. Лидија веќе можеше да почне да плаче и градум солзи да рони, а Тимотеј бездруго ќе ја смируваше, ќе ѝ ги бришеше солзите без да може и самиот да се утеши; и ќе продолжеа така да се среќаваат во наредните денови, да се радуваат и да страдаат, таа да олелика, а тој да ја смирува. Но Лидија беше докрај величествена и знаеше како да постапува сега, во тој пекол, како што знаеше да биде докрај среќна во цветните рајски полиња кога непрестајно се чувствуваше од арно поарно најаровно. Сега ѝ стана јасно дека среде најсреќниот живот може да се појави смртта, црниот крај, и со некое најголемо спокојство да ти земе мера и да ти стави до знаење дека не е далеку часот кога твоите клепки ќе се најдат под чепорошката на оние два прста кои со беспрекорна благост и со чудесна нежност знаат да ти ги склопат очите за векутума века и дека е можно тоа да се случи уште денес или утре. Лидија почна полека да се облекува и да го покрива своето голо тело, но не со фустан или со некое алиште, туку со некакви облаци, како што во тој миг му се чинеше на Тимотеј. Потоа застана пред огледалото, си ги гледаше очите, извади едно шамиче, шамичето трепереше, но рацете не ѝ трепереа, тоа беше чудно, па со шамичето како да си ги бришеше очите од солзи, а солзи немаше. Кога мислеше дека заврши со таа церемонија, се сврте, ги зеде рацете на Тимотеј, му ги бакнуваше полека прстите. На крајот со двете раце ги стегна неговите две, а потоа нејзините раце како крикови одлетаа од неговите дланки. Во тој момент таа не можеше да го изусти зборот збогум, иако мигот беше најзгоден, зашто веќе ја држеше кваката на вратата. Не можеше да го изговори тој тежок збор зашто чувствуваше дека тој би бил највистински и, ако не го претрае тоа што го чувствува, можеби тоа ќе ја натера да ги свие колената долу на подот, пред стапалата на Тимотеј, да падне на аман, да се самоунижи и да почне, со навирени очи, од срце и душа да го моли да не ја напушта, од земја до небо да му се моли, зашто таа не ќе може да ја преживее разделбата, а Тимотеј секако ќе тврди дека никогаш и не помислувал такво нешто, што е и вистина, но во еден од наредните денови тоа сепак ќе им дојде на глава, тие пак ќе се разделат, ама без достоинство и без гордост. Што сè не би сторила таа за да не биде сама во заминувањето. Го замоли, кога таа ќе излезе и кога ќе си тргне, тој да ја гледа од балконот, да ја гледа како си заминува. Уште му зарача дека, ако сака да ја види, денес или утре, или кога и да е, таа ќе биде во својата соба, во собата со големиот прозорец - во својот манастир. Кога го рече тоа и кога тука го заврши зборот, таа излезе, а шарките на вратата што ја затвори зад себе како да искрцкаа едно немо метално збогум! Тимотеј гледаше од балконот како Лидија се оддалечува, како чекори самски по благоста на земјата без да се свртува, среде улицата, заедно со ветрот што ја вееше нејзината коса како мавтање со шамиче за збогум. И црните гранки на дрвјата се нишаа како мавтање за збогум. Збогум, љубов. Збогум за вечни векови. Зар навистина срцето знае некогаш да ѝ сврти грб на љубовта? Облаците безглаво јуреа по самрачното небо и токму во тој момент, иако невообичаено за тој период од годината, затрешти гром проследен и со далечни грмежи што се повторуваа од облак во облак. Потоа почнаа да молскаат и молскавиците кои од облаците излегуваа сосе коренот. Облаците беа темни како некои камбанарии и нивниот огромен ѕвонец почна да ечи: гром по гром, како да биеја камбаните! Почнуваше страшно невреме, но Тимотеј и Лидија не го забележуваа тоа ечење зашто во нивните души во полн ек им беше сопствената бура. Со најголем укруп во душата Тимотеј гледаше како Лидија, по средината на улицата, сè повеќе и повеќе се оддалечува устрелато, како да има на рамената огромни крилја во кои имаше толку многу збогум, толку многу збогум. Малку по малку, таа исчезнуваше во сопствената сенка што одвреме навреме ја оцртуваа со своето жило и осило молскавиците, тие светилни реклами поставени на високите облачни зданија. Валместите вртушки, среде улицата низ која се оддалечуваше Лидија, сè повеќе ги вртеа своите вретенца и прешлени и во својот вител креваа и вртеа бели хартивчиња и некои други праушки и леталки, а на Тимотеј му се чинеше дека Лидија фрла зад себе шамичиња и чешли за да награмади планини и синдилии за да не може тој да ја довтаса. Кога беше многу оддалечена, Лидија како да се наоѓаше под вода, под некои брзи бранови, и само како при некој проблесок меѓу тие бранови Тимотеј одвреме навреме, како низ матово стакло, сè уште забележуваше како се шари нејзината ликија. Љубовта е нешто од што човек не може да бега зашто таа своите стапици ги става во срцето. Тимотеј сети потреба да ѝ се обрати на љубовта која ги пали и ги жари човечките срца откога се создал веков. О љубов, рече Тимотеј, ако се иселиш од моево срце, каде ќе се населиш? Во манастир? ЕДИНАЕСЕТТА ГЛАВА Во доцна есен многу ранобудници муграта ја пречекуваат крај запалени свеќи, а денот е создаден само од квечерина: проѕирност како да има за оној што си ги подзатвора очите, а темница како да му се фаќа пред зениците на оној што си ги отвора ширум очните клепарки. Прозорците се нагрдени од таквиот матен ден, а небото е докрај смалено. Сонот се излева веднаш по отворањето на очните капаци, а сивиот ден гази грубо врз сонот, ги валка креветските чаршафи. Вратите се глуви, прозорците слепи, ѕидовите неми; тоа е најпогодниот миг за склопување на очите, вкрстување на рацете и стокмување на нозете. Но човек е уште жив во животот лажовит, а преостанатиот пат за чекорење, што води од една сенка до друга, како да му е останат од мртвите. Облаците го наоблачиле небото, а маглата ја наоблачила поморливата земја. Морничавата магла е громорно едро на омрцлавена лаѓа што пренесува отпишани луѓе. Окото е отворено кон шатрите на сивилото, а глетката го заморува погледот. Ѕидот е најсуровото молчење, побездушно и од она на каменот. На крајот од краиштата човек сакал-нејќел ќе си помисли дека е време да се умре, како во протатнатите времиња, пред некое дувло, среде изгниените коски на пралуѓето. Некои зачмаени луѓе, станати од креветот и застанати до прозорците, си влачат волна со умот и одвреме навреме ги отвораат и ги затвораат клепките и од неповта не им останува ништо друго освен таквото проѕевање со очите. Еден сунизок мудар човек, горен на многу огнови, ама веќе изботеан, со избегани години и со дамкосано таговно лице по кое небаре ѓаволот ноќе вршел грав, со вклопени ожебавени образи и одамна давеник во брановите на сопствените брчки што се како траги оставени во прав од некој влак, се превил сиот и зад стаклото на прозорецот како да се срами да гледа надвор, но сепак ги држи очите отворени. Небото е киклопско око со клепки од облаци, само око, без лице; а ветрот бездруго на себе има невидливи гранки штом толку многу се дружи со окапаните пожолтени лисја. Срцето што е создробено од љубовта е како напуштен поднакривен брод среде безмерна бура кој денеска-утре ќе заринка во карпите на безмилосното време и ќе потоне на дното на спомените. Во доцна есен човечката душа што страда како да е постојано на станични збогувања, во студена магла со боја на слонова коска, пред црни прагови, а потоа сè така непрестајно како да има едни две ококотени очи што гледаат сè и сешто овде, а нив никој не ги гледа, како да има некој оставен часовник што го мери само калпавото време, некаква голема водена површина што потопила под своите гнили бранови некое загадочно дно, една штрбава камена славина од која постојано капе времето како крв од свежа рана, еден врашки ветар, што севезден подотвора една расклапана порта, но никако не влегува внатре, едни две жебурави раце подадени кон некој што овде од памтивека го нема и една беспатица по која минува само времето. Маглата одвреме-навреме се крева за момент за да им дозволи на очите да ги здогледаат на врвовите на далечните планини белите градини на снегот. Каков бауч претставува помислата да се биде сега таму, најнасевер, во таа бела лутина, среде тој снежен цут каде што се претеруваат глутници дивиништа со зинати џвала. Луѓето главно се во улога на сенки. Се чини дека по улиците се забележува само црното движење на сенките студени како глечери. Сенките, опточени со застојана светлина, се движат наместо како црни ларви; тие се темни облаци наземи, празни шишарки; сенките се багаж оставен од фантомите. Погледот лесно може да заглави во некоја сенка. Се чини дека сенките, како некој талог останат од изминатата ноќ, се единствената светлина на мрачниот ден. Сенките и ветроштините наоколу се темните сили на слепоста и глувоста останати овде од дедо-прадедо и од пред нив. На човек многу начесто ќе му иде на ум помислата да се качи на призрачниот покрив на времето за да го најде таму озадниот добеган балон на детството во кој е уште зачуван тој возвишен и неизгублив младешки здив. Во градот како да настапило време на целосна рамнодушност и замреност, а само многуводната река често знае да набуи и да се прелее и тоа како да ѝ е единствениот начин да ја смие горчината од своите брегови. Луѓето како да имаат павови на очите, се држат поскраја од настаните и не пројавуваат разбирање за никакво туѓо премреже или олеле и нивните снисходливи погледи скршнуваат од каква било глетка. Ретките минувачи, одејќи безволно по запустените улици на градот, имаат поглед само за наземи. Во градот сепак нешто се случуваше. Едно улично беломуцо куче се движеше од стариот дел на градот кон центарот, следено од погледот на еден навидум неизделкан причудлив човек, со мошне забележлива лузна под левото око, што одеше на колк ододзади со рацете в џеб и чија изветвена облека веќе се прокинала и речиси дотаму ја дотерал што само малку недостасуваше па тој да прооди гол. Кучето душкаше, поттрчнуваше, се враќаше малку назад па пак грабадинаше напред. Жалникот се шанташе зад него и не го испушташе од вид зашто беше убеден дека, штом го следи тоа бушаресто куче, престанува неговото бесцелно лутање. Во близината на Камениот мост, на кучето како да му се спи вода и тоа слезе до надојдената река и одненадеж спливна во матните води накај спротивниот брег. Човекот ги извади рацете од џебовите и заклоска накај мостот и кога се наоѓаше на средината на мостот, кучето се појави од под мостот и продолжи да плива воз река кон спротивниот брег. Водата носеше некакви чудни отпадоци кои, гледани од мостот, изгледаа како огромни мртви риби превртени со белузлавиот мев нагоре. Човекот помина преку мостот и слезе кај брегот кон кој пливаше кучето и, додека чекаше, зеде одземи еден лист хартија и почна да прави, како во детството, хартиено бротче кое по малку време се обиде да го фрли во водата, но ветрот го позеде листот, го расклопи и го претвори бротчето во авион, зашто листот летна кон небото како некој хартиен Икар. Желникот си се насмевна на тоа што му се случи, но се усети не како некое дете туку како некој будала однесен, како вистинско старило. Кучето сè уште се пренапрегаше понаправо да ја сече водата низ која пливаше. Пред да пристигне до брегот тоа заобиколи едно ломиште и надокрај, кога се најде на суво, нагло му се зголеми тежината на телото зашто неговите влакна имаа нанижано на себе безброј водни мониста. Кучето пак се упати по улиците на градот, а неволникот со рацете во џебовите џграпаше зад него трудејќи се да разбере дали тоа однавал го одбра пливањето по толку студено време само за да ја загуби трагата пред човекот што го следи или само така му се сакаше. Но кучето пак почна жовијално да потскокнува и да го душка воздухот. Иако сонцето најверојатно сè уште не беше зајдено, веќе почна да се стемнува поради густите црни облаци. Човекот што го следеше кучето наполно беше истрезнет и имаше вистинска желба да му биде господар на животинчето, да му заповеда а тоа послушно да ги извршува наредбите. Тие двајцата дури би можеле и да се даволкаат, тој со задоволство би го слушал авкањето на тоа дребнаво животинче, ќе се радува додека го гледа како припка и тоа би станало негово разгалче. Но дрипавиот жалосник знаеше дека, за да биде некој и нешто за тоа куче, не е доволно само да го следи туку треба, на саатот кога е тоа гладно, да му фрли корка леб и, додека ја јаде, како да се задавува од лакомоста, да му го милува темето со дланката. Кога на човекот му се стори дека тој и кучето веќе се позближија, зашто тоа трет пат подзастануваше, ја вртеше главата наназад, некако милно го гледаше, дури и по малку вртеше со опашот, тоа ја поттурна кротко со муцката вратичката на една ниска ограда и влезе во широкиот двор во кој имаше и кучешка куќарка пред која се наоѓаше сатче со пцоменик. Тоа, откако ја подуши храната, почна да јаде, а од внатрешната врата на куќата излезе едно дете, истрча кај изгладнетото куче, и додека тоа јадеше лакомо, детето кроце го милуваше со дланките по темето, а тоа мавташе со опашот. Потоа детето пак влезе дома, а кучето, откако се вјаде, си влезе задоволно во својата куќарка. На човекот недраго му падна што остана сам на улицата и не беше ни за угоре ни за удолу и уште подлабоко ги забуца рацете во празните џебови. Го пријаде јасник од горчливото чувство дека во овој голем град само тој е вистински бездомник. Долго остана така да стои како вкопан. До пред извесно време единствено задоволство му претставуваше следењето на еден љубовен пар на кој одамна му имаше легнато по трагата. Наместен како за пусија, долго стоеше утаен на некој уличен агол и чекаше да поминат крај него прекрасната девојка и оној вистински убавец до неа. Кога тие ќе пристигнеа, тој како да имаше во секое око по две зеници што беа вистински гледци. Кога тие двајцата ќе застанеа прегрнати на улица, тој три-четири пати ќе препоминеше покрај нив, ќе ги изгледаше убаво од глава до петици трудејќи се тие да не го забележат неговото врволкање. Таа девојка и тој младич, убави преубави, тој ги зеде присрце и тие седум-осум месеци му ја радуваа душата, го правеа среќен и тој некако го тераше векот. Но од пред некое време нив веќе ги немаше. Без нив не можеше да си дојде на себеси, немаше веќе ни волја да се поттурка оттаму-доваму и тагата докрај го превруши. Одамна, кога беше млад, некако чудно се вљуби во една црномурна девојка која му го заврте умот. Таа прво му ги отвори и штедро му ги даде маѓесните богатства на своето вито тело. Таа стана негов овоштарник со реколти што тој ден за ден се трудеше да ги навакса. И преку ден и преку ноќ времето го минуваа повеќе од на легло отколку од на нога. Телесно толку многу се привлекуваа што понекогаш не можеа да се воздржат и не дочекуваа сосем да се дособлечат туку стрвнички и со бревтање се преграбуваа и прилегнуваа на креветот зажарени до збеснатост и блудствување. Таа знаеше да се наружа, да се накити со разни китила, да се нагизди и да се натаври така што тој, омаѓосан и усреќен, одеше по нејзиниот ум како да има гизлици на очите и како да беше зашиен за нејзиниот затилок; ѝ ги пушти дизгините и ѝ дозволи да прави што сака и поради таа вапсанка ги прекина студиите по глума, а сите го фалеа како чудо-момче. Кога со сиот ум мислеше дека е најсреќен на белиов век, зашто таа со сета своја натруфеност му се имаше пикнато под кожа и цврсто го држеше под рака залепена за него, како верна сенка, со забоден голем црвен чешел во црната коса; и кога се чинеше дека им е широко околу вратот и дека тој и таа се сврзани довек, таа се склечкала со некој црвендалест мазноглав гиздавец, со некојси фати-пушти со лачени чевли што ѝ ветил златни планини, и се витосала беследно, а тој се разврши да ја бара, но не ја сретна веќе, како да потонала вземи. Потоа тој се песоса и се оклети зашто беа повредени неговите чувства и остана со чашите в рака, поштурен за нејзините долги коси, за нејзините тврди дојки, за нејзините нозе што му ја препашуваа пресполу снагата, за нејзините подраширени бутови што не му излегуваа од ум и што не можеше да ги преболи. И не треба двапати велење дека не можеше лесно да заборави колку го усреќи таа и колкава возбуда чувствуваше кога со најсилна похотливост и со виждење тој и таа разбушавени водеа љубов и кога неговото и нејзиното срце со своите нестивнати тупоти претставуваа вистинско ергеле. Ех! колкупати кога некоја девојка и најмалку ќе му заличеше на неа, а убавата девојка која беше постојано со својот младич, со многу работи, а особено со бележитата става го потсеќаваше на неговата црнокоса, тој трчаше да ја стигне и кога по нешто и ќе заклучеше дека не е таа, сепак неотстапно настојуваше да ја завтаса трудејќи се да не го сети таа и да не му се изврти возлено како на некој натрапник и со укорни и погрдни зборови да го направи мат и маскара, за да може докрај да се увери дека не е таа, зашто ќе мислеше да не би да била таа и цел ден ќе збираше пукници и ќе си фрлаше фикмиња во душата. Знаеше дека нема да му помине светрум душевната болештина и се опечали, како што му делиле, да си го преосмисли животот. И така, букоглав и настранлив каков што беше, трошејќи ќорлемечки, ќе накупеше сè што е за јадење и пиење, потрув до немај-каде, ќе најдеше некое заветно место на крајот на градот и таму, изеслив како некој гладник во време на гладија, се распушташе да јаде и да пие само за да не мисли на црнокосата. Стана прокудлив и така почна неговото бездомништво кое му го отвори патот за здобивање на една напара својствена за сите оние горени гламни на кои залудно им прогрмел животот. Во текот на сите протатнати години во талкање тој добро знаеше дека во летниот период пуљооките жаби ја користат ноќта за да го претстават како пеење своето крекање од жабурникот, но и сфати потиштен дека токму поради тоа, за жал, често се случувало на многу славеи на бело дење да им клумне клунот наземи и за права бога да ги однесе матната од белиов свет; со болка сфати дека некако се случуваат вистински чуда: беше сведок и гледаше како некои ќопави безумно танцуваат, како некои слепи небрежно си гледаат сеир, како некој голец станува војводец, како некако белото е црно и како некој пришелец се загнездил како старинец. Па сепак, кога еднаш му затаи сеќавалото, едно вистинско навеиште, една ѓаволска превара го натера да се почувствува победно од кога било дотогаш во моментот кога, по пристигањето во едно затантено населено место, надвор од Македонија, обраснато со високи треви и дрвја, откако потчу дека црнокосата е видена таму, одејќи по прашливиот пат, покрај бујното зеленило, и сломен и јадосан дека и таму не беше ја нашол неа, тој, среде тие шешерлави дрвја и гранки претурени од плодови што зрееја, слушајќи една благогласна песна од некое пиле пејовито, толку многу се разнежи од милност што и самиот, докрај расчувствуван, по долги години тага и укруп, благозвучно запеа до што глас го држеше; но само што направи два-три чекори беше се направил црна срамота: откри дека птицата всушност пее откај едни гробишта. Бездомникот, гневлив и со лице темносано од неспиење, уште еднаш погледна кон куќарката на кучето. Го сјаде лута јанѕа. Низ улиците повторно почнаа да преовладуваат сенките што имитираа отсутни луѓе. Денот одамна беше прекршил кога низ една пукнатина во оловните облаци на запад проблесна млаз сончева светлина која, пробивајќи се меѓу две високи згради, како од рефлектор, се разлеа на улицата, во непосредна близина на бездомникот. Тој го забележа тоа и речиси истрча таму, накај поприштето од светлина и, настапувајќи сценски, своето огромно тело го постави така што успеа со својата стравотно издолжена сенка во целост да ја поклопи сончевата светлина разлеана наземи. Исправен мажествено на таа импровизирана театарска сцена, со природни декори, но без ниеден гледач, со замечтан поглед ја гледаше величавоста на својата сенка и се чувствуваше како да ја игра својата животна, но последна улога. Кога наскоро ќе се спушти ноќта, неговите стапки најмногу ќе се слушаат низ градските улици зашто најмногу се слушаат стапките на оние што тапкаат на место. Исто како што се слушаат дождовните стапки кои тукутака чекорат по земјата без да знаат каде одат. Малку подоцна, таму, во предградието, тој ќе може, ако науми, да ја најде само куќата на ветрот, а таа брзо се препознава по окршените стакла на прозорците, по четирите голи ѕидови без таван, а со покрив од небо. Но тој сиромав окапан ретко се решаваше да се одвлече до тоа свое голо гугулјо. Ноќе најдобро се слуша крцкотот на чизмите со чекор од седум милји на времето што поминува. Бездомникот, придружник на ноќта, јадовно се штутка од едно каде било кон друго каде сакало било, без да смогне да се замеша со векот. Тоа штуткање наваму-натаму е неговото постојано живеалиште. Копнееше да има во средишниот дел на градот барем една мала своја пржалница каде што ќе може да се истегари кога ќе посака. Доцна во ноќта и сенките пеат, но никој досега не ја чул нивната луничава самовилска песна. Во огништата на домовите огнот одамна е останат без својата пламена грива, а жарта веќе втонала во длабок сон под дините на пепелта. Во ноќното темнило осамениот човек може постојано да си ја напипува душевната рана и да биде сигурен дека, ако занура, тука некаде ќе го наџбара и сечилото што ја создало. На периферијата на градот, таму каде што пред полноќните петли понекогаш пристигаше запустеникот, ветрот го собираше ехото на доцноесенскиот пој на ноќните птици што крескаа силно и што непрестајно се издалечуваа низ оголените црни гранки на дрвјата, сè додека и самите не се претвореа во ехо. Бездомникот, прибран во своето голо гугулјо, по долго време сети некакво блаженство во душата, во прв ред поради тоа што пред неколку часа успеа со сопствената сенка во целост да го преклопи поприштето сончева светлина. Не можеше да заспие од возбуда. Стана и запали свеќа, а околу-наоколу беа четирите голи ѕидови. Се доближи до свеќата и се сврти кон неа со грб и отспротива ја гледаше својата огромна сенка обесена на ѕидот како некое оружје. Си иде врагот по своето, зашто во тој момент бездомникот некако се окопити и се погосподи, небаре крила му пораснаа, и усети неоткажлива желба да замине некаде далеку-далеку. И пред да излезе надвор, тој енергично ја симна од ѕидот и својата сенка, како да симнува сабја дипленица, и ја понесе со себе. Во темната ноќ, во чија долга и густа црна коса немаше ниту еден ѕвезден цвет, пустиот окапаник, кој си имаше догрдеано самиот на себеси, слушаше како пеат првите петли, а потоа пееја и вторите и петлите трои пропеваа, но песна сепак како да немаше зашто гласот на огноперите бендери се губеше во ноќниот простор без да создава ехо. Дури ни криковите не се слушаат кога се зад гори и планини. И така, неусетно, од одвај забележлив нагребок ќе шурне крв. Една капка човечка крв е доволна за да ја наруши белината на светот, а крв понекогаш шика толку многу што човек може да се огледува во неа како во црвено огледало. Крвта е сенка на џелатот, но ожесточениот џелат не се задоволува само со тоа, особено кога џелат е љубовта. Ах, тој напернат џелат што дење-ноќе сумти и со досмртна жестокост ги сотира поснопица своите жртви, тој има куќа-срце со базен полн крв. Тој е најнеумоливиот и најпесосаниот џелат што не знае ни за ама ни за аман и ако ти спотера сушина од него нема избавиште. Таквиот дигноглав џелат човечката душа ја вади со палци и со колци. Треба да се знае дека смртта е сосем наблизу, а нејзината помамна стапица поставена во сенките наши се гордее со секое свое самовласно штракање. Смртта, и кога треба и кога не треба, непрестајно ја истегнува својата црна шија за да се напие од изворот на живите. ДВАНАЕСЕТТА ГЛАВА По подолго време од разделбата со Лидија, кога се почувствува најбезутешно, Тимотеј уште во раните утрински часови тргна накај полето, онаму каде што на почетокот на летото тој и таа ја поминаа најбурната ноќ. На периферијата на градот, каде што се имаше спуштено темна густа магла, во правецот каде што се движеше забележа група луѓе од средна кова наредени во круг. Кога се приближи до нив, забележа дека тие, застанати околу-наоколу, опкружуваат еден извиличен човек, со забележлива лузна под левото око, спружен со грбот наземи, со рацете во џебовите, а очите, чии клепарки го имаа прекинато колвањето, му беа упатени кон небото. Беше очигледно дека тој веќе отпатувал во вечните ловишта. Еден од луѓето во кругот се поднаведна и со чепорошката од два прста му ги склопи очите за да не ѕурат во небото кое во вакво време служи само како сврталиште на облаците. Тимотеј, кој почувствува дека на лош саат дошол тука, спружениот човек наземи го познаваше од улица, па потресен од случајот, побрза да го напушти предградието пред да довјасаат гробарите. Кога Тимотеј пристигна во полето, птицата на љубовта веќе ја немаше ниту на гранките ниту на небото: таа решила да замине од другата страна на хоризонтот. Каква заплашувачка тишина и колкава осаменост околу Тимотеј; човек ќе збере страв дури и од некое потајно ехо. Тој чекореше низ студенината на полето и низ маглината што се создаваше од неговото дишење. Пред него се наѕираа дрвјата што прилегаа на коњи впрегнати во сивите амути на маглата. Долго време се војваше сам наваму-натаму низ мрачните патишта на полето пустеливо, и во еден миг како да заталка во шумата на своите чувства и како да го водеше за рака некој фантом. Тимотеј овде како да беше поканет да го отвори балот на осаменоста држејќи ја цврсто во својата прегратка отсутноста на Лидија. Земјата по која газеше беше мека и тој се сврте и погледна назад и се најде на чудо што сопствените траги му изгледаа како фосили. Сега тревата крај патеката низ која минуваше беше некако метално накострешена. Му се чинеше дека крвта му се кине од глоговите што ги имаше во срцето и бесполезно му се растура по жилите. Тимотеј се чувствуваше како човек кој некогаш добил сè, но подоцна и загубил сè. Тагата во неговата увилена душа тежеше повеќе отколку што му тежи на подзабрзаниот номад насобраната глекава земја на обувките, отколку што тежи грабнатиот плен во канџите на орелот и отколку што тежи, при првиот мрак, оловото на сонот врз клепките на детското око. Кога човек би можел да се претвори во становит камен, тогаш наверно би можел да живее без љубов. Ех, таа љубов! кога почнува да се реси и да се сипе, не е можно да ѝ се сошијат рабовите. Тимотеј забележа еден лист како се одвои од една гранка и, како на некој голем бал, со прекрасен танц во прегратката на воздухот, се спушти наземи. Ах! - си рече сам со умот Тимотеј - сронатиот пожолтен лист смогнува каде-каде поелегантно од човекот да го пресретне своето скончило. Со болка во душата уште еднаш се присети на спружениот човек во маглата, со големата лузна под левото око. Ненадејно почна да дува силен ветар што пристигаше како тешка воздишка од студените усни на хоризонтот. Маглата за мошне кратко време се проретчи и речиси ја снема. Во доцна есен, кога за подолго време престануваат да паѓаат дождовите од жолти лисја, се добива впечаток дека дрвјата си го собрале крунестиот чадор во футролата на стеблото. Тимотеј се загледа во оголените гранки на дрвјата кои најдобро знаат да му прогледуваат низ прсти на небото; но тоа како да е само привид зашто на чабавите гранки на дрвјата, на тие вистински парози, небото сепак беше набодено како на вили. Секоја оголена гранка е лак од кој тажните птици како стрели одлетуваат во осаменоста на просторот. Црните гранки на оголените дрвја личеа на поставени скелиња подготвени идниот март на нив одново да се ѕидаат зелените палати на пролетта. Тимотеј го забележа изворот од кој пролетта тој и Лидија пиеја вода. Сега сè изгледаше поинаку. И покрај беспрекорната проѕирност, си рече Тимотеј, бистриот извор е слеп: реката морето го гледа. Високо горе под облаците минуваше јато жерави од север кон југ, а шумот што го создаваа нивните крилја пристигаше до Тимотеј како воздишка. Колку многу збогум, колку многу збогум имаше во размавтаните крилја. Тимотеј погледна во далечината и почувствува дека таа му се заканува со хоризонтот како со некоја измолкната сабја. Планините во далечината изгледаа како пајажина нафатена по рабовите на небото. Попладнето, неочекувано за тоа време во годината, силниот ветар се расфучи и се претвори во виор. Првин од него најмногу трепереа преостанатите пожолтени лисја, потоа и гранките, а надокрај и стеблата. Ветрот почна да вилнее па Тимотеј мораше да се затскрие зад огромното свргаво стебло на едно дрво што се наоѓаше во близината и кое, за разлика од другите, беше речиси џиновско и на својот стеблак ги имаше зачувано сите лисја. Од страната на стеблото каде што се притули Тимотеј дрвото беше чудно поткопано и му се гледаа огромните корења. Се чинеше дека гороломниот ветар може да ги одвее дрвјата сосе коренот, а беше кадарен, исто така, да го измести и хоризонтот и да го издалечи уште повеќе. Тимотеј, застанат во заветрината на стеблото, го слушаше 'рскотот и плускотот во гранките и во лисјата, а потоа се спушти кај поткопаните корења и си ја вовлече главата меѓу нив. Тимотеј беше вчудовиден: два краја на едно исто дрво: горе застрашувачка бучава и оглушливо арлукање, а долу, меѓу корењата, сè е тивко и спокојно. Силно се растрепери душата на Тимотеј од усетата дека човекот е составен само од гранки и лисја и нема корења, и затоа нема ни спокојство ни мир. Дрвото, уште кога ќе из'рти од семката, го почнува своето вишење кон небото, па гранките свои подоцна со устрем ги забодува во небото, во небесната синевина, и ги прифаќа птиците што летаат на небото, но сепак коренот му е подлабоко навлезен во земјата отколку што му се гранките навлезени во небото. Коренот е големо нешто: кој и да е корен, каков и да е корен, каков сакало било корен. Потоа ветрот почна да постивнува и на гранките долетаа неколку птици што гракаа вознемирувачки. Пожолтените лисја на гранките на големото дрво се смирија и заприлегаа на склопени очи. Времето се разведри, облаците сосем се проретчија, а се појави и сонцето што беше на заод. Тимотеј минуваше во предел каде што Лидија веќе ја немаше. Тој простор некогаш беше среќно катче со соба и со тревен килим за двајца, а сега е само место поплавено од жолти есенски лисја расфрлени поземи како глави што сабјата на ветрот ги симнала од рамената на дрвјата. Каде е сега Лидија? И камо сега да зацрца тој нејзин шенлив и милен гласè Таа сигурно од сè срце би сакала да биде овде со него, но ете, не може ни трага да најде од неа. Тимотеј длабоко во душата чувствуваше дека големата љубов, каква што беше нивната, мора да има некој џиновски сведок со вечно паметење. Па каде е заштурен сега тој голем беследен сведок на нивната љубов? Во кој џенем ли е згнетен та да се видневиди и потраг да му се не знае? Бесцелното чекорење на Тимотеј овде бездруго ќе сконча во некоја пуста пустелија зашто во полето пустеливо тој се чувствуваше како пустиник. Бидејќи Лидија не беше крај него, Тимотеј чувствуваше дека крвта не му струи низ жилите ами му тече однадвор по телото. Празнината во просторот ја чувствуваше и во душата. Влезен ли е веќе во пустина? Во тој час, на зајдисонце, кога барем неговата издолжена сенка би била допрена од сенката на Лидија, и со толку тој би бил среќен. Веќе ништо не можеше ни да го изненади а камоли да го опсени. Одејќи така, Тимотеј како да се трудеше да се подистави од стварноста за да може своите денешни чекори да ги смести во оние поранешни свои траги кога овде чекореше заедно со Лидија. Сега во влажната земја трагите на Лидија и неговите беа заменети со лочки и со траги од птици што прилегаа на ситни крстиња на кои непрестајно се распинаше неговата грешна прегрешна душа. Душевната болка му беше пожестока од умирањето на крст. Се чувствуваше како да се наоѓа во некоја глушина кај што петли не пеат, иако токму во овој предел, кога беше заедно со Лидија, го сети вистинскиот восторг. Сега единствено живо нешто крај него беше неговата сенка и тој за миг како да повте да ѝ прозбори. Од градите му излегуваа тешки воздишки. Ах, кога тие барем би напирале во едрата на некоја каква таква надеж! Не можеше да најде мера со која би ја измерил отсутноста на Лидија. Тимотеј одеше нозете кај што го носеа, но чувствуваше дека чекорите му се мртви. Кога се доближи до едно скорчаво дрво, од него одлетаа неколку сплашени птици откако на разнишаните гранки го оставија својот силен крик. Покрај патот забележа падната ранета птица која веќе не можеше да му служи на јатото. Во полето издолжените сенки личеа на мумии. Во еден миг во далечината како да му се присени Лидија, како да се мерна вистински нејзината сенка. По патеките пусти во полето како да ги слушаше стапките на нејзините отсутни чекори. Лидија до врв го имаше преполнето полето со својата отсутност. Полето премногу грозеше без Лидија и каква би била сега ползата од шум на чекори ако тоа не се нејзините чекори и ако е тоа само некое бесцелно приближување. Верувајќи дека ја напушта Лидија, всушност Тимотеј без предишка како да одеше накај неа. Барем да го слушне ехото на нејзиниот глас. Се чувствуваше како смртно ранет ѕвер во прашумата на љубовта. Се војваше така со саати, а потоа седна на еден нагниен трупец и чувствуваше дека овде до него, во темнината, е и Лидија; таа бездруго е тука зашто тој уште дента како да ја соѕре во далечината нејзината сенка. Најдобрата утеха за човекот сè уште може да биде неговиот сон, но сонот знае да доцни толку долго што човек останува очаен: однатре не доаѓа ништо зашто мешунката е празна. А кога доаѓа сонот, доаѓа со два куфера в раце: едниот полн едночудо шарени залажачки, а другиот полн кошмари. Тимотеј можеше ноќта да ја натовари ни многу ни малку со тони и тони свои кошмарни соништа. Барем да ја видам нејзината сенка... - и сенката на Лидија, топла на рабовите, вчасот како да се најде пред него и во неа тој како да забележа ѕвезди. Вчудовиден, си ги склопи очните заклопки, но тие како да беа провидни, уште ја гледаше сенката, иако сенката не знае да се враќа по своите траги. Барем уште еднаш да ја допрам... И не само нејзината сенка туку и Лидија како да се овоплоти пред него! Се возбуди, се препали и ги затвори очите за да си подојде на себе и да се врати во реалноста. Тој како да загуби сè во тој волшебен миг на вознесение. Лидија беше таа што му недостигаше и што му се губеше непрестајно од пред очите. Каде, каде да те барам? - Барај ме, барај ме во сонот! Ти си витезот на моите соништа - како да го слушаше гласот на Лидија, а тоа беше неговиот глас што му се враќаше од ехото. И во тие кошмари, сакајќи што е можно повеќе да ја приближи Лидија до себе, тој сè повеќе ја губеше. Кога добро ги отвори очите, без да знае точно дали извесно време подзавенал или не, забележа дека беше свечерено. Почувствува дека засекогаш ја загубил Лидија и вчасот го обзеде тажновина. Па, збогум во оваа студена ноќ, изусти тој. Тимотеј не сакаше таму, во полето, да го чека разденувањето, зашто добро знаеше дека муграта ќе му наталожи црна роса во душата. Тимотеј ги пребираше спомените што му навираа и веднаш се врати во онаа незаборавна летна ноќ и му дојде на ум тоа исто вжарено ѕвездено небо. Ах, кога би можел да ги види сега тие исти ѕвезди, со погледот би избрал меѓу нив две покрупни, две што ќе бидат близу до Млечниот пат и близу една до друга, и тоа би биле очите на Лидија и тој би гледал долго во нив, и болно би се насладувал од тоа нивно далечно трепкање со тие пламени трепаници. Таквата размисла не можеше лесно да си ја крене од умот. Со јазикот полека си ги влажнеше скоравените усни како некој на зле болен, со чувство дека ги открива трагите од страсните бакнежи на Лидија. По извесно време, Тимотеј тргна накај градот, а на небото, што се имаше намрежено, навистина се зајавија и ѕвезди, но тие беа толку неубедливи, без сјај и без трепет, така што не личеа на ѕвезди туку повеќе прилегаа на некаква небесна краста. Подоцна Тимотеј го забележа на небото и одвај видливиот срп на месечината која во тој момент изгледаше како отсечен нокот од сонцето, нокот што залудо се обидуваше да ја гребе темнината на ноќта. ТРИНАЕСЕТТА ГЛАВА По лицето на Лидија, како низ пустина, непрестајно патуваше карванот од солзи. Не шамиче, си велеше таа со умот, за моите солзи ми треба леѓен. Солзата е црвец во окото што под очниот капак е како под некој тежок камен. Боже, немо крикна Лидија, па јас сум ослепена од сопствените солзи! Очите ѝ беа два гејзира полни солзи. Колку повеќе би се гласела болката кога солзите би паѓале на некоја камбана. Нејзините солзи беа толку врели, што ѝ ги имаа подгорено очните капаци. Солзите, течејќи по образите, бездруго ќе печеа многу помалку ако луѓето на образите имаа олуци. На лицето на Лидија болката беше врзана со синџир од солзи. Веќе со недели солзите им беа верни сенки на нејзините очи и сите прсти ѝ беа изморени од бришењето солзи. Трепките, на рабовите на очните капаци, се ситни гранки со крупни плодови од солзи. Понекогаш насолзеното око е блескав орнамент и тогаш солзите прилегаат на украсни џиџиња вклопени во бижутеријата на трепките како кристални призми. Еднипати солзите постигаат совршенство и речиси стануваат вистински бисери во школката на очните капаци. Солзите како да имаа нокти; тие на образите на Лидија имаа направено гребеници. Таа немаше дарба да ги сопре солзите, а и без тоа тие течат низводно. Кога солзите премногу печат и болат, се чини дека не течат од очите туку од некои незакрпени рани што се во душата, а телото вешто ги крие. Место крв, си велеше Лидија, во моите жили течат солзи. Како би можела сега таа да ги измами солзите? Ех, да може да им подметне некој детски образ, тогаш тие нема толку многу да печат. Низ прозорецот Лидија гледаше во далечната планина и некако сакаше нејзиното лице да биде спокојно како неа, но од ден на ден сè повеќе се размируваше па надокрај и планината не ѝ изгледаше спокојна, а сите тие денови сонцето како да заоѓаше зад вистински рид од солзи. Во бессоните ноќи Лидија на своите образи го чувствуваше образот на солзите жалосници што течеа како лава од кратерите на нејзините очи. Нејзините образи беа создадени по вистинската мера на упорноста на солзите. Веќе како да беше можно по солзите човек да ѝ ги препознае очите. Очните капаци на Лидија беа откатени мешунки полни со бобинки од солзи. Со прстите таа ставаше брани на своите очи, но на крајот секогаш надвладуваа солзите и тие ја покриваа до над очите. Солзите се плодови што се берат во шамичето како во бела кошница. Во тие тешки моменти Лидија беше свесна дека бродот на нејзините љубовни соништа беше заринкан во солзите, во тие топли глечери. Понекогаш, ноќе, Лидија подизлегуваше и како некоја девесница кршеше нозе и снага низ полутемните улици. Можеше да ги поздрави само ноќта и ноќната бездна, без да биде самата отпоздравена. Само некој фантом излезен од на ѓаволот торбата можеше сега да стане придружник на нејзината осаменост. Лидија чувствуваше доволен товар во душата за да потоне дури на дното на очајот. Болката се пробиваше низ урнатините на нејзиното тело, ја разоткриваше нејзината ранета душа, дипла по дипла, како при пеглањето, и тука се склопчуваше како змија. Во нејзината соба, во таа кутија од четири ѕида што имаа боја на изгниени коски и чија студенина напираше уште од прагот, дури и големиот прозорец, во чие стакло таа некогаш со погледот свој и со мислите свои правеше кукли од небото и им ставаше коса од облаци, сега како да се имаше претворено во ѕид. Затоа таа соба Лидија ја чувствуваше како вистински затвор што се заклучува однатре. О ѕидови, о вие бели синџири, крикнуваше Лидија. Ех! кога би огреало сонце над глечерите во нејзиното срце. Во таа соба, во тој бел затвор, воздухот беше црн и Лидија не дишеше воздух туку ги дишеше сопствените црни воздишки. Тоа беше соба-гроб со врата и прозорец затворени од воздишките нејзини. Бидејќи беше осамена, кога се огледуваше во огледалото, тоа некако чудно ја деформираше. Во оваа соба, меѓу овие студени ѕидови, на кои веќе ја нема ниту сенката на Тимотеј, си велеше Лидија, во оваа бездна, ќе се претворам во вистинска мумија. Навечер таа палеше свеќа место светилка зашто електричната светилка наеднаш светнува, но наеднаш и гасне, а фитилниот пламен на свеќата трепери од нејзините воздишки и знае да агонизира слично на човечката душа. За мене, си велеше со умот Лидија, не овенаа само цвеќињата, за мене веќе е свената сета пролет. За мене отсега натаму сè ќе биде доцна, дури и кога сите главни патишта би воделе под мојот прозорец. Кога легнуваше на креветот, се чувствуваше како среде пустина. Претходно таа ставаше импровизирана завеса на прозорецот и во темницата на собата слегуваше во најцрното на својата душа, во нејзините рудници, но тие како да беа веќе исцрпени и таа само ги броеше напуштените окна. Дното на душата ѝ беше напукнато од преголемата љубов кон Тимотеј. Слушаше како надвор врне, а од тупотот на дождот по прозорските стакла во душата ѝ растеа црни камења. Ужалена и наплакана, таа мислеше на Тимотеј повеќе отколку што може да се мисли со една човечка глава. Таа не можеше, но и не сакаше од својот ум тукутака да го извади тој лик што толку ѝ ја пукаше душата. Лидија со болка сеќаваше дека спомените за Тимотеј имаа пуштено длабоки корења во нејзината душа и тоа веќе не беа спомени туку вистински споменици. Сета болка Лидија ја поднесуваше храбро и со доблест и во ниеден момент не можеше да се очекува нејзините нокти да почнат да се дробат од немите студени ѕидови. Безмерната болка, што дури и некоја камила одвај-одвај би ја носела на грбот, таа ја носеше во срцето и затоа нејзиното тело беше потонато на дното на тагата. Таа болка не можеше да ѝ ја одимне никој. Се чувствуваше празна како што беше сега празна чашата од која пиеше Тимотеј. Меѓу усните на Лидија излегоа сите видови крикови. Во тие моменти, од оружје, таа во себе го имаше само крикот. Зборуваше со крикови и веќе долго време сето нејзино присуство претставуваше крик. Отсега натаму, си велеше таа, јас ќе бидам само еден сронат пожолтен лист што ќе биде носен од ветриштата од една до друга есен, и ќе бидам гавран, грешен гавран што нема да знае ни да грачи. Од сопствените неми крикови ноќе се будеше од мачните кошмари. Не можеше да ги набрка криковите што си имаа направено гнездо во нејзиното грло и тие оттаму, како црни гаврани полетуваа без контрола. Нејзината уста во секој момент беше подготвена за уште еден крик. Таа не знаеше како да ги сустапи криковите. Зошто, зошто полетувате во јато? како да сакаше да ги праша таа своите крикови. Ехото на нејзините крикови беше вкоренето во студените ѕидови на нејзината соба. Зошто се потребни тие силни крикови кога не ги слуша оној што ги предизвикува? Затоа таа всушност ги задушуваше со шамичето така што усните почнаа да ѝ се подотвораат во уште понем крик. Колку е тешко и горко крикот од грлото да го сопреш на усните и да го стишиш. Така таа почна да ги шепоти своите крикови што ѝ го имаа наседнато грлото и на тој начин сакаше да го дочува сето достоинство на човечкиот крик кој никогаш не треба да добие призвук на рев од некоја џунгла или од некој кафез. Во следните денови Лидија почна со длабоко молчење да го надвишува крикот и знаеше дека токму со молчење може да се изрази и најсилниот крик што го создава болката во човечката душа. За ехото на нејзините крикови, иако неми, не беше достатен само голиот ѕид туку беше потребна грамадна планина. Лидија не знаеше како се легнува на креветот без да е присутен до неа Тимотеј. Кога сепак мораше малку да се спружи, лежеше со подотворени очи и очекуваше сонот да се фати меѓу клепките како во стапица, но напорите ѝ беа залудни: таа ги склопуваше клепките, а сонот остануваше надвор. Нејзиниот сон беше Тимотеј и тој ја држеше будна. Таа се траќаше на креветот и се надеваше дека, ако за момент мигне, ќе може малку да се одмори од жестоката стварност, но во голема мера и се ребреше да заспие, зашто сонот напати се однесува како господар и затоа тој и не е некое бог знае какво погодно засолниште во кое човекот целосно би можел да биде безбеден. Во сонот е полесно да се оствари средба со саканиот лик, но одвај разбудената глава после е немоќна да ги прати поврага таквите соништа што знаат да бидат кошмарни и потешки и од најграмадните камења. Какво би било човечкото јаве ако во него не е присутно во доволна мера и ехото на соништата? Колку пати човек го проколнува будењето што ќе вруши некој убав сон, но како за пакост има и соништа што знаат да ломат и што се вистински губилишта. Лидија чувствуваше дека од студените ѕидови на нејзината соба се раѓа само тага чија мотика постојано ѝ копа околу душата. Тагата беше присутна насекаде и секое катче беше нејзино. Ден по ден, и собата нејзина почна да се претвора во круг. На Лидија ѝ тежеше дури и крвта во жилите. Сега во нејзината соба шкафовите поинаку крцкаат; вратата како планина стежнала на своите заспани шарки, а се чувствува тага како при есенски дожд. Тегоби, мачнини, тажновина и болка - сето тоа се закожурчило во една кожена торба, ама од кожа од жив човек. Уште взори сончевите зраци, како канџи, осито ги напаѓаа нејзините очи и затоа таа претпочиташе клепките да ѝ бидат затворени; а и отсуството на Тимотеј за неа беше црн превез што не ѝ ги покриваше само очите туку се протегаше надолж и нашир врз нејзината снага и ѝ го ослепуваше сето тело од врв глава до стапалата. Тоа беше причината што за неа и среде белиот ден сè беше црно. Неволничава и немошна, таа линееше и секој миг ѝ беше теглилен. Кога си ги погледнуваше рацете, прстите ѝ личеа на пајажина. Кога случајно се најде пред огледалото, забележа дека во своите глобови има два витела од брчки што личеа на две ветрила. Почувствува дека лицето малку ѝ загрубило од првите брчки што ѝ го имаа подврзано челото како сноп. Лидија без некоја поголема надеж се доближи до прозорецот, ја поттргна завесата и ѕирна со премрежени очи надвор: денот беше црн. Каква е оваа темница среде бело дење? - се праша таа, но бргу си дојде на паметта зашто чувствуваше дека црниот ден со радост ја пречекува ноќта. Не беше тоа толку одамна кога Лидија со отворена врата и со отворен прозорец го очекуваше пристигањето на Тимотеј, а сега ниедно патување не беше управено кон нејзините осамени ѕидови. Лидија, загмурена во својата безмерна тага, се губеше во мрглавите мисли што ја измачуваа и што летаа низ спомените надолж и напреку и пак се враќаа во нејзината глава склопувајќи ги таму безнадежно своите црни крилја. Од нејзината сенка, која секој ден стануваше сè појадра, првин се замрачија аглите, а потоа поцрне сета соба и надокрај Лидија се најде во кратерот на ноќта. Нејзините очи напразно ја бараа муграта во прозорецот зашто таа го одминуваше нејзиниот прозорец, а скршнуваше и од нејзините зеници. Големиот прозорецот како да не беше веќе кадарен во своите стакла да создава сино небо за Лидија. ЧЕТИРИНАЕСЕТТА ГЛАВА Сонцето одбрало еден добар човечки век, столетје, за да се затемни тотално над едно исто место, сред белиот ден, сред ведрото сино небо. Човек само еднаш може да го види тоа. Некои не дочекуваат зашто умираат без ден, а некои поради тоа што притиснати од годините го загубиле видот. Затоа денес, уште од раните утрински часови, на скопските улици и на балконите, отсекаде од каде што се гледа сонцето, преголем е бројот на оние што в рака држат исчадено стакло за да го посматраат низ него тоталното затемнување на сонцето. Само летото ја познава вистинската мера на сонцето кое тогаш премногу пече и личи на осино гнездо и на подлошена рана. Кога сонцето ја стиснува својата ласкава кукунда и кога ни задава топлотни удари, умерувајќи нè точно во слепоочницата, тогаш го чувствуваме неговото жестоко лице, како и неговото усвитено громорно копито што ни гази по темето. Се вртиме, се штураме, а со својот одблесок златното солнечно руно, сместено во стаклата на прозорците, кои преку цел ден се вистински сончогледи, непрестајно ни ги склопува очните клопки за да го заштитиме гледецот во нив. Сончевата светлина од ранина до доцнина како прав ни ги наглотува очите. Многупати се случувало погледот да биде заслепен и разнебитен од премногу светлина. На оној што премногу гледа во сонцето, најнакрај во очите му се населува белата ноќ; и само со блескотот на сонцето во очите човек може да ја здогледа тоталната темница. Сенките се зеници кои никогаш нема да видат сонце. О сонце, ти ги издолжуваш при залезот нашите сенки само и само ние да се чувствуваме мали. Од сè што ни даваш, дали за нас најзначајна треба да биде сенката? И дали ние заради неа или поради неа понекојпат го испуштаме од раце вистинскиот плен? Лете соседи на сонцето се пустинските дини над кои се среќава жило и осило. Во најголемите жештини, на вршник-пладне, кога сенката одвај стрчи од телото, кога сушата ги претвора рибите во скакулци, чекор по чекор, човекот ќе фати пустина каде што единствени патокази се скелетите. Во пустината човек, кому веќе му догорело до ноктите, слободно може на главата да си го стави сонцето како круна и јадовито да му рече без заобиколување: сега, сонце, тангар ти мангар, здолново горе нека се преврти, можеш да печеш колку што ти е волја, јас сум подготвен да горам, па дотука да е животот. Наесен и светлината сончева од небото паѓа на земјата како пожолтените лисја од гранките. Горе често го гледаме сонцето како натрапнички ита во тундрите на облаците. Кога во доцна есен има магла, во неа треба потамина да отвораме рударски окна во потрага по светлина. Не треба човек да очајува и да биде како пиле во колчишта, туку треба да презема мерки зашто, да се тргне од некој темничав осој, по пат осоен да се мине и да се напушти ладовиштето, и потоа да се стигне во некој присој, во прозорит предел присоен, на топлиште, тоа бездруго ќе претставува едно јуначно патување. Зиме, пак, сончевата светлина е остаток од светлина, паберки светлина; морничавиот и трескав ден го пие сонцето како кинин. Зиме соседи на сонцето се глечерите. Има периоди, среде снежните луњи, кога на блескавото тркало на сонцето небаре му се скршува оската, и тогаш сончевата светлина станува млитава и некако се измешуваат зората и залезот. Во таквите моменти како да се чувствува потреба од ремонт на сонцето: при изгревот тоа како да треба да се поткрева со чекрек, со запченици од мразулци; потоа би требало да се вбризне конзервирана светлина во артериите на зората; а на зајдисонце секако би требало да се вбризне светлина и во вените на залезот; и треба добро да се внимава за да се најдат вистинските сини небесни вени што се тешко видливи под кожата од облаци, зашто зиме небото е навистина тридевет кожушно. И сега, кога сонцето ќе биде тотално затемнето, ќе треба да најдеме некој долг жеголач за да му го разгрнеме папсаното огниште. ПЕТНАЕСЕТТА ГЛАВА Тимотеј уште го слушаше младичот качен на велосипедот како ја свири на уста мелодијата О соле мио. О сонце мое! Во толпата забележа дури и еден сумалочен жебуркосан слеп човек кој со стапчето в рака одеше чукара-пукара и, слушајќи што се зборува околу него, ѕуреше упорно наугоре во небото, небаре, ете, и тој е кадарен да го наѕре тоталното затемнување на сонцето. Кога ја изоди долгата тесна асфалтирана улица и сврте лево, по калдрмисаната улица, Тимотеј уште на првите чекори го здогледа големиот прозорец што беше ширум отворен, и првпат по разделбата ја виде и Лидија која стоеше на прозорецот. Таа не го забележа него зашто и калдрмисаната улица беше преполна со секаков џган. Тимотеј се пробиваше меѓу луѓето што држеа в рака исчадени парчиња стакло. Кога почна да се приближува до прозорецот на Лидија, му се чинеше дека некој му ги брои чекорите. Се чувствуваше како да има пајвани на нозете. Кога Тимотеј сосем се доближи до големиот прозорец, Лидија го здогледа, првин се вцрена, а потоа се вледени и жаловито го вкова погледот во него; срцето ѝ затупа безутешно, сети врапит одненадеж бодеж, нешто ја доболе во душата, го затаи здивот, за миг ѝ се зеде виделото, под нозете сети голомразица, се затетерави, но не падна. И двајцата во грлото задушија по еден силен крик. Господ да им е на помош! Нивните усни уште го чуваа вкусот на последниот бакнеж. Мигот кога повторно им се сретнаа копнежливите погледи како да беше време господно. И двајцата беа возбудени и размирени. Пред каква студенина се најдоа сега нивните души кои пред тоа сè си дадоа, сè си зедоа. Се гледаа двајцата така, не со криво око туку засилено очи в очи. Улицата прилегаше на грандиозна арена во која почнуваше големиот тажовен празник на нивните спомени. Тимотеј и Лидија се чувствуваа како две сенки што веќе не беа кадарни да си подадат светлина една на друга. Тешко и горко на нив зашто ниту малу надеж не можеа да си понудат; ниту малу, ниту мрава колку што би носела. Нивните погледи, што пристигаа од дното на нивните очи, течеа како лава од едниот кон другиот. Би се гледале тие така еден со друг сè додека не им ослепат очите и додека веќе не почнат да не се распознаваат. И двајцата чувствуваа дека меѓу нив не може да дојде до некое задобрување што го посакуваа со сета душа. Меѓу нив како да имаше никнато билка разделита и немаше чаре што ќе може да ги состави. Како да беа многу подалеку еден од друг отколку што е издалечена самотната лаѓа однесена од ветриштата на отадната страна на некоја голема вода. И обајцата како да го чувствуваа во себе тој тежок-тежок клик: збогум! Нивните души небаре беа калени како оние железа во ковачниците зашто, за чудо и приказ, еден бог знае како во тоа меѓувреме тие сè уште беа живи. Тимотеј како да ѝ велеше со неутешниот поглед: те сакав најмногу што може да се сака, те сакав до толку бидува, мила Лидија, и ден за ден страдав до страдање што не можев да те сакам уште повеќе, а таа не го сфаќаше тоа зашто нејзиниот жален поглед отаде допираше до него како крик. Тимотеј беше свесен какви влутени рани ѝ направи на Лидија во срцето, но тоа беа рани на кои и самиот ќе им подлегне. Лидија убаво си ги знаеше тие повреди, очекуваше и нови, и таа со погледот како да му ставаше до знаење дека тој може сега, ако сака, да посегне и по крвта на тие нејзини душевни рани што не зараснуваат никогаш, зашто таа е подготвена да приложи уште солзи кон солзите. Сè уште не беше избришан од нивната свест впечатокот дека биле заедно уште пред да се сретнат и дека и по разделбата ќе останат заедно дури им колка душата. Сега толку многу неуништлива љубов пламтеше попусто во огништето на нивните срца. А беа ли достатни тие пламни огнени за да може во нивните срца, како на наковални, одново да се кове железото на љубовта? Досега тој и таа ниту еден збор си немаа речено накриво; ниту еднаш нивните зборови се немаа накренато, а се разделија за низаошто. Тимотеј на улицата, Лидија на прозорецот, сега беа двата брега меѓу кои течеше големата река на нивната љубов; и колку тие двајца, тие два брега, ќе се оддалечуваат еден од друг толку реката на нивната љубов ќе станува поширока, но и подлабока, зашто дното нејзино е преметнато откај небото. Се гледаа жално-жално очи в очи и како да си порачуваа: нека ни стане понежна болката што ќе нè убие нас двајцата што полека ја губиме топлината на животот и како цветови умираме во сопствената пролет и нема никогаш да им се вратиме на среќните мигови на овој живот што веќе и не е наш. Тоа беа тешки мигови за обајцата. Моменти кога плаче душата, кога срцето се кине, мигови што ги сетиле само мртвите од кои мнозина и умреле без спасибог токму поради тоа. Упорно гледаа еден во друг, но нивните погледи беа премногу лишени од надеж. Како да се прашуваа себеси како со таа голема болка во срцата свои ќе живеат вечерва, утре и во наредните многу години. Тимотеј и Лидија веќе ги имаа сетено лутите рани љубовни зададени од сабјата на љубовта, таа сабја дипленица, што се дипли дванаесет дипли, и што сече дрвја и камења, што се носи во левата пазува и остава рани нелечиви. Таа двапати мина низ срцата нивни: еднаш наваму, прекутрупа, во неговото, и еднаш натаму, цикцак, во нејзиното. Како да се чу еден силен прониклив глас: Збогум, засекогаш збогум! и како да беше тоа гласот на Тимотеј. А од прозорецот горе како да се чу и гласот нејзин, на Лидија гласот, и таа како да крикна силно: Збогум. Беше точно осум часот и четириесет и пет минути. Тимотеј пријде до нејзиниот прозорец, а и Лидија се подиздаде напред. И тогаш, во тој судбоносен миг, кога сосем одблизу им се сретнаа вжештените погледи, кога заемно си го почувствуваа и своето дихание, таа најде сили, се подисправи и го затвори прозорецот. Лидија потоа гледаше во Тимотеј, низ стаклото на прозорецот, кое најверојатно беше исчадено од нејзините црни воздишки, и Тимотеј сфати дека и таа, гледајќи во него, всушност, како и сите други што со парче исчадено стакло беа излезени на улиците, во тој момент, исто така, го гледаше тоталното затемнување на сонцето. Скопје 1975/1990 Струга 1991/1995 Искажувања за романот „Тимотеј и Лидија“ За романот „Тимотеј и Лидија“ го презентираме текстот на истакнатиот македонски лингвист и историчар на литературата Тодор Димитровски (1922-2000), објавен во ноемврискиот број на месечникот „Огледало“ во 2002 година. РОМАНОТ „ТИМОТЕЈ И ЛИДИЈА“ - КНИЖЕВНО БИСЕР-ДЕЛО На 21 октомври 1999 година, во Домот на АРМ во Скопје, беше промовиран романот „Тимотеј и Лидија“ од Ташко Ширилов, во издание на "Зумпрес“. Оттогаш измина повеќе од една година, а официјалната литературна критика остана нема. Таквиот молк на критиката го прифаќам како знак на длабока криза во нејзините редови и неизбежен е впечатокот дека критика се пишува само за еден одреден круг писатели, така што критичарите се претворија во промотори при што секое дело што го промовираат го китат со најласкави епитети. Зошто го критикувам молкот на таа официјална (пред сè академиска) литературна критика во однос на романот „Тимотеј и Лидија“? Веднаш ќе одговорам. Романот „Тимотеј и Лидија“ не е дело од вообичаената тековна литературна продукција кај нас. Со задоволство сакам да нагласам дека такво книжевно дело, но токму такво, како што е романот „Тимотеј и Лидија“, се јавува еднаш на педесет години и дај боже да не сум во право, но до едно ново такво дело, за жал, пак ќе треба да се чека половина век. Во изминативе две децении, работејќи над Фразеолошкиот речник на македонскиот јазик ги прочитав, речиси, сите поприлежни прозни дела од македонските автори, така што имам, ако ништо друго, барем скромен увид во тоа што се пишувало и што се пишува кај нас. Така дојде ред да го прочитам и романот „Тимотеј и Лидија“. Деновиве овој роман го препрочитав по четврти или петти пат и секое ново читање сè повеќе ме убедуваше дека навистина се работи за книжевно бисер-дело. Во овој роман авторот обработува една од таканаречените вечни теми на светската литература, а тоа е големата љубов. Таа тема ја има во повеќе познати дела во светската литература, но според идејата на авторот, па и според насловот, „Тимотеј и Лидија“ е најблизок до „Ромео и Јулија“. За разлика од Шекспир, кој ги „убива“ своите јунаци, нашиот автор ги остава живи, но ги разделува кога најмногу се сакаат. Тие се разделуваат „за низаошто“ како што е нагласено во романот со овој префинет збор на Цепенков. Но нивната разделба е знак дека нивната голема љубов продолжува и понатаму, и дека „и по разделбата ќе останат заедно дури им колка душата“. Во што се состои оригиналноста на овој роман? Прво, во неговата композиција: романот е реализиран како сонетен венец во проза за тоталното затемнување на сонцето со магистрал во средината; второ, во користењето на јазикот при што импонира стилското раслојување на богатата македонска лексика што е овде поетизирана и се пројавува со силна стилистичка функција; трето, во прозодиската ритмика на целиот текст која произлегува од силните чувства, од високиот душевен подем, од устременоста кон совршенство на големата љубов („Ако му речеше Лидија на Тимотеј ѕвезда од небото да ѝ и симне, Тимотеј ќе го стореше тоа, зашто нејзе бездруго ѕведата ѝ требала штом ја побарала“); четврто, ВО СЕТО ТОА заедно како беспрекорна целост. Тоа што посебно импонира во романот е детаљот кој со својата пластичност и асоцијативност е употребен така што овозможува да се почувствува јадрото на темата: („Во тој момент на Тимотеј и Лидија хоризонтот им беше најблискиот сосед“). Детаљот, со својата идејно-емоционална улога, е секогаш квалитет во текстот, а не квантитет, и токму по тоа овој роман се разликува речеиси од сите други романи во современата македонска литература. Би се рекло дека натрупаниот македонски духовен квантитет во еден подолг временски период, авторот, со силината на својот талент, насочувајќи ја по нови патишта моќта на книжевната реч, на волшебен начин го претворил во импозантен книжевен квалитет. Исклучително книжевно остварување авторот постигнал и во осмата глава (магистралот) посветена на легендата за Икар. Тоа е вметната повест каква што има во романите „Дон Кихот“ од Сервантес, во „Мртви души“ од Гогољ, во „Браќата Карамазови“ на Достоевски, се разбира и во други познати дела. Секоја таква вметната повест има соодветна цел, а во „Тимотеј и Лидија“ има задача исклучиво со најчист книжевен текст да ја презентира филозофската размисла на авторот за смислата на човечкиот живот. При создавањето на книжевниот текст, за авторот претставува алфа и омега беспрекорноста на јазикот на кој се пишува. Сè се случува во зборот и затоа под контрола е секој збор кој со својата јасност, одмереност, точност, благозвучност и емоционална експресивност воздејствува со сиот свој капацитет и се вклопува во лексиката која, пак, со својата народност особено изразена во фразите и идиомите, придонесува за хомогеноста на текстот компониран со исклучително архитектурално мајсторство. Овде јазикот ни од далеку не е само средство за комуникација, туку тој предизвикува чувства кои кај читателот будат возвишени емоционално-естетски наслади. Ќе повторам уште еднаш дека овој роман плени со оригиналната идеја, со длабокиот сензибилитет на темата, со композицијата на текстот, поетичната интензивна визија за големата неповторлива љубов, со беспрекорната модерност на рефлексијата, со лиризмот и емоционалноста на стилот, со силата на сугестивниот збор, со елеганцијата на идиомите и фразите, како и со ширината и длабочината на имагинацијата, и, надокрај, со книжевната дозираност на секоја реченица. За исклучителниот книжевен квалитет на овој роман придонесуваат и многубројните прекрасни метафори од кои може да се состави една цела поетска антологија. Но во „Тимотеј и Лидија“ метафорите не се експресивни, како што е вообичаено, туку се исклучиво структурални и претставуваат витални "зглобови“ на текстот. Па сепак, се чини дека во иднина романот од критиката ќе биде означуван со епитетот поетски роман што, впрочем, воопшто и не е важно како ќе го нарекуваат. Би било мошне корисно професорите по македонски јазик и книжевност час поскоро да го вклучат во лектирата овој роман на чии страници македонскиот книжевен збор доживува вистински триумф. Тоа што романот „Тимотеј и Лидија“ остана настрана од интересот на врвните пера на македонската литературна критика е загуба, не за романот, туку за критиката. Тоа сведочи за кризата на критиката, за нејзината тромост, а особено за нејзината хипокризија. Затоа воопшто не е чудно што романот „Тимотеј и Лидија“ го одминаа и книжевните награди. Но јас напишав коментар за тоа како се доделуваат книжевните награди кај нас, и затоа ќе се послужам со познатата сентенца дека на романот „Тимотеј и Лидија“ не му се потребни книжевни награди зашто тој, самиот, е награда за книжевноста. Главно е дека романот „Тимотеј и Лидија“ е напишан и објавен. Отсега натаму времето ќе работи за него. Во наредните години сигурно ќе биде преведен на повеќе јазици во светот, а со книжевните вредности што ги содржи на своите страници и со универзалноста на темата овој роман во целост ги исполнува условите да биде прифатен и како бисер-дело на светската книжевност. (Октомври, 2000) Тодор Димитровски